1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

Македонија е неспремна за Големата војна

Ивор Мицковски
12 август 2022

Нашите надворешнополитички стратешки цели се исправни и за нив вреди да се плати астрономска цена. Но, срамота е таа цена да ја плаќа само народот. Пишува Ивор Мицковски

https://www.dw.com/mk/makedonija-e-nespremna-za-golemata-vojna/a-62785002

Фактот дека по неполни 6 месеци војна светот веќе нема нерви да се занимава со Украина, и дека сѐ почесто читаме за хипотези и сценарија поврзани со крајот на конфликтот и поствоениот период, додека во исто време ни се отвораат постојано нови фронтови, како оној со Кина или Иран, всушност кажува дека веќе сме во психологијата на Големата војна.

Кога светот говори за крајот на војната или за можни преговори, тоа всушност доаѓа како некое суеверие или ослободувачка ментална вежба со цел помалку да се бавиме со реалноста и проблемите кои следуваат на секое друго поле. Нормално, нема ништо лошо од позитивните мисли, тие се добредојдени, но ризикуваат да нѐ оддалечат од реалноста.

А реалноста сѐ повеќе е дека војната е тука да остане и дека уште долго време ќе го дестабилизира нашиот начин на живеење, нашите економски и политички состојби, нашите перспективи и амбиции. Факт е дека не знаеме како ќе заврши оваа глобална криза, која повеќе или помалку ги допира и влијае на состојбите и кај моќните држави, а за малите и нецелосно интегрирани реалности како нашата и да не зборуваме. Оттука би биле вистински слепци и „наивчини“ кога не би ја поврзале војната на исцрпување помеѓу Русија и Украина со распадот на постоечкиот светски поредок пред војната, и економските и политички проблематики кои произлегуваат за секоја земја која припаѓа на Западниот кампус, макар била и една мала Македонија. 

Учеството во западното друштво е скапо

Да се разбереме, кога зборуваме за Голема или глобална војна, не зборуваме нужно за Трета светска војна, далеку од тоа, но сепак зборуваме за војна која го инволвира целиот свет и сите засебни политички реалности на државите кои го сочинуваат. Или можеме и поинаку да гледаме на нештата, па и овој конфликт да го вреднуваме како едно продолжение на Студената војна и на илузијата дека некогаш завршила.

Како припадници на Западниот кампус и НАТО, но и пред тоа, сведоци бевме на југословенските војни, 11 септември, војната против тероризмот, Авганистан, Ирак, Сирија, Либија и „арапската пролет“, шарените револуции, постојаното натегање со Северна Кореја и Иран, тензиите меѓу Јапонија и Кина, а денес и помеѓу Кина и САД. Сите овие во суштина локални жешки конфликти, се само манифестација на поголемата глобална криза која нема запрено и која нормално има реперкусии и врз најмалите земји, како нешто што во пакет ти следува, особено кога стратешки ќе бидеш детерминиран кон западниот кампус. Поинаку кажано, цената на слободата и демократијата е огромна, а таа е особено тешка за земји како нашата, која ниту реално е демократска, ниту е слободна, но делумно е дел од западната парадигма и систем.

Сѐ ова можеби некому би му звучело како алиби за нашите власти и нивните ужасни перформанси на домашен план, кој делува како безизлезно заробен од криминалот, корупцијата и непотизмот на политичките елити. Но, напротив, една од поентите на објаснувањето на овие конјунктури помеѓу надворешните влијанија од нашите моќни и стратешки партнери и нашите катастрофални домашни реалности, е со цел нашите лидери конечно да разберат дека учеството во западното друштво е скапо (како што гледаме од инфлацијата, растот на цените, нашата енергетска, економска, прехранбена, увозна, културна и секаква криза и зависност), и дека ако сакаш да преживееш во оваа нова реалност, не е доволно да се возиш на картата на усогласена надворешна политика со ЕУ, САД и НАТО.

Напротив, под лупата на ЕУ и САД од нас не се очекува само да се бавиме со големата слика, туку и да си го средиме сопствениот двор. Треба конечно да ставиме крај на домашниот хаос и пљачкосување, затоа што, како што прецизно нотираше Гошев: „Ние допрва ќе ја платиме цената од залудно арчените и безочно ограбуваните јавни пари на државно и локално ниво, зашто заврши ерата на евтини пари за позајмување, но не заврши нашата голема зависност од зајмувањето кредити, не само за инвестирање, туку и за одржување каков таков социјален мир според дефиницијата 'преживување'.“

Во оваа Голема војна, од која за доброто на нашите стратешки национални цели, неволно сме дел, е всушност војна која нема брзо ќе заврши, а и да заврши, последиците и нивото на нашата економско-финансиска обременетост, нема никогаш да се вратат на пред военото ниво. А, верувам одвишно е да објаснувам дека ние ниту ги уживуваме, ниту набрзо ќе ги добиеме, економските и финансиски гаранции или солидарноста, која ја уживаат членките на ЕУ, дури и оние кои далеку помалку од нас се во линија со политиките на ЕУ, САД и НАТО.

Има ли спас за Македонија?

Поентата ми е: Македонија ќе се спаси на основа на сопствената доблест и одговорност, а доколку очекува само некој однадвор да ја води и одржува - тогаш спас ни нема! Се разбира, ако сме цинични и интелектуално дефетистички настроени, јас прв ќе кажам дека за вака мала и незначајна земја спас нема надвор од контролата и влијанието на нашите стратешки партнери. Но, и вака безначајни, ништо не нѐ оправдува од внатрешната негрижа за домашните политики и домашната реалност, од средувањето на нашата заедничка куќа, за потоа и како маково зрно од Западниот кампус, да сметаме дека како достојни партнери учестуваме во политиките на нашите големи и моќни стратешки сојузници.

Не смееме да заборавиме дека еден од клучните аспекти на актуелната Глобална војна е и судирот помеѓу западните демократии и источните автократии. Од полуфункционални демократии на хартија Западот има ограничена употребна вредност, а да не зборуваме, колку форсирањето на денешната демократура нѐ прави подложни на утрешни авторитарни и националистички пулсации, како и непријателски надворешни влијанија.

Со други зборови, во ред е да сме тотален сателит, но не и константен извор на политички проблематики кои Западот/САД мораат постојано да го решаваат и со тоа да трошат важни ресурси на земја која и онака ја контролираат. Се разбира, САД повторно ќе нѐ почестат, со решенија и можности како да го забрзаме нашиот евроинтеграциски процес, но и тие решенија ќе дојдат за сметка на сѐ поголема неусогласеност помеѓу нашите надворешно индуцирани домашнополитички решенија и реалната домашна состојба.

На тој начин, кај го губиме суверенитетот - го губиме и кредибилитетот. За жал реалната дистанца од ЕУ-членството и понатаму нѐ држи во ситуација и покрај носењето европски закони или постојаното менување на нашиот Устав, да не можеме да увеземе нешто квалитетно однадвор, затоа што не сме способни тоа да го изградиме преку нашиот „суверен“ Парламент и така да го втемелиме во нашата татковина. И ние допрва ќе се соочиме со потребата луѓето, кои утре ќе мораат да го реконструираат односот помеѓу државата и граѓаните на нашата Република, принципите што доаѓаат однадвор реално да ги остварат и втемелат преку нашето внатрешно уредување. Како воопшто една земја без суверенитет си замислува дека ќе отстапува суверенитет низ својот пат кон ЕУ, и ќе игра некаква си улога помеѓу големите риби, кога и најдобронамерните ајкули, увезуваат ликвидност, додека извезуваат дефлација.

Поддржани, а сами

Но, еве, и слепо да се потпреме на нашиот стратешки партнер кој се соочува со претешки домашни и надворешни тензии - што Трамп и големите морални и социјални дилеми на Америка, што прокси војната со Русија, борбата со џихадизмот, проблемот со Иран или судирот со Кина, САД имаат премногу главоболки во исто време. И нормално, тие главоболки ги извезуваат нанадвор. Мислиме ли ние така „залауфани“ кон ЕУ, дека проблемите на Америка нема да станат и наши проблеми?! Или фантазираме дека деценискиот пат кон ЕУ ќе го покриеме преку стратешкиот дијалог со САД? Сум навел и порано, САД се единствената земја која реално нѐ посакува нас и регионот во ЕУ, но нашиот расчекор помеѓу остварувањето на таа амбиција и живеењето барем уште една декада во опасно лимбо и надвор од ЕУ, во време на глобална криза и Голема војна, не ни нуди никакви гаранции дека животот и состојбите ќе ни бидат нешто подобри.

- повеќе од авторот: САД и Кина се на воен пат кој никој не го посакува

Напротив, колку поблиску до ЕУ, толку повеќе ќе ги чувствуваме и извезените проблеми на САД и НАТО, без притоа да ги уживаме бенефициите од ЕУ-членството. Притоа, нашата усогласеност со политиките на ЕУ, како и нашето членство во НАТО, покрај тоа што не ни дозволуваат да седиме на два стола, не ни нудат речиси никакви економско-финансиски бенефиции и компензации, ако не ги сметаме оние за нашите подмитени политички елити.

- повеќе од авторот: Студената војна се враќа во Африка

Помалку иронично, на патот кон сѐ поголема ЕУ-интеграција сѐ повеќе ќе се соочуваме и со конфликтните интереси помеѓу Европа и Америка, но како секоја источна маргинална реалност, деномирана како западна, ќе бидеме само уште еден американски играч во пенетрацијата, ослабнувањето или разединетоста на Унијата. Но, и тоа би биле слатки маки ако барем бевме земја-членка на ЕУ. Вака, нѐ чека долгиот процес на веќе мистериозните европски механизми на забрзана интеграција, поддржани од САД, ама суштински, оставени сами да се носиме со последиците и од европската зависност од Вашингтон и НАТО, и од нашата директна зависност и од ЕУ-членките и од тврдата линија на Америка и НАТО.

Нашите надворешнополитички стратешки цели се исправни и за нив вреди да се плати астрономска цена. Но, срамота е, таа цена да ја плаќа само народот, чесниот и одговорен бизнис кој создава вишок вредност и сите млади генерации кои само бараат начин да избегаат од државата. Еднаш мора да се разбере, дека средувањето на домашните состојби е најсилниот надворешен адут и најдобра гаранција, дека што и да се случува во светот, барем ќе имаш карактер и кредибилитет дека прво си ја завршил домашната задача.

Ние обратно - боси дома, а мислиме дека достоинствено ќе чекориме и ќе се носиме со светот.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Влада Северна Македонија

Пламенот на „Огнената група“ опасен и за владиниот кабинет

Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница