1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаФранција

Макрон во САД: Акцентот е на европското единство

Луис Лиза
1 декември 2022

Францускиот претседател Макрон е во државна посета на САД. Ова треба да го означи крајот на кавгата меѓу двете земји, а може да придонесе и кон засилување на германско – француските односи.

https://p.dw.com/p/4KKIv
Емануел Макрон и Џо Бајден
Емануел Макрон и Џо БајденФотографија: Susan Walsh/AP Photo/picture alliance

Посетата на Макрон на Вашингтон е прва официјална посета на странски претседател откако Џозеф Бајден во јануари стапи на должност како претседател на САД. Ваквите посети носат со себе и малку гламур, па така во протоколот спаѓа и интонирање на националните химни и 21 топовски поздрав.

Воочи посетата, портпарол на Елисејската палата изјави: „Ова е многу важна посета за нас, фокусот нема да биде на лидерство, туку на партнерство. Ќе се заложиме и за француско-германските проекти и за  европските интереси.“  Така оваа посета може да изглади и некои германско-француски несогласувања изразувајќи единство.

Ив Боаје, експерт за трансатлантски односи и професор на Политехничката школа во Париз смета дека посетата ќе помогне да се заврши непријатната епизода која настана по септември 2021 кога Австралија се откажа од купување на  француските нуклеарни подморници  во име на потпишување на договорот со Велика Британија и САД.

Тогашниот министер за надворешни работи на Франција Жан-Ив ле Дријан говореше дека на неговата земја и „е зариен нож во грб“ бидејќи Франција не беше информирана за потпишувањето на договорот со кој ја загуби зделката.  Париз привремено го повлече амбасадорот од Австралија,  но потоа  тензиите попуштија  и според професор Боаје, Макрон може да се врати во улогата на „најстар сојузник“ на САД. Имено, Наполеон Бонапарта им ја продал на Американците државата Лујзијана – колевка на САД.

Германско – француски консензус - „добар знак за Европа"

Професор Боаје очекува и дека на средбата ќе се зборува и за вселенски и нуклеарни истражувања, за кои двете земји имаат доверливи договори. „Но, Макрон ќе го потсети Бајден и на таканаречениот ‘Закон за намалување на инфлацијата’(Inflation Reduction Act, IRA), и како неофицијален портпарол на Европската Унија ќе се заложи да се намалат последиците од овој протекционистички закон."

Тој пакет тежок 416 милијарди евра е мешавина од намалување на даноци и субвенции за американското стопанство. Европејците го сметаат за протекционизам, бидејќи има за цел да ги врати дома американските инвестиции во странство како и да ги поттикне Американците да купуваат американски производи.

Франција и Германија минатата недела се договорија за силна индустриско-политичка соработка што се смета како одговор на американскиот пакет.

Јан Вернер, политички аналитичар од Центарот Жак Делор во Берлин за ова вели: „Зачудувачки е што дојде до овој договор меѓу Германија и Франција. Берлин е традиционално за слободна трговија, додека Париз е повеќе отворен кон протекционизам.“ Според него, овој консензус е добар знак за Европа, бидејќи до неодамна имаше  тензии во германско-француските односи.  Знак за тоа беше одложување на годишниот француско-германски Министерски совет за следниот јануари.

Bundeskanzler Scholz trifft Xi Jingping
Олаф Шолц веднаш по конгресот на Кинеската комунистичка партија и реизборот на Ши Џинпинг ја посети КинаФотографија: Kay Nietfeld /AFP

Приближување на германско – француските ставови

„Се чини дека Германија значително се приближи до француската позиција во однос на американскиот пакет ИРА и призна дека за меѓународните односи не се важни само економските, туку и стратешките аспекти,“ вели Вернер. Германскиот економски модел во минатото се потпираше на извозот, а ставот кон Русија и Кина беше темелен на мотото „промена преку трговија.“ По  руската инвазија во Украина,  оваа политика е мета на критики и тоа не само во Франција, бидејќи и Германија ја стави во проблематична зависност од рускиот гас.

Различните позиции на Париз и Берлин беа видливи и во НАТО.  „Во француските медиуми често се чувствува одредена дистанца кон НАТО, додека Германија е поблиска кон САД и загриженоста дека би можело да дојде до трансатлантско оддалечување е многу поголема. Затоа Германија е повнимателна во  европските одбранбени иницијатив и и не би сакала да ризикува излез од НАТО,“ вели Вернер. Тој посочува дека Макрон пак сосем спротивно заговара одбранбена политика на Европската Унија и предизвика скандал во неговиот прв мандат кога го нарече НАТО „политички мртов“ сојуз.

Никол Башарон, историчарка од Националната фондација за политика од Париз вели:  „НАТО живна поради војната на  Путин и јасно покажа дека е потребен. Патем, наскоро дополнителни 300.000 војници на НАТО ќе бидат стационирани во Европа.“ Башарон додава дека Вашингтон од друга страна со поканата за Макрон го истакнува значењето на американско-европското сојузништво.

Претседателот Бајден во септември 2021 за време на средбата со Макрон во Рим, призна дека европската одбранбена иницијатива е важна и комплементарна со Северноатлантскиот пакт. Камиј Гран од бриселскиот тинк-тенк Европски сојуз за надворешни работи вели дека „Бајден би можел и да изјави дека дуплирање на одбранбените структури на НАТО на европско ниво е прифатливо, што досега беше исклучено."

Макрон  мора да ја избалансира својата политика и кон Индо-Пацифичкиот регион. „Ќе мора да се движи по тенката линија меѓу тврдиот американски став кон Кина и германскиот пристап воден од економски интереси.“ Додуша Олаф Шолц веднаш по конгресот на Кинеската комунистичка партија и реизборот на  Ши Џинпинг  ја посети Кина, иако Франција сакаше оваа посета да биде нешто подоцна и тоа со заедничка делегација. „Макрон ќе мора да покаже дека разбира оти на Кина не може да гледа само како на противник,“ заклучува Гран и нагласува дека во спротивност тоа може да донесе до нов раздор во германско – француските односи.