Колку оваа зима ќе чини греењето во Германија?
25 ноември 2025
Температурите паѓаат, зимата наближува - а со неа и сезоната на греење во Германија. Пензионерката Елизабет Бенер од Франкфурт затоа брзо закажала термин со инсталатор на греење. „Уредот за греење често гргори многу чудно, не знам дали можеби сум го подесила погрешно“, го опишува проблемот пензионерката.
Инсталатерот на греење Флавио Маљаризи брзо го решил проблемот, но бидејќи уредот на гас е постар, тој советува: „За да избегнете седење на студ во текот на зимата, можеби ќе треба да размислите за нов систем за греење“. Но, што може - од финансиска гледна точка - да биде подобра алтернатива?
Погледот на моделот-пресметка од организацијата за советување на потрошувачи co2online покажува дека централното греење од топлана ќе биде најскапо оваа година. Во семејна куќа од 130 квадратни метри, таквото греење чини околу 2.300 евра годишно. Греењето со нафта или гас е посебено скапо - двете варијанти би можеле да чинат околу 2.000 евра. Топлинската пумпа е значително поевтина: според прогнозата, оваа година овој метод на греење ќе чини околу 1.000 евра, приближно исто како и дрвените пелети.
Помалку корисници - повисоки цени за мрежните трошоци
Во секој случај, греењето ќе биде поскапо за Елизабет Бенер оваа година. А нејзината сметка покажува дека причината за ова се првенствено високите трошоци за гасната мрежа. „Со мрежните надокнади, имаме ситуација каде што сè повеќе и повеќе приклучоци веќе постепено се откажуваат и укинуваат. Овие трошоци потоа се распределуваат на помал број домаќинства, и затоа мрежните накнади значително се зголемуваат“, објаснува Петер Прајсендорф. Тој е советник за енергија во организацијата за заштита на потрошувачите на покраината Хесен.
Веќе сега, уделот на мрежните надокнади на сметката на Елизабет Бенер е повеќе од 20 проценти - со тенденција да расте.
Сепак, мнозинството германски жители сè уште се греат на гас. Според Здружението за енергетска економија, повеќе од половина од сите станови се грееле со гас минатата година. Уште 17 проценти користеле нафта, а 15 проценти користеле централно греење. Електричната енергија и електричните топлински пумпи учествуваа со околу седум проценти, а греењето на дрва уште помалку.
Први успеси во транзицијата
На долг рок, ова треба да се промени - Германија сака да се откаже од употребата на гас за да ги намали емисиите на штетни гасови. Бидејќи, речиси половина од сите емисии на ЦO₂ во Германија доаѓаат од секторот за греење, според бројките од енергетската асоцијација БДЕВ.
Според актуелното истражување на Здружението на комунални претпријатија, речиси една од пет градски комунални претпријатија - 19 проценти од нив - сакаат постепено да ја укинат својата гасна мрежа во следните 20 години и наместо тоа да се потпираат на централно греење и топлински пумпи.
Актуелните податоци од Сојузната асоцијација на германски производители на системи за греење покажуваат дека од јануари до јуни оваа година, за прв пат, се продадени повеќе топлински пумпи отколку котли за гас.
Општините работат на планови за греење
За да биде можно насекаде навремено да се планира што ќе се користи за греење во иднина, плановите за заедничко греење мора да се изготват уште сега. Големите градови и општините со повеќе од 100.000 жители мора да ги достават до 30 јуни 2026 година. Помалите општини имаат две години повеќе.
„Веќе сега може да се раководи според тие планови до одреден степен, но сепак тоа е само планирање“, нагласува експертот Прајсендорф. Иако, според него, централното греење би можело да стане важна тема, особено во градските центри, тој сепак предупредува дека нема многу корист од ваквите планови во следните десет години. „Ако вашето греење сега се расипе, мора веднаш да реагирате“, објаснува Прајсендорф. Ова значи дека за оние кои живеат во центарот на градот и немаат простор за топлинска пумпа или греење на пелети, единствената опција што засега им преостанува е да го заменат стариот уред на гас со нов.
Цените на ЦO₂ продолжуваат да растат
Греењето со гас - покрај зголемувањето на мрежните трошоци - станува поскапо од друга причина. „Таксата за ЦO₂ е обид да се обезбеди помала потрошувачка на фосилни горива преку даночен притисок. И тоа важи и за енергијата за греење во домот“, објаснува Херман-Јозеф Тенхаген, главен уредник на списанието Финанктип.
Оваа такса беше воведена во Германија во 2021 година и тогаш изнесуваше 25 евра по тон ЦO₂. Оттогаш, таа постојано расте и моментално изнесува 55 евра по тон. Тешко е да се предвиди како ќе се развива понатаму: проценките до 2030 година се движат од 100 до повеќе од 200 евра - што е, во просек, три пати повеќе од денес.
Трошоците за греење значително растат
Греењето на нафта и гас ќе стане значително поскапо во наредните години. Колку точно, покажува моделот-пресметка на co2online: за семејна куќа од 130 квадратни метри, трошоците за гас би можеле да се зголемат за повеќе од 1.000 евра во следните десет години - дури до 2.940 евра годишно. Со нафтата, трошоците би можеле да се зголемат и до околу 3.500 евра годишно. Најевтини ќе останат топлинските пумпи и пелетите - околу 1.500, односно 1.600 евра. Централното греење е најскапо и ќе остане така: во 2035 година би можело да чини повеќе од 3.800 евра.
Причината е што за централно греење во најголем дел се користат фосилни горива, па цените на ЦO₂ влијаат и на тој сектор.
За Елизабет Бенер, замена на уредот за греење веројатно ќе биде неизбежно. Затоа закажала консултација со инсталатерот - бидејќи со новиот уред барем би можела да заштеди на потрошувачката на гас.
Авторка на текстот: Лили-Мари Хилчер, АРД