1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Избори во Црна Гора: Води движењето Европа сега

ЖА / агенции
12 јуни 2023

На вонредните парламентарни избори во Црна Гора најмногу гласови освои Движењето Европа сега, а според неофицијалните податоци на Центарот за мониторинг, следи коалицијата на Демократската партија на социјалисти.

https://p.dw.com/p/4SSHK
Montenegro | Parlaments Wahlen
Лидерот на Европа сега, Милојко Спајиќ, Црна ГораФотографија: Europe Now

Излезноста на гласањето за избор на 81 пратеник на вонредните парламентарни избори во Црна Гора е 56,7 проценти, многу помалку отколку на претходните избори одржани во последните седум години. Според набљудувачите на изборите, имало само неколку неправилности. Се очекува изборната комисија во следните денови да го објави конечниот резултат од гласањето.

Движењето Европа сега (ПЕС) освоило 26 проценти од гласовите и во парламентот, според податоците на Центарот за мониторинг (ЦЕМИ), ќе има 24 мандати.

Лидерот на Движењето Европа сега, бившиот министер за финансии Милојко Спајиќ во изборната вечер на конференцијата за новинари во Подгорица изјави:

„Очигледно е дека ќе формираме нова проевропска влада“. Но, на Движењето Европа сега ќе му бидат потребни партнери. Спајиќ најави водење разговори со сите кои делат заеднички вредности, а јасно е со кого нема да има коалиција – со Демократската партија на социјалисти и Граѓанското движење  УРА.

Коалицијата Заедно околу ДПС, на чие чело е вршителот на должноста претседател на таа партија, Данијел Живковиќ, доби 23,8 проценти од гласовите и ќе има 21 мандат. Во таа коалиција со ДПС се Социјалдемократите (СД), Демократската унија на Албанците (ДУА) и Либералната партија (ЛП).

Трето место освои коалицијата За иднината на Црна Гора со 14,8 проценти гласови и ќе има 13 пратеници. Тој сојуз го сочинуваат три членки на досегашниот Демократски фронт, Нова српска демократија на Андрија Мандиќ, Демократската народна партија на Милан Кнежевиќ и Работничката партија.

Коалицијата на Граѓанското движење УРА на Дритан Абазовиќ, премиер со технички мандат и Демократска Црна Гора на Алекса Бечиќ, поранешен претседател на парламентот, освои 12,3 проценти од гласовите и ќе има 11 пратеници.

Во парламентот според податоците на Центарот за мониторинг би требало да влезе и коалицијата на Социјалистичката народна партија и ДЕМОС, која доби 3,3 проценти гласови и три мандати.

Пратеници ќе имаат и четири малцински листи, Бошњачката партија (6,9 проценти и шест мандати), Албанскиот форум (2 проценти и два мандати), Албанската алијанса (1,4 процент и еден мандат) и Хрватската граѓанска иницијатива (0,6 проценти и еден мандат).

Цензусот од три проценти според ЦЕМИ не го поминале Правда за сите, Социјалдемократската партија на Црна Гора, листата Пресврт, Народна коалиција, Движење за промени на Небојша Медојевиќ и листата Ние можеме.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема