1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Луѓето во Газа стравуваат од одмазда од воздух

9 октомври 2023

Цената на бруталните напади на Хамас ја плаќаат цивилите во Израел, но и во Појасот Газа. Ова мало парче земја со години е под израелска блокада, без вода за пиење и во исчекување на хуманитарна помош.

https://p.dw.com/p/4XJXf
Газа
Палестинец гледа во уништена џамија во градот ГазаФотографија: Mohammed Abed/AFP/Getty Images

Опкружен со своите внуци, Махмуд ал Сарсави (68) лежи на маса, поврзан со боца за кислород. Масата е во ходникот на училиштето кое беше претворено во засолниште за време на ракетните напади врз опколениот Појас Газа.

„Дојдовме овде за да ги избегнеме израелските воздушни напади“, изјави овој човек од населбата Шујаја во градот Газа за АФП. Тој вели дека е загрижен дека кислородот што му е потребен ќе му снема.

Тоа е едно од 44 училишта со кои управува Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа за палестинските бегалци во Појасот Газа. Тие училишта се претпоставува дека се безбедни од израелските напади - моментално таму има околу 70.000 цивили. 

Според ОН, над 120.000 луѓе биле внатрешно раселени во Газа за време на крвавиот викенд кој започна со ненадејни напади на Хамас врз Израел и продолжи со израелски воздушни напади.

Според последните податоци, над 700 луѓе се убиени во Израел и околу 400 во Појасот Газа. Повеќе од сто згради, вклучително и некои џамии, беа уништени во бомбардирањето.

Во овој појас, 2,3 милиони луѓе живеат на мала територија споредлива со Белград без приградски општини. 

„Им велам на жителите на Газа – засолнете се, бидејќи ние ќе дејствуваме насекаде со сета сила“, изјави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. 

Многумина само сакаат мир

Во училиштето кое е претворено во засолниште, семејството Ал Сарсави седи на сунѓерести душеци што ги донеле од дома, наоколу има облека во торби и неколку лименки со храна.

„Ситуацијата е неподнослива психолошки и економски“, вели Амал ал Сарсави (37).

Додека децата шутираат издувана топка во дворот, жена седи во ходникот, држајќи ја главата со рацете. Вели дека нема млеко за две бебиња. „Ништо не јадевме од вчера наутро. Едвај избегавме со малку облека“, изјави таа за АФП.

Газа
Цивилите често се засолнуваат во училишта под контрола на ОНФотографија: Mohammed Salem/REUTERS

Според Светската програма за храна на ОН, постои „голема загриженост“ за влијанието на оваа војна врз цивилите во Газа. „Повеќето продавници во погодените делови на Палестина имаат залихи за еден месец, но постои ризик луѓето брзо да искупат се поради страв од подолг конфликт“, се вели во соопштението.

По воениот удар во Египет во 2013 година, Газа е целосно изолирана. Потоа беше затворен граничниот премин кон Египет.

Израел ја огради Газа со ограда полна со камери, сензори и уреди за слушање, го контролира воздушниот простор и морето, ги надгледува тунелите кои Хамас ги користи за шверц и напади.

Во Појасот Газа околу 40 отсто од луѓето се невработени, а 80 отсто зависат од хуманитарна помош. Милитантниот Хамас владее со ова парче земја од 2007 година, а од таму постојано врши напади врз Израел. 

„Не можеме повеќе да ја поднесеме војната во Газа“, вели еден жител за ДВ. „Сакаме да живееме, сакаме слобода и безбедност. Сакаме да можеме да се грижиме за нашите деца“.

Една жена рече нешто слично: „Јас сум мајка на пет деца“. Не сакаме војна овде секој ден. Се зборува само за војна! Живееме и спиеме во страв кога има војна“. 

Ќе има ли копнени борби? 

Воени експерти шпекулираат дека Израел би можел да започне копнена офанзива, особено затоа што Хамас зеде околу стотина заложници. Нивните борци последниве денови славеа на улиците на Газа поради мртвите тела на убиените цивили.

„Хамас веројатно е подготвен за копнено офанзивно сценарио, со систем на тунели, проширени подруми, стапици и слично“, изјави германскиот воен коментатор Гидо Шмитке.

израелски војници Газа
Израелски војници во близина на оградата кон ГазаФотографија: Amir Cohen/REUTERS

„Операциите во урбаните средини, борбите од куќа до куќа се голем предизвик за секоја армија. Тие се секогаш крајно крвави и значат човечки загуби, бидејќи сте изложени на оган или експлозиви од сите страни“, додава тој.

Појасот Газа под блокада вообичаено има електрична енергија нередовно - а кога ќе се пука, таа речиси и да ја нема. Водата за пиење е ретко достапна.

Медицинската грижа е речиси целосно зависна од меѓународната помош и од ОН. Во време на војна, здравствениот систем е безнадежно преоптоварен.