Ли Џае Мјунг е нов претседател на Јужна Кореја
4 јуни 2025
Левичарскиот либерален политичар Ли Џае Мјунг победи на претседателските избори во Јужна Кореја. Националната изборна комисија го потврди резултатот и го прогласи Ли Џае Мјунг за „избран претседател“. Според комисијата, Ли освоил 49,4 проценти од гласовите, додека конзервативниот кандидат Ким Мун Су завршил на второто место со 41,2 отсто. Излезноста била 79,4 насто, што е највисока стапка за речиси две децении. Дури и додека се пребројуваа гласовите, победникот на изборите Ли им се заблагодари на своите гласачи за „величествената одлука“. Тој изјави дека ќе направи сѐ што може за да „ја исполни големата одговорност и задача“ што му е доверена, за да не ги разочара очекувањата на јужнокорејскиот народ.
Ли беше фаворит пред изборите
Ли веќе се сметаше за фаворит пред изборите. Поранешниот адвокат за човекови права се залага за проширување на употребата на обновливи извори на енергија, зајакнување на работничките права и зближување на надворешната политика со Кина и со Северна Кореја. По редовни претседателски избори во Јужна Кореја е предвиден преоден период од неколку месеци. Но, со оглед на тоа што Ли победи на предвремени избори по смената на Јун, неговиот мандат започна веднаш. Во говорот пред своите поддржувачи по положувањето заклетва на функцијата утрината, Ли ги повика Јужнокорејците да „тргнат напред со надеж и да започнат нов почеток од овој момент“. Тој, исто така, вети дека ќе продолжи со „дијалог, комуникација и соработка со Северна Кореја“ со цел „да се најде пат кон мирен соживот и заеднички просперитет“.
Крај на повеќемесечната државна криза
Предвремените избори треба да ја завршат државната криза што трае околу шест месеци. Таа беше започната на почетокот на декември, кога тогашниот претседател Јун Сук Јеол, во спор со опозицијата, прогласи вонредна состојба, која беше укината неколку часа подоцна по големите протести. Конзервативниот Јун беше отстранет од функцијата набргу потоа. Оттогаш, се менуваа политичари кои привремено го преземаа раководството на државата