Kој ќе монтира поуспешна перцепција за реалноста? | Северна Македонија | DW | 26.02.2015
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Kој ќе монтира поуспешна перцепција за реалноста?

Новинарите на кои им беа предадени прислушкуваните разговори најавуваат тужби, а аналитичарите прогнозираат жестока битка во натпреварот - кој ќе монтира поуспешна перцепција за реалноста!

Жестоки и различни реакции на домашната јавност уследија по вчерашната прес-конференција на лидерот на СДСМ и „контра прес-конференцијата“ на премиерот. Заев директно ја обвини Управата за безбедност и контраразунавање за незаконско прислушкување на повеќе од 100 новинари, а Груевски обелодени дека зад снимањето не стои власта, туку странска служба позната за домашните надлежни институции, за чии потреби работеле домашни агенти врбувани од Зоран Верушевски. Фактот, дека Обвинителството се уште нема покренато обвинение против Верушевски, а премиерот на јавна сцена веќе „го осуди“ соопштувајќи и детали од истрагата, ги крена тензиите во тв-дебатите и на социјалните мрежи.

„Премиерот повторно излезе од своите надлежности, поставувајќи се и како полициски истражител, и како обвинител, и како судија. Ова ли се нарекува презумпција не невиност и вака ли ќе изгледа најавената 'независна судска постапка', ако тој ја узурпира и суспендира надлежноста и на МВР и на Обвинителството?“, беше главната забелешка на аналитичарите.

Препарирање на медиумската слика

Тензично е и во медиумска заедница. Новинарите, на кои вчера им беа предадени папките со нивните прислушкувани разговори, најавуваат тужби и не го кријат револтот од долгогодишниот надзор врз нив. Од аудио-белешките разбравме како со години се 'препарира' медиумската слика за темите од интерес за државата, вели новинарката Оливера Трајковска.

„Тие се опсерваторијата Кокино, а ние 'скаменетите сватови' од Куклица! Неколку медиумски острови на нормалноста во оваа прашума со предатори. Сепак, успеа да сочува во кондиција еден пристоен граѓански круг. Тоа е исклучителен успех во услови, кои денес ги осознаваме со сета бруталност низ аудио снимките. Содржината на снимките е уникатно сведоштво за делото 'удар врз уставниот поредок' изведуван систематски и ревносно, таа ќе ја испразни формата на сценариото 'пуч'! На сите нас кои не ставиле во ланецот на 'брза храна' ни треба исклучителна промисленост и мудрост за организиран одговор во овие деликатни околности. Немаме право на лична реакција, оти имаме должност да заштитиме комуникации чија што професионална делта сме биле, низ нашите телефони поминале менаџери, судии, професори, актери, спортисти...со ладна глава да ја завршиме нашата професионална задача, за одговорноста и сметките ќе дојде вистинската прилика. Сега е фазата на 'увид', следува 'дератизација на дувлото'. Нема ГЛОДУРИ кои можат сами да се справат со ГЛОДАРИ!“, констатира Трајковска.
По долгогодишните „шушкања“ за тоа од чии кабинети се уредуваат телевизиските вести и насловните страници и кој е вистинскиот „главен уредник“, со последната тура снимки од фонотеката на СДСМ, според аналитичарот Арсим Зеколи, се прошири сликата за комплетната метастаза на злоупотреба на власта.

Mazedonien Sasho Mijalkov Geheimdienstchef

Никола Груевски и Сашо Мијалков

„Новинарите, секако, одамна беа свесни дека се под надзор, но мислам дека начинот на кој се прислушкувани, ме упатува на заклучок дека мотивите за истражни мерки против нив не се само разузнавачки или политички, туку и приватни, вулгарни и со примеси на воајерство. Сепак, овој пат вест на денот беше прес-конференцијата на премиерот. Мислам дека причина за тоа е што првпат се објави снимка со негов глас и во неславна улога на нарачување документарци, што во споредба со други снимки е безмалку бенигно. Се стекнува впечаток дека сите снимки со скандалозни дијалози помеѓу неговите најблиски соработници не му предизвикаа потреба за таква драматична реакција за заштита на Мијалков, Ставревски или Јанкуловска, колку заштита за себе. Мислам дека почувствувал оти таа снимка може сериозно да ја наруши неговата патриотска слика пред јавноста и затоа се обидува да се претстави во една дефанзивна, на моменти плачлива улога, за да ги задржи симпатиите“, оценува Зеколи.

Подметнувачот или јавувачот?

Копјата и натаму се вкрстуваат во однос на дилема што е поважно: како се обезбедени снимките од незаконското прислушкување или морална и политичка одговорност за содржината на тие разговори, кои индицираат дека власта контролира буквално се! Дали е поважно кој јавил за пожарот, или кој го предизвикал пожарот! Но, јавниот интерес за откривање за можните злопупотреби на власта, целосно се става под тепих со помош на пропагандни алатки. На сцената доминираат спинови за домашни предавници од една, и спасители на државата - од друга страна. Битката за докажување на вистината, не се смета за правен предизвик, туку за натпревар кој ќе монтира поуспешна перцепција за реалноста. Таквите тенденции ги нотира аналитичарот Ибрахим Мехмети.

„Од првото појавување на прислушкуваните разговори се зајакнува впечатокот дека опозицијата се обидува да ја увери јавноста дека сликата која власта ја гради за себе преку наклонетите медиуми е лажна и дека таа владее со недемократски средства. Во ситуација кога владината коалиција има речиси целосна контрола врз институциите, а во исто време има директно влијание и во креирање на јавното мислење, првиот политички пробив што може да го направи опозицијата - е токму придобивањето на јавноста. Дека власта го сфатила ова, се гледа според потезите што ги влече. Се обидува да ја дисквалификува опозицијата со што содржината на компромитирачките разговори ќе се релативизираат. Од тоа кој ќе успее да ја придобие довербата на јавноста ќе зависи и исходот на оваа афера“, вели Мехмети.

Од десницата се пласира ставот дека опозицијата преку овој случај нема да успеее „да мобилизира народ против власта“, бидејќи „се знае дека народот и ја дал довербата на власта поради нејзините евидентни резултати и програми“. Но има и други тези. Аналитичарот д- р Александар Даштевски, смета дека кога се излегува со одредена стратегија на било која политичка структура, прво треба да се проценат внатрешно и надворешно- политичката состојба и да се процени дали кај народот постои расположение за негативна кампања или против власта.

„Ако постои такво расположение, тогаш може да се почне со таква стратегија и таа ќе вроди со плод. Во спротивно, ќе се претвори во обична фарса. Гледано од надворешно - политички аспект, во нестабилна политичка состојба полесно се остваруваат интересите на големите сили. Тие никогаш нема да делуваат самостојно, туку преку помали сили, но само ако најдат партнери внатре во државата. Не е тајна дека во Македонија подолго време има несогласување во однос на прашањето со името, а во Грција за тоа постои консензус. Поради тоа, се прават постојани обиди за дестабилизација токму на тоа поле“, проценува Даштевски.

Mazedonien Skopje Proteste gegen Regierung wegen Abhörskandal

Кој ќе успее да ги убеди граѓаните во својата „вистина“?

На „грчка воденица“

Досега и други аналитичари без да посочат конкретни факти водата ја насочуваа кон „грчката воденица“, многу порано пред да се обелодени наводната намера на Бошкоски „да го продаде името“. Други аналитичари, пак, ги отфрлаат ваквите тези и аргументираат - зошто. Според Зеколи, од досега објавеното, се наметнува едно прашање: зошто сите снимки се од УБК, но ниту една од военото разузнавање?

„Не би прејудицирал, но мислам дека токму овој феномен разјаснува дека во позадината не стојат странски служби, дека оној дел на разузнавањето кој е под комплетна контрола на ВМРО-ДПМНЕ и на Мијалков е потполно партизирано, приватизирано и девалвирано, клиентилизирано, па оттука и лесно пенетрабилно. Воениот дел, пак, поради соработката со НАТО и други безбедносни системи, се уште се придржува кон правилата на играта. Вториот битен момент е аргументот на власта за наводна способност и успешни програми на ВМРО-ДПМНЕ и неспособност на опозицијата да даде конкурентни понуди. Тоа е лажен аргумент, бидејќи кога како влада имате поддршка од меѓународните безбедносни фактори (НАТО) и финансиска поддршка од ЕУ или Германија, не треба да сте мудрец за да реализирате програми. Но, и тој аргумент на Груевски веќе се топи, поради најавата за санкции кои ќе нанесат удар врз неговите политики. Но, по последната рунда на Заев, која изгледа како почеток на неколку исклучително тешки рунди, се повеќе се сомневам дека Груевски и Ахмети од нив ќе можат да излезат на сопствени нозе“, оценува Зеколи.

Токму вчера, кога тема на четвртата „бомба“ беше влијанието на власта врз медиумите, а Груевски ја објаснуваше анатомијата на случајот „Пуч“, Меѓународната организација за заштита на човековите права Амнести Интернешнл, во својот извештај за 2014-2015 година за Македонија констатира дека „властите го зголемуваат влијанието врз полицијата и судството“, а даде и голем број забелешки за рекламирањето на Владата во медиумите и пристрасноста во провладините медиуми.

Реклама