1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Општините продавале градежно земјиште за бадијала

ДТЗ
9 октомври 2024

Битола, Неготино, Кичево, Куманово, Струмица и Штип за пет години продале 507.826 м2 државно градежно земјиште. Цената за еден метар квадратен државно земјиште се движела од 1,2 до 299 евра.

https://p.dw.com/p/4lZuE
градежни работници
Како се продава државно градежно земјиште: во четири очи и по ниски цениФотографија: DW/A. Dimitriveska

Битола, Неготино, Кичево, Куманово, Струмица и Штип во последните пет години, продале 507.826 м2 градежно земјиште кое било сопственост на државата. Намената на градежното земјиште била за семејно домување, за лесна и незагадувачка индустрија, стоваришта, складови, хотелски комплекси. Градежното земјиште во сопственост на државата било продадено на 41 правно лице и на 17 физички лица. 

Ниту една парцела во периодот од 2019 до 2023 година не огласиле, ниту продале општините Тетово и Чаир.

Цената за 1 м2 државно земјиште во изминатите пет години се движела од 71 до 18.400 денари (од 1,2 до 299 евра). Просечно, во постапките за продажба на државно градежно земјиште учествувале по четири потенцијални купувачи. Од продажба на градежно земјиште, шесте општини во последните пет години оствариле приход од 20 милиони евра.

Повеќе од половина, или земјиште вредно 11 милиони евра, продала Општина Куманово. Општините Струмица, Штип и Куманово од договорни казни наплатиле 16,3 милиони денари, или 265 илјади евра. Кичево и Неготино немаат наплатено казни, а Општина Битола вели дека казни се наплатуваат тековно, но не дава информација колку пари инкасирала од наплатени договорни казни од продажба на државно градежно земјиште. Ова го покажуваат резултатите од истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) за продажбата на државно градежно земјиште во осум општини. 

Куманово
Општина Куманово продала земјиште вредно 11 милиони евраФотографија: Petr Stojanovski

Нетранспарентни продажби 

Според ЦГК, општините не ги информираат граѓаните за реализираните продажби на државно градежно земјиште, што го зголемува ризикот од злоупотреби. Тие ги објавуваат одлуките за отуѓување на државно градежно земјиште во Службен весник, но не и во медиумите, што е нивна обврска и на општинските веб-страници. 

„Нетранспарентноста оди дотаму што дел од општините не ги доставија склучените договори ниту преку барање за пристап до информации од јавен карактер“, посочуваат од ЦГК. 

Оттаму велат дека општините треба да ги објавуваат повиците за продажба на државното градежно земјиште и на своите веб-страници, како и во локалните медиуми. На овој начин ќе се зголеми информираност на локалната јавност, со цел да се овозможи еднаков третман на сите заинтересирани, да се зголеми конкуренцијата, а со тоа и вредноста на продаденото државно земјиште.

Општините на своите веб-страници треба да ги објавуваат и одлуките за отуѓување на градежно земјиште во сопственост на дражавата, како и склучените договори со купувачите на државното земјиште. На овој начин ќе се овозможи поголем увид на граѓаните и навреме ќе може да се укаже на евентуални незаконитости во процесот.

„Зголемувањето на транспарентноста на целиот процес на продажба на државното градежно земјиште ќе придонесе кон зголемување на довербата на граѓаните во процесот и, воопшто, во секторот градежништво, каде што изминатите декади се наталожија сериозни проблеми и овој сектор стана еден од најподлложните на корупција“, посочуваат од ЦГК, кои препорачуваат да се работи врз подобрување на наплатата на договорни казни во случај на неисполнување на договорните обврски од страна на купувачите, како и да се применува правото на еднострано раскинување на договорот во случај кога купувачот на државно земјиште не ги испочитувал условите од склучениот договор.