1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јужнокорејци ги преземаат црногорските аеродроми?

25 април 2026

Предлогот за концесија на Аеродроми на Црна Гора вреди повеќе од 400 милиони евра: 100 милиони еднократна надокнада, 35 отсто од годишниот приход и 300 милиони инвестиции во аеродромите Подгорица и Тиват.

https://p.dw.com/p/5CiHe
Поглед на зградата на меѓународниот аеродром во Подгорица
Аеродромот во Подгорица, меѓу другото. треба да добие нов патнички терминал, продолжена писта и две нови платформи за опслужување на големи патнички авиони.Фотографија: G. Thielmann/imageBROKER/picture alliance

Претседателот на Парламентот во Подгорица, Андрија Мандиќ, сѐ уште нема закажано седница на која пратениците ќе се изјаснат за Предлогот на Договорот за концесија на Аеродроми на Црна Гора, кој Владата го испрати минатата недела.

Договорот за концесија на 30 години со јужнокорејската компанија Инчеон Интернешенл Ерпорт Кооперејшн (ИИАЦ) мора да биде усвоен од парламентот, бидејќи вредноста на имотот на аеродромите во Подгорица и Тиват изнесува 264 милиони евра, односно ја надминува границата од 150 милиони до која извршната власт може самостојно да одлучува.

Што предвидува договорот?

Во предлогот што го објави Владата стои обврската на концесионерот, по склучувањето на договорот, да уплати еднократна концесиска надокнада од 100 милиони евра, варијабилен концесиски надоместок од 35 отсто од годишниот приход, како и да инвестира 300 милиони евра во двата аеродрома во период од 30 години. 

Во првата фаза, односно во рок од три години од преземањето, Аеродромот Подгорица треба да добие нов патнички терминал, проширена писта и две нови платформи за опслужување на големи патнички авиони, додека аеродромот во Тиват би добил реконструирана писта и значително проширена терминална зграда. 

Поглед на  зградата на меѓународниот аеродром во црногорскиот крајбрежен град Тиват
Аеродромот Тиват треба да добие реконструирана писта и значително проширена терминална зградаФотографија: Ingo Schulz/Eibner-Pressefoto/picture alliance

Во предлогот на концесискиот договор се наведува дека нема почеток на концесијата без решавање на имотно-правните прашања, што се однесува на аеродромот во Тиват. Владата смета дека годишниот патнички сообраќај ќе порасне од три на девет милиони патници. Со околу 50 милиони евра авијациски приход, 2025 година беше рекордна за Аеродроми на Црна Гора, кои во меѓувреме се база два авиона на ВизЕр и отворија 17 нови рути од Подгорица и од Тиват.

Партиите на власта „за“, опозицијата „против“ концесијата?

За јужнокорејскиот „Incheon“ да ги преземе аеродромите на Црна Гора во наредните три децении, договорот за концесија мора да го потврди мнозинството, односно 41 пратеник. Партиите на власт сѐ уште не се изјасниле дали ќе ја поддржат намерата на кабинетот на премиерот Милојко Спајиќ, а особено е интересно како ќе гласаат Демократска Црна Гора и Нова српска демократија, кои од опозициските клупи беа против давање на аеродромите под 30-годишна концесија.

Најсилната опозициска партија денес, Демократската партија на социјалистите (ДПС), ќе гласа против, најави нивниот пратеник Михаило Анѓушиќ за ТВ Вијести, иако одлуката аеродромите во Подгорица и Тиват да се дадат под концесија ја донесе токму владата на ДПС, предводена од Душко Марковиќ, во ноември 2017 година.

Во 2020 година сѐ беше запрено поради ковид-кризата, па ова за двете влади по падот на поранешната власт, предводена од ДПС, не беше тема.

Иако многумина укажуваа дека треба да се распише нов тендер и нови услови, Владата на Милојко Спајиќ го продолжи процесот од 2019 година и по повеќе одложувања одлучи концесијата на 30 години за двата аеродрома да ѝ ја додели на компанијата „Incheon“.

Вработените стравуваат од откази, бараат запирање на постапката

Аеродроми на Црна Гора постојано вработуваат околу 850 работници, а најмалку 200 се ангажираат сезонски. Уште од почетокот тие се против давањето на аеродромите под концесија и повикуваат постапката да се запре, а обвинителството итно да ги испита можните злоупотреби, политички притисоци и коруптивни дејствија.

„Наместо транспарентен, стручен и одговорен процес, сме сведоци на една бескрупулозна операција со која се обидува стратешкиот ресурс на Црна Гора – нејзината меѓународна воздушна порта – да се отстапи во рацете на приватен капитал на три децении, без дефинирани стратешки цели за развој и динамичен план, со сомнителна контрола, без никаква одговорност и без согласност од вработените“, порачаа од Синдикатот на АЦГ. 

Човел со црвен елек на кој пишува: Аеродром Подгорица, им дава сигнал на пилотите во авионот пред него
Аеродроми на Црна Гора постојано вработуваат околу 850 работници, а најмалку 200 се ангажираат сезонски.Фотографија: Airports of Montenegro

Договорот предвидува забрана за раскинување на договорите за работа со вработените кои се вработени на неопределено време во период од пет години, освен ако за тоа не е виновен самиот вработен согласно важечките закони.

Инчеон – глобално познат оператор на аеродроми

Инчеон (Incheon) е најпознат по управувањето со аеродромот во Сеул, кој редовно се вбројува меѓу најдобрите во светот по квалитет на услугата и ефикасноста. Според престижната ранг-листа Скајтрекс, ИЦН (меѓународниот аеродром Инчеон под управување на ИИАЦ во моментов е втор најдобар аеродром во светот (прв е Чанги) и најчист по аеродромот „Токио Ханеда“.  Меѓународниот одбор за аеродроми (АЦИ) десет години по ред го прогласуваше за најдобар аеродром во регионот Азија–Пацифик. Во моментов имаат над 70 милиони патници годишно и спаѓаат меѓу десетте најзафатени аеродроми во Азија.