1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ново поскапување на гасот - шок за милиони Германци

СБ
16 август 2022

Гасот во Германија повторно поскапе. Се работи за доплата поради дополнителниот трошок настанат заради спасување на големите увозници на гас кои се принудени да купуваат гас по повисоки цени отколку до неодамна од Русија

https://p.dw.com/p/4FapX
Доплатата за гас ќе изнесува 2,419 центи по киловат час
Доплатата за гас ќе изнесува 2,419 центи по киловат часФотографија: Marijan Murat/dpa/picture alliance

Висината на т.н. доплата за гас беше предмет на шпекулации со недели.Сега е соопштено дека таа ќе изнесува 2,419 центи по киловат час. Таа доплата ќе се плаќа година и половина - од 1 октомври 2022 година до крајот на март 2024 година. Цената што сега е утврдена има важност само три месеци и ќе се прилагодува на движењата на пазарот.

Ова дополнително ќе погоди милиони луѓе во Германија - каде што половина од сите куќи и станови се греат на гас и каде што помалку од половина од населението живее во свои четири ѕида.

Образлагајќи го ова последно зголемување на цената, министерот за економија Роберт Хабек рече: „Алтернативата би била колапс на германскиот енергетски пазар, а со тоа и на голем дел од европскиот енергетски пазар“.

Со ДДВ или без ДДВ?

Проблем создава и данокот на додадена вредност од 19 проценти, кој исто така треба да се додаде на таа цена. Тоа конкретно значи дека просечното домаќинство (3 или 4 члена) што троши 20.000 киловат часови годишно, од 1-ви октомври ќе има повисока сметка за 484 евра или - 576 евра годишно доколку на тоа се плаќа ДДВ. А човек кој живее сам ќе има зголемување од 120 евра или 144 евра годишно со вклучен ДДВ.

Владејачката коалиција соопшти дека ќе се обиде да го спречи плаќањето на ДДВ. За тоа ќе се бара посебна дозвола од ЕУ - која одлучува за тоа.

Освен тоа, министерот за економија Роберт Хабек изјави дека поради поскапувањето на гасот, владата треба да донесе мерки за растоварување на домаќинствата во други области. Треба да се продолжат и програмите за помош на стопанството.

Оваа доплата дополнително ги погодува потрошувачите, таа доаѓа покрај повисоките сметки за гас што веќе ги најавија дел од снабдувачите со гас и електрична енергија.

Поради поскапувањето на гасот, владата треба да донесе мерки за растоварување на домаќинствата во други области, вели министерот Хабек
Поради поскапувањето на гасот, владата треба да донесе мерки за растоварување на домаќинствата во други области, вели министерот ХабекФотографија: Thomas Trutschel/photothek/picture alliance

Поскапувањата веќе дојдоа

Граѓаните на Германија деновиве добија писма од концерните кои ги снабдуваат со гас во кои ги известуваат за поскапувањето - ново поскапување кое е надвор од регуларното и очекуваното и ќе може да се види на сметките од наредната пролет.

Писмото на енергетскиот концерн „Рајн енерги“ изобилува со фрази како што се: „Секој ден во медиумите може да се види дека се случуваат големи пресврти на енергетскиот пазар. Многу влијанија, кои е невозможно да се пресметаат, го оптоваруваат националниот пазар на гас и со тоа - сите нас“.

Следува флоскула за тоа дека „цените на енергијата се состојат од бројни компоненти кои се променети“... „И така, цената за Вас од 1 октомври 2022 година ќе изнесува...“ (следува сума која на многу граѓани ќе им ја замрзне крвта во вените).

- повеќе: Германците „трупаат“ залихи огревно дрво за зима

Во објаснувањата на овој концерн не се споменуваат конкретно ниту Владимир Путин ниту војната во Украина. Наместо вистинско објаснување, „Рајн енерги“ ги насочува своите корисници кон „медиумите“, а таму пишува:

„Зголемувањето на цената на гасот е последица на војната во Украина“ (јавен сервис АРД), со додаток дека „увозниците на гас во текот на изминатите месеци добија многу помалку гас од Русија отколку што е предвидено со договорот. Количеството што недостига сега мораат да го надополнат од други извори, по многу повисока цена.“