„Валкана бомба“: Меѓународни инспектори во Украина
28 октомври 2022Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, изјави дека ќе испрати стручњаци на две локации во Украина, за кои Русија наведе оти на нив се одвиваат активности во врска со можно производство на „валкани бомби“.
Гроси во соопштението наведе дека експертите на МААЕ ќе отпатуваат неделава на две локации, кои се под заштита на оваа агенција, по писменото барање на украинската влада.
„Целта на овонеделните посети е откривање на сите можни непријавени нуклеарни активности и материјали во врска со развој на валкани бомби“, се наведува во соопштението.
Како што се наведува, исто така, МААЕ пред еден месец извршила инспекција на една од двете локации и таму не се пронајдени непријавени нуклеарни активности или материјали.
Рускиот министер за одбрана, Сергеј Шојгу, во телефонски разговор со колегите од Франција и од Турција пренесе загриженост поради „можни провокации од Украина со употреба на валкани бомби“, соопшти во неделата руското Министерство за одбрана.
Западот и Украина ја отфрлија можноста Киев да фрли таква бомба на украинско тло.
„Валканите бомби“ се направени од конвенционални експлозивни средства, но нивното јадро е обвиткано со радиоактивен материјал.