1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КултураФранција

Мулен Руж ги загуби „крилата“

ЖА
25 април 2024

Шок среде ноќ: од кабарето Мулен Руж во Париз одеднаш на тротоарот паднало тркалото на ветерницата. Нема повредени, причината уште не се знае.

https://p.dw.com/p/4fAQ6
Мулен Руж Париз
Ветерницата на зградата на Мулен Руж во Париз остана без своето тркалоФотографија: Benoit Tessier/REUTERS

Ветерничкото тркало на парискиот естраден театар Мулен Руж паднало од покривот на тротоарот во четвртокот во раните утрински часови, кога кабарето било затворено. Нема повредени, а не постои ни натамошна опасност, соопшти противпожарната служба.

Причината не се знае. Претставник на театарот соопшти дека неделно се врши техничка проверка на механизмот на ветерницата, тркалото со перките на покривот на зградата. При последната инспекција не е констатирана никаква неправилност.

Мулен Руж Париз
Тркалото на ветерницата на зградата на Мулен Руж во Париз паднало на тротоарФотографија: Benoit Tessier/REUTERS

Експертите ја испитуваат безбедноста на зградата, чија околина полицијата ја има блокирано. На фотографиите се гледа оштетеното тркало на ветерницата како лежи на тротоарот. Искорнати се и три светлечки букви од рекламната табла на кабарето.

Мулен Руж Париз
Настрадале и три букви од рекламната табла со името на Мулен РужФотографија: Benoit Tessier/REUTERS

Досега најголемата несреќа во преку стогодишната историја на Мулен Руж е пожарот предизвикан при градежни работи во 1915 година. Тогаш кабарето морало да остане затворено цели девет години колку што траело реновирањето.

Кабарето во Монмартр е магнет за туристите и се смета за место на „раѓање“ на Канкан танцот. Тоа е отворено во 1889 година, истата година кога во француската престолнина била довршена и  Ајфеловата кула. Во октомври Мулен Руж ќе прослави 135 години, тоа е најстарото кабаре во Париз и една од неговите знаменитости. Зградата уште свети во црвена боја на гревот, иако времињата во кои го симболизирала лекомислениот Париз одамна се минато, а поплуголите танчерки не мамат толпи мажи. Публиката во храмот за задоволство во Монмартр се има сменето. Боемите од минатото се туристи од целиот свет. Секоја вечер во кабарето се изведуваат по две претстави, годишно го посетуваат 600.000 гледачи. 

Мулен Руж Париз
Вака инаку изгледаше зградата на Мулен РужФотографија: picture alliance / Goldmann