Медведев: Апсењето на Путин би било „објава на војна“
Апсењето на рускиот претседател Владимир Путин врз основа на потерницата издадена во минатата недела од Меѓународниот кривичен суд (МКС) би претставувало „објавување војна“ против Москва, предупреди друг член на рускиот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев.
Во интервју за водечките руски медиуми, Медведев рече дека Меѓународниот кривичен суд во Хаг, кој Москва не го признава, е правно ништовен суд и меѓународно правно немоќен и дека не направил ништо значајно од неговото создавање.
Според неговото мислење, судските одлуки, како што е последната за апсењето на Путин, создаваат огромен негативен потенцијал.
„Да замислиме дека шефот на држава на нуклеарна сила оди, на пример, во Германија и е уапсен. Што е тоа? Објавување војна против Русија“, изјави синоќа рускиот функционер.
Ако тоа се случи, тогаш „сите наши капацитети, ракети и така натаму, ќе паднат врз Бундестагот, канцеларскиот кабинет и така натаму“, додаде Медведев.
На 17 март МКС издаде налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин, поради основано сомнение за извршени воени злосторстваза време на војната во Украина, вклучително и нелегална депортација на деца од Украина во Русија.
Руското правосудство отвори истрага против главниот обвинител на МКС, Карим Кан, како реакција на налогот за апсење против Путин во понеделникот. Според пишувањата на холандските медиуми, поранешниот руски претседател Медведев претходно говореше и за напад врз судот во Хаг, Холандија, со хиперсонична ракета како одмазда при евентуално апсење на Путин.