1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски: Нема уставни измени без две гаранции

29 јануари 2026

Премиерот Христијан Мицкоски во Собранието порача дека нема да има уставни измени без права за Македонците во Бугарија и гаранции дека државата нема да се соочува со нови блокади.

https://p.dw.com/p/57giC
Премиерот Христијан Мицкоски во Собрание 32.10.2024
Премиерот Христијан Мицкоски е дециден: Нема уставни измени без две гаранцииФотографија: Petr Stojanovski/DW

Премиерот Христијан Мицкоски од собраниската говорница порача дека уставни измени нема да има ако не се исполнат два клучни услови: Македонците во Бугарија да ги добијат своите загарантирани права, согласно меѓународното право и конвенциите за човекови права и гаранции дека Македонија нема да се соочува со нови блокади и опструкции од субјективни причини.

Оваа неговата изјава беше дадена како одговор на пратеничко прашање од пратеникот Скендер Реџепи, кој го отвори прашањето за динамиката и условите за уставните измени.

„Додека сум премиер, уставни измени без овие две гаранции нема да има“

Мицкоски нагласи дека додека тој ја води Владата, процесот нема да се движи без исполнување на јасно поставените услови.

„Уставни измени нема да има додека сум јас премиер ако не бидат исполнети минимум два услови. Првиот е македонската заедница во Бугарија да ги добие загарантираните права. Вториот услов се однесува на гаранции дека нема да има билатерални вета, омаловажувања и понижувања од субјективни причини“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека државата може да прифати критики доколку тие се засновани на реални недостатоци, како нерешени случаи поврзани со владеење на правото, но не и нови блокади засновани на политички притисоци.

Пратениците во македонското собрание гласаат за усвојување на уставните измени што ќе ѝ дозволат на балканската земја да го промени своето име во Република Северна Македонија, 11 јануари 2019 година
Мицкоски вели дека уставни измени нема да има без права за Македонците во Бугарија и гаранции дека државата нема да се соочува со нови блокади.Фотографија: Reuters/T. Georgiev

Повик до пратениците: „Не поддржувајте измени без гаранции“

Мицкоски упати порака до сите 120 пратеници, вклучително и до оние кои во иднина можеби би предложиле измени без исполнување на условите.

„Ги советувам сите пратеници да не го поддржат ставот за уставни измени без да добиеме гаранции.Кога нема јас да бидам премиер, можеби ќе има друг кој ќе ви одговори поинаку“, изјави тој.

Премиерот: Македонците во Бугарија се лишени од основни права

Во продолжение Мицкоски зборуваше за состојбата на македонската заедница во Бугарија, наведувајќи дека на Македонците им се одземени речиси сите културни и јазични права.

„Македонците во Бугарија бараат само да можат да се здружуваат, да го чуваат својот јазик, култура, песни и обичаи. Организацијата ОМО Илинден – Пирин треба да има право да ги застапува нивните интереси. Многу ли е тоа?“, праша Мицкоски.