1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Deutschland Niedrigwasser in der Donau
Фотографија: Armin Weigel/dpa/picture alliance

Нискиот водостој на европските реки ја загрозува економијата

Карла Блајкер
13 август 2022

Долготрајната суша низ Европа предизвика значителен пад на водостојот на многу големи реки. Тоа има сериозни последици за економијата, но и за флората и фауната на реките, како и за локалното население.

https://www.dw.com/mk/niskiot-vodostoj-na-evropskite-reki-ja-zagrozuva-ekonomijata-i-ekosistemite/a-62770693

Големите европски реки се важни трговски патишта, но и важни екосистеми за населените места низ кои течат. Но, поради високите температури и долготрајната суша која ги зафати земјите ширум европскиот континент, реките деновиве имаат премалку вода и се претопли.

Речниот сообраќај на Рајна е во опасност

Една таква река е Рајна. Вообичаено, нејзината просечна длабочина во овој период од годината е околу два метра. На неколку места, пак, нивото на водата сега падна под еден метар. Во еден канал во близина на Кобленц на почетокот на август, длабочината беше само околу половина метар.

Рајна е една од најпрометните пловни реки во светот. Тоа значи дека нискиот водостој значително го ограничува сообраќајот на товарните бродови. На пример, за да можат бродовите да поминат целосно натоварени низ каналот кај Кобленц, потребна им е длабочина од најмалку метар и половина. Затоа, сега е можно само делумно да се товарат, а тоа ја зголемува цената на стоката што ја превезуваат. Доколку нивото на водата наскоро не се зголеми, некои бродови воопшто нема да можат да пловат.

Deutschland I Niedrigwasser des Rheins
Рајна е една од најпрометните пловни реки во светот. Фотографија: Roberto Pfeil/dpa/picture alliance

Проблеми за индустријата

Длабочината на Рајна е невообичаено ниска за овој период од годината, потврдува Кристијан Хелбах од Канцеларијата за водни патишта и бродови во Келн. „Вообичаено е периодот на ниско ниво на водата да започне во јули, а најниската точка да се достигне некаде во септември или октомври“, вели Хелбах.

Но, сега ниското ниво на водата започнува многу порано и Рајна би можела да биде поплитка од вообичаено, бидејќи нема знаци за обилен дожд. „Од средината на јули, реката е толку плитка, што веќе е забележливо влијанието врз товарниот сообраќај“, нагласува Нилс Јансен од Институтот за светска економија (ИФВ) во Кил, Северна Германија.

Речните товарни транспортери секоја година превезуваат околу 195 милиони тони стока во Германија, а најголемиот дел од нив на Рајна. Житарките, јагленот, бензинот, нафтата за греење, хемиските производи, чакалот, песокот, градежните материјали и металните производи првенствено се транспортираат по водни патишта. Покрај тоа, Рајна поврзува важни индустриски зони во Германија, Франција и Швајцарија со поморските пристаништа во Холандија и Белгија.

Што значи долгорочно ниско ниво на вода за индустријата се покажа во 2018. Тогаш бродскиот сообраќај беше во прекин дури 132 дена. Повеќето погони во хемиската индустрија, челикот, хартијата, градежен материјал и земјоделството беа сериозно погодени од нискиот водостој, како што покажа студијата на Здружението на германската индустрија (БДИ) спроведена една година подоцна.

Бомба од Втората светска војна во реката По

Кога нивото на водата е ниско, чудни работи се појавуваат од реките и езерата - од коски и фосили до остатоци од цивилизации кои потонале во поплави пред илјада години. Нискиот водостој на реката По, најдолгата река во Италија, откри и нешто многу поопасно.

Italien Bombe aus dem 2. Weltkrieg am Po gefunden
Извадена бомба од реката ПоФотографија: Flavio Lo Scalzo /REUTERS

На крајот на јули, рибарите во близина на Мантуа пронајдоа бомба од Втората светска војна тешка 450 килограми. Откриено е затоа што цела Ломбардија, регион во северна Италија покрај реката По, моментално се соочува со најголемата суша во последните 70 години.

Контролирана експлозија на бомба беше активирана минатиот викенд. Немаше повредени, но 3.000 луѓе од околните градови мораа да бидат евакуирани.

Може ли Лоара да продолжи да ги лади нуклеарните централи?

Бреговите на најдолгата река во Франција, Лоара, се познати по своите бајковити пејзажи и замоци. Но, до нив, покрај реката, е нуклеарната централа Белвил. Тоа не е случајно - нуклеарните централи се секогаш до вода, за со неа да ги ладат нуклеарните реактори.

Frankreich Das Atomkraftwerk Belleville-sur-Loire bei Nacht
Нуклеарката на ЛоараФотографија: Benoit Tessier//File Photo/REUTERS

За да се заштити флората и фауната во реките и покрај нив, постојат строги правила за степенот до кој електраните смеат да ја загреваат водата. Откако ќе се достигне максималната дозволена температура, нуклеарните централи треба да го намалат производството - а потоа да произведуваат помалку електрична енергија. Токму тоа се случува сега во летните жештини, токму кога Французите ги вклучија сите вентилатори и климатизери, а Русија го прекина снабдувањето со гас за Франција. Затоа на земјата ѝ се заканува преоптоварување на електричната мрежа.

Реката Темза се намалува

Темза е практично составен дел на Лондон, исто како, на пример, Бакингемската палата. Но, изворот на таа река е во близина на градот Кембл во југозападна Англија. Или барем до неодамна беше така. Сега сушата доведе до тоа Темза да почне да тече дури на повеќе од пет километри низводно од местото каде што всушност е изворот.

England Regenmangel trocknet die Themse-Quelle aus
Местото на кое некогаш извирала ТемзаФотографија: Peter Macdiarmid/Getty Images

Загрозена дунавска пастрмка

Температурата на водата во Дунав е веќе опасно висока ова лето - а нивото на водата е ниско. На почетокот на август температурата во делот на реката низ Баварија седум дена по ред беше над 25 степени Целзиусови. Се очекува температурата на водата да продолжи да расте.

Ова влијае на количеството на кислород во водата, кој може да падне под шест милиграми на литар. Толку малку кислород би било фатално за некои видови риби, како што е пастрмката. Баварската влада издаде предупредување врз основа на кое би можело да се забрани вадењето чакал од Дунав, како и други работи кои би ја влошиле еколошката состојба. Дополнително, на властите им е дозволено делумно да ја ограничат работата на пречистителните станици - со надеж дека тоа ќе ја спаси пастрмката.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Зградата на владата на Република Северна Македонија

Инаетот како главен енергенс

Mazedonien DW-Korrespondentin aus Skopje, Katerina Blazevska
Катерина Блажевска
Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница