1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ОпштествоГлобално

Кога времето е ново и негибнато, како на 1-ви јануари

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе
2 јануари 2023

Мигот треба да се живее силно и свесно, затоа што тој може да е токму онаа толку долго очекувана шанса да се направи важен чекор или одлука.

https://p.dw.com/p/4LdXE
Време и часовник
Време и часовникФотографија: David Ebener/dpa/picture alliance

На 1-ви јануари веќе ја „мирисам” пролетта. Мажот ми обично брзо ме враќа во реалноста и ме потсетува дека зимата штотуку започна три дена пред Божиќ, на 21-ви декември. И дека најголемата зима обично доаѓа во февруари, а некогаш дури во март. Што значи, далеку е пролетта. Иако и самата го знам тоа, сепак, уверена сум дека со почетокот на новата година сум поблиску до почетокот на пролетта, а со секој ден се‘ подалеку од почетокот на зимата. Затоа што почетокот на зимата за моето чувство за времето останува во старата година. Како сите нешта што се случија во нејзините дванаесет месеци, па уште во новогодишната ноќ ни се причинува како тие да почнуваат да бегаат од нас, брзајќи да се скријат во нашето паметење. Затоа што само таму, во архивата на нашиот живот, тие се заштитени од исчезнувањето. А старата година, всушност, беше вчера! И, сепак, одеднаш ни се чини дека тоа беше многу одамна. Божиќ почнува да бледнее, да станува минато, иако некои од православните уште не го прославиле и уште нестрпливо го чекаат. Збунувачки факт, кој ни буди надеж дека времето не истекува секогаш со истата брзина и дека се‘ зависи од перспективата. Тоа, пак, истовремено ме уверува дека ние луѓето немаме сетило за изминот на времето. Затоа што дали времето истекува брзо или полека, зависи од нашето чувство за тоа што се случило во тоа време. Ние не паметиме време, туку само случувања според кои го „бележиме” за нас времето. Без случувања, како да нема време, како тоа да застанало.

Постои само минато и иднина

Сета работа станува уште посложена кога ќе се побара помош во физиката. Кога ќе прочитате во најновите теории за времето дека реално постои само минато и иднина, но не и „сега”, не и сегашност, тогаш, барем за поетот, станува уште посилен аргументот дека не смееме никако да го изгубиме од вид токму мигот, колку тој и да се чинел за физиката имагинарен. Зашто во него небаре е целата смисла на времето, барем за нас луѓето. Тоа многу јасно го изговара во своите стихови големиот германски поет од 19-от век, Фридрих Рикерт, оној кој ги напиша таинствените стихови за песната „За светот сум изгубен”, по кои подоцна Густав Малер ја компонираше најмеланхоличната мелодија. Во песната „Мудроста на Браманите”, Рикерт во неколку стихови го скицира чувството кое не‘ обзема кога се ближи крајот на годината. Тогаш ни се чини дека времето се забрзува, дека тоа речиси бега од нас, а всушност тоа „никогаш не стои во место, мигот одлетува, а тој миг што не сме го исползувале, не сме го ни живееле”, не‘ потсетува поетот. И продолжува: „и ти не стоиш во место, истиот никогаш повеќе нема да бидеш, и тој што нема да стане подобар, веќе станал полош”.

 Без случувања, како да нема време, како тоа да застанало
Без случувања, како да нема време, како тоа да застаналоФотографија: Knut Niehus/CHROMORANGE/picture alliance

Недофатливоста на мигот

Во новогодишната ноќ се освестуваме токму за оваа мудрост за која говори поетот Рикерт, затоа што во секојдневието лесно забораваме дека времето никогаш не стои во место. Дека сето време што не сме го живееле свесно, што не сме го доживеале, е неповратно изминато. Кога почесто би размислуваме низ оваа призма за нашиот однос кон времето, доаѓаме до разочарувачкото сознание дека има толку многу време кое сме го изгубиле, затоа што не сме го доживеале свесно како „наше” време. Колку често кога напнато чекаме на нешто, времето ни пречи, затоа што не минува доволно брзо за нас. Всушност, тогаш самите го „трошиме” попусто сопственото време кое никогаш нема да се врати, за да го живееме одново, со внимание и свестност за неговата неповторливост. Мигот, всушност, е секогаш шанса да станеме свесни за сопственото време како единственото време на нашиот живот. Конечно, во новогодишната ноќ сознаваме дека во годината што е веќе минато ние најмалку сме биле „целосно присутни” токму во мигот.

-повеќе од авторката: Најтивката ноќ во годината и дарбата за дарување

Секоја Нова година се‘ појасно ја доживувам оваа констелација. Затоа толку силно „ја мирисам” пролетта на 1-ви јануари, бидејќи пролетта е за мене симбол за чудото на животот, за будењето на природата од замреноста на зимата. Таа е најубавата алегорија за новиот почеток, за преобразбата. Само во пролетта ја доживувам најсилно кревкоста, недофатливоста на убавината на животот, но и недофатливоста на мигот, кој небаре во истиот миг е веќе променет. Доволно е да го видиме првиот цвет на црешата, на јаболкницата за да останеме занемени пред кревкоста и мигновеноста на чудото на убавината. Кревкост и недофатливост како онаа на минутата, на часот, на денот. Сето тоа во мене на 1-ви јануари разбудува многу силна желба да не пропуштам да го доживеам ниту еден миг од новата година, небаре сум му дала завет на големиот поет Рикерт дека нема да го заборавам неговиот мудар совет за брзиот истек на времето. А тоа сознание прави барем првите денови во новата година да добијат за мене посебен блесок. Времето го доживувам како чистота и негибнатост, како блескав бел лист што треба јас да го испишам со моите доживувања. Никогаш повторно во годината не го доживувам толку силно утрото, пладнето, изминот на денот, како на 1-ви јануари. Несвесно сакам да го „запрам” времето. Или барем да го „издолжам” денот во мојата чувствена перцепција, за да истекува полека и раскошно, за да ми даде можност да ги видам сите бои на неговата уште од никого негибната чистота, неиспишаност и неповторливот. Сакам да го доживеам ова „сега”, овој „миг” (и покрај тврдењето на физиката дека такво нешто како „сега” не постоело!) до искап, да му го запаметам ликот, за никогаш да не го заборавам.

-повеќе од авторката: Наследената траума од минатото – што паметат Македонците, што забораваaт Бугарите

И покрај мудроста на физичарите, јас знам добро дека има мигови кога се случуваат значајни за нас нешта, кои се толку полни со содржина, толку присутни, толку силни, што никогаш не ги забораваме. Во новогодишната ноќ, всушност, сознаваме дека сиот живот е создаден само од мигови, кои можат да бидат мигновени, куси, но и бесконечни. Да траат една вечност, се‘ зависно од тоа дали сме во тие мигови среќни или тажни. За меланхоличарот времето стои и секој миг е во празнотијата близнак на минатиот. Но за ентузијастот, за вљубениот или вљубената, мигот е прекус за среќата, затоа што сакаат времето да застане во место.

Кица Колбе
Кица КолбеФотографија: Privat

Цели и задачи

Германците имаат обичај пред почетокот на новата година да си постават цели и задачи кои си ги задаваат да ги исполнат во иднина. Најчесто во тие цели и задачи сите се обидуваат да ги поправат грешките од минатата година. На прво место на топ-листата со цели и задачи за 2023 кај Германците е грижата за здравјето, намалувањето на стресот, повеќе време за најблиските, но и за себе. И, секако, самоветувањето дека ќе ни успее помалку време да поминуваме „онлајн”, трагајќи по интернет по информации со кои толку лесно се „утепува” голема количина од време во кое може да се прочита половина книга. Социолозите кои ги истражуваат ваквите самозададени цели за новата година го потврдуваат моето искуство. Имено, ентузијазмот дека во новата година ќе успееме да не ги повториме грешките од минатата, најголемиот број од нас не‘ држи некаде до средината на јануари. Потоа лесно „запаѓаме” во старото секојдневие. Но, сепак, секоја година уживам се‘ подолго во негибнатоста, во новоста и неиспишаноста на првите денови од новата година.

-повеќе од авторката: Божиќ во време на војна на европскиот Исток

Дури и да не ми успее подолго време да останам во тој „штимунг”, за мене е важно да не го зборавам сознанието дека, всушност, секој ден, секој миг е Нова година. Секој миг е целосно нов, никогаш недопрен значаен дел од нашиот живот. Мигот треба да се живее силно и свесно, затоа што тој може да е токму онаа толку долго очекувана шанса да се направи важен чекор или одлука. Тоа сознание може да биде најтворечкиот стремеж, затоа што е доволно секој ден да го очекуваме со нетрпение како да е новогодишната ноќ, а секој миг да го живееме со внимание и благодараност, небаре е бескрајно долг. Паметејќи ги стиховите на големиот поет Рикерт, кој верува дека мигот ни е даруван за да се надминеме себеси, за да се промениме на подобро. Кога ќе сознанеме дека новиот ден ни е даден како шанса, како безгранична можност за нашите цели и соништа, тогаш можеби навистина малку подолго ќе го сочуваме во себе сознанието од првите дни во новата година.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.