1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
21 декември 2022

Во државата ни царува негативизмот, зависта, апатијата и онаа трагична досетка „да му умре козата на комшијата“. Неволно ова ќе го констатирам, но личи како да си ја „отсакавме“ државата. Пишува Никола Тодоров

https://p.dw.com/p/4LFqk
Никола Тодоров
Никола ТодоровФотографија: DW/B. Gerogvievski

Македонија нема државно или национално мото. Оваа моја денешна колумна е посветена токму на ова. Ќе речете, зошто во услови кога има безброј проблеми, кога преовладува чувството дека државата буквално пропаѓа, кога во државата има сериозен недостаток на лидерство и кога сме сведоци на најслабата политичка сцена од осамостојувањето до денес, кога живееме во време на растечка, веќе двоцифрена инфлација во државата, која секојдневно дополнително го осиромашува и онака веќе осиромашениот македонски народ, кога буџетската реализација на капиталните инвестиции е недозволиво ниска, кога во услови на скоро завршено прво полугодие се уште нема учебници по секој предмет, а тие кои ги има се со многу, стручно направени грешки, а што е уште пострашно никој многу не се потресува околу ова, јас сум се фатил да пишувам за тоа дека Македонија нема национално мото.

-повеќе од авторот: Зошто лекарите заминуваат од јавно во приватно здравство?

Секогаш треба да се почне од почеток. А мислам дека националното мото треба да биде нашиот нов почеток. Јасно е дека не може да се каже дека ако одбереме национално мото, сѐ ќе се среди во државата и ќе почне „да тече мед и млеко“, но сепак инсистирам дека тоа е исклучително важно. Мотото нема да ја извади државата од бездната, но сериозно може да помогне, барем да не` мотивира да почнеме да делуваме во тој правец. Потребно ни е државно или национално мото.

Што е национално мото? 

Има повеќе дефиниции за мото. Од сето она што го прочитав истражувајќи за оваа колумна, мото е реченица, фраза или збор што е дел од хералдичко достигнување и се користи за да се опише намерата или мотивацијата на земјата во кратка фраза, но и за влевање на ентузијазам и чувство на патриотизам кај луѓето. Мотото е еден вид максима што поединецот, групата или нацијата/државата ја избрале со цел да се претстават себеси. Мотото и слоганот имаат слични карактеристики, но се разликуваат во главно по тоа што една личност, семејство, група или држава може да има повеќе слогани со кои се идентификува, но само едно мото.

Повеќето држави имаат свое национално мото. Така националното мото на нашиот сосед Албанија е „Ти, Албанија, дај ми чест, дај ми го името Албанец“, мотото на Бугарија е „Единството создава сила“ и е идентично со мотото на Белгија. Србија денес нема официјално мото, но нивното неофицијално мото е „само слогата Србинот го спасува“. Верувам дека на малкумина им е познато дека официјалното мото на Грција е „Слобода или смрт“ исто како и девизата на македонската револуционерна организација која гласела „Свобода или смрт", што подоцна е преведено на македонски литературен јазик како Слобода или смрт. Инаку оваа девиза или слоган Слобода или смрт била често користена од скоро сите балканските народи во нивната револуционерна борба.

-повеќе од авторот: Mикрофонот, копчето и умрената екологија

Од друга страна верувам дека на многумина им е познато мотото на Франција- Слобода, еднаквост, братство, како и мотото на САД- „Во Господ веруваме“. Сепак ова последното, отсекогаш не било мото на САД. До 1956 година кога ова ново мото е официјално и едногласно прифатено, официјалното мото на САД било „Од многу, еден (E pluribus unum)". Инспирација за ова мото, САД нашле во зборови изговорени од Цицерон, во неговиот говор „За заслугите“. Интересно е што ова мото се состои од 13 букви, исто колку и државите што ги основале САД. Првото американско мото „Од многу", еден датира уште од 1795 година кога се појавило на златната монета од 5 долари. 

Братство и единство 

Поранешната наша држава, СФР Југославија имаше национално мото. Братство и единство. Тоа беше геслото во кое сите што сме биле „Титови пионери“ се колневме. Во основа потекнува од паролата на Комунистичката партија на Југославија. Поентата на ова мото било југословенските народи како и националните малцинства, да живеат братски и во слога, а нивните сличности да се промовираат за да се избегнат националните конфликти и омразата. Останала запишана и  познатата мисла на Јосип Броз Тито - да го чуваме братството и единството како зениците во очите свои. Тито така сметал, и веројатно бил во право, затоа што кога национализмот стана движечка мотивација, почнаа националните конфликти во Југославија кои резултираа со невидена омраза и нечовечко однесување кое во лудилото на братоубиствените војни одзема илјадници животи.

-повеќе од авторот: Бесцелниот маратон кон ЕУ да се претвори во маратон со цел

По осамостојувањето, ние, мотото Братство- Единство, за жал го заменивме со досетката „да му умре козата на комшијата", за потоа и да го надградиме со „да умре комшијата за да му ја земам козата". Ова не само што звучи трагично, туку и е трагично. Кога царуваше, па макар и привидно, братството и единството, соседот беше првиот и најголемиот пријател, човек со кој се дели и добро и лошо, некој со кој се поминува секојдневието, со кој се пие кафе и се разменува специјалитетот на неделата. Се сеќавам, баба ми ќе направи пита и прво еден дел ќе подели со сите соседи во зградата. Денес, соседите ретко и добар ден си викаат, и најчесто се убедуваат дали тие што живеат на прв и втори кат треба или не да плаќаат за лифт.

Во државата ни царува негативизмот, зависта, апатијата и онаа трагична досетка „да му умре козата на комшијата“. Неволно ова ќе го констатирам, но личи како да си ја „отсакавме“ државата. Ако порано младите сакаа да се отселат и да бараат подобри услови за живот во развиениот свет, а родителите правеа се` децата да им останат тука во татковината, денес, се` повеќе млади брачни парови, работат и сонуваат децата да им заминат во подобар живот, некаде надвор, далеку од татковината. 

Дали ако измислиме национално мото, ова ќе се смени? Не, но, ако имаме лидер кој ќе го поведе народот и ќе го убеди да верува во некое национално мото, тогаш имаме шанса. Се` додека имаме лидери кои го водат народот читајќи што народот пишува по ФБ, а потоа кажувајќи им го само она што сакаат да го слушнат се надева дека тој ден ќе добие стотина гласа плус, ниту ќе имаме национално мото, ниту пак ќе имаме шанса. Затоа и не предлагам да почнеме да размислуваме да усвоиме некое национално мото. Нам ни треба мото на иднината, мото кое ќе овозможи подобра сегашност, а не мото кое ќе не` потсетува на трагичното минато. За тоа ни треба лидерство, кое за жал денес го немаме.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.