Мерц: Зголеменото насилство доаѓа и од мигрантите
26 март 2026
Канцеларот Фридрих Мерц во средата попладне (25.03) имаше неколку минути во Бундестагот за да се искаже околу моменталната ситуација. На дневен ред беа пратеничките прашања. Мерц почнува со вовед, а потоа пратениците од сите партии имаат наизменично по една минута време за прашања.
Мерц ја искористи приликата да се изјасни за моменталната ситуација во војната меѓу САД и Израел од една и Иран од друга страна. Мерц се воздржа од коментар на ненадејната најава на американскиот претседател Доналд Трамп дека нашол начин да преговара со Иран.
Канцеларот вели дека се обидува со европските партнери да најде начин заеднички да се заложат за брз крај на ескалацијата. Само ако Европа, а особено Германија, повторно станат силни, Европа може да добие на тежина што ќе може да ја користи. „А, да се биде силен во овие времиња значи просперитетна економија, сигурни работни места и креирање на нови. И истовремено да се стане способен за самоодбрана. Свесно велам дека треба да станеме такви, оти веќе не сме“, рече Мерц.
Мерц за САД и Израел: „Некои работи не ни се јасни“
Темата војна во Иран, која Германците и Европејците ја чувствуваат на своја кожа преку високите цени на бензинот, исто така играше улога во пратеничките прашања. Социјалдемократката Дерија Турк-Нахбаур сакаше да знае што Мерц презема за да завршување на војната. Мерц одговори: „Се обидуваме да направиме сè што е можно за да ги придвижиме САД и Израел сега да бараат дипломатско решение. Дел од она што се кажува не ни е јасно во стратешки рамки“. Тоа веројатно беше упатено на адреса на американскиот претседател, чиј воен план е мистерија не само за Мерц.
Што има намера да направи владата во врска со високите цени на горивата?
Тоа ја интересираше Хајди Рајхинек, шефица на парламентарната група на Левица. Мерц одговори дека Бундестагот неделава носи закон што ќе им овозможи на антимонополските регулаторни власти попрецизно да ги мониторираат нафтените компании и нивните политики на креирање на цените. Канцеларот се покажа отворен и за директни даночни олеснувања за граѓаните, а скептичен во однос на данокот на екстра добивка на концерните налик на данокот по почетокот на руската војна против Украина во 2022 година.
Мерц: Значителен дел од насилството доаѓа од имигранти
Друга тема предизвика врева во Бундестагот. Левица реагираше со громогласен протест кога Мерц одговори на прашањето за тоа како планира да се справи со зголеменото сексуализирано насилство врз жените, особено онлајн.
Зад ова се крие случајот со актерката Колин Фернандес, која неодамна изнесе сериозни обвинувања на сметка на својот поранешен сопруг Германец. Тој е обвинет дека онлајн објавувал лажни видеа и разголени фотографии од неговата поранешна сопруга, кои биле генерирани со помош на вештачка интелигенција. Неговиот адвокат ги отфрли обвинувањата, но се разгоре широка јавна дебата за сексуализирано насилство врз жените.
Мерц одговори дека владата планира заострување на постоечките закони и потоа додаде: „Има експлозија на насилство во нашето општество и во аналогната и во дигиталната сфера“. Целото општество мора да преземе мерки против тоа, вели канцеларот.
Потоа канцеларот додаде: „Мора да се разговара и за причините и за тоа од каде потекнува таквото насилство. А, потоа мора да се осврнеме и на тоа дека значаен дел од ваквото насилство доаѓа од групи на имигранти во Сојузна Република Германија“. Изјава за која веројатно надолго и нашироко ќе се дебатира во Германија во претстојните денови.
Пратенички прашања: за Ангела Меркел беа напорни
Ваквите пратенички прашања во Бундестагот, упатени директно до канцеларот, беа воведени летото 2018 година. Пред сѐ на барање на СПД, тогашните коалициски партнери, Демохристијаните и Социјалдемократите, се согласија по ова прашање во тогашниот коалициски договор. „Сакаме канцеларката трипати годишно во германскиот Бундестаг да биде директно соочена со прашања, а испрашувањето на владата да се реструктуира“, бараа од СПД.
Тогашната канцеларка Ангела Меркел од ЦДУ неволно се согласи, иако беше против, меѓу другото и затоа што сметаше дека едно такво испрашување ќе биде повеќе шоу отколку информирање. Како пример за новиот начин на испрашување неговите поддржувачи ги наведоа живите дебати во британскиот Долен дом со премиерот.
Без прашања во врска со сојузниот претседател и неговата изјава за Иран
На Фридрих Мерц, пак, се чинеше дека пратеничките прашања му одговараат, што можеби се должи и на фактот дека воопшто не мораше да се осврне на некои чувствителни прашања. Имено, сојузниот претседател Франк-Валтер Штајнмајер на настан во Министерството за надворешни работи неделава изјави дека нападот од САД и Израел врз Иран е кршење на меѓународното право.
Таков став германската влада сè уште нема заземено, иако има големи критики за военото дејствување во Заливот. Мерц не беше прашан за изјавите на сојузниот претседател, кој во германското државно уредување може да врши само вербално влијание и нема голема политичка моќ. Тоа што канцеларот не мораше да заземе став за изјавите на Штајнмајер, го поштеди од позиционирање во однос на меѓународното право.
Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик