1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаТурција

Движењето Ѓулен применува методи на тајните служби?

Штефани Шене | Ахмет Шенјурт | СВР
30 јули 2022

Луѓе кои му завртеле грб на движењето на Фетула Ѓулен упатуваат тешки обвинувања и зборуваат за тајна организација во рамки на движењето и разузнавачки методи на работа.

https://p.dw.com/p/4Dg0f
Fethullah Gülen | geistliches Oberhaupt der Gülen-Bewegung
Фетула Ѓулен, духовен лидер на движењето ЃуленФотографија: Hizmet/AGB Photo/imago images

Во Германија, турското движење Ѓулен се претставува како мрежа која се залага за човекови права и демократија. Наместо џамии, одржува образовни здруженија. Во Турција, според истражувањето на СВР, движењето, како што се вели, користело разузнавачки средства и ги ставало поддржувачите под притисок. Луѓе кои му имаат завртено грб на движењето и активни поддржувачи на Ѓулен покренуваат сериозни обвинувања.

„Имаме тајна агенда. Воспоставивме систем на надзор кој се користи многу систематски и планирано“, изјави Вахдетин Полат за СВР. Полат, според сопствени наводи, 12 години бил член на тајната единица за надзор во рамките на движењето Ѓулен, сѐ до 2016 година. Нејзиното име е „Хусуси Хизмет“, односно вонредна или специјална служба. Оваа единица наводно инфилтрирала лојални поддржувачи во важни институции на турската држава. Полат е прв поранешен приврзаник на Ѓулен со висока функција во движењето кој за германски медиум зборува за тајната организација.

 „Моја задача беше да се среќавам со војници, да се грижам за нив, да ги слушам нивните проблеми, редовно да ги посетувам. Тоа беше еден вид религиозно раководење“. На прашањето како генерално постапува „Хусуси Хизмет“, Полат објаснува: „Зборуваме за структура која работи според класичните методи на тајните служби.“ Оттогаш тој прекинал врски со движењето, вели Полат. Тој беше уапсен по обидот за државен удар во Турција во 2016 година, зад кој, како што се вели, стоело движењето Ѓулен. Полат даде сеопфатна изјава. Во 2019 година, суд во Истанбул го осуди на 16 години затвор за членство во вооружена терористичка организација. Полат поднесе жалба. Со оглед на тоа што пресудата, во која СВР имаше увид, сѐ уште не е правосилна, тој е на слобода.

Symbolbild | Polizei in der Türkei
Судот во Истанбул: По обидот за пуч во 2016 година, покренати се илјадници судски постапки против приврзаници на движењето ЃуленФотографија: Getty Images/AFP/O. Kose

Од поддржувач до противник

Движењето Ѓулен и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган не биле противници отсекогаш. Кога Ердоган стана премиер во 2002 година, проповедникот Фетула го поддржа со својата мрежа. До прекин дојде во 2013 година, кога полицајци и обвинители блиски до Фетула Ѓулен водеа истрага за корупција против семејството и кабинетот на Ердоган. Ердоган возврати со преместување на овие службеници по казна.

Неколку недели пред државниот удар во 2016 година, Ердоган, тогаш две години на функцијата претседател, ги прогласи своите поранешни сојузници за терористичка организација. Според турската влада, приврзаниците на Ѓулен учествувале во обидот за пуч направен од делови од армијата. И Гинтер Зојферт, шеф на истражувачка група за Турција во Фондацијата Наука и политика, исто така гледа „низа индикации дека тоа всушност било така“. Самото движење Ѓулен го негира ова.

Масовен прогон на поддржувачите на Ѓулен

По обидот за пуч, започна масовен прогон на приврзаниците на Ѓулен, кој трае до ден-денес. Во стотиците илјади постапки, принципите на владеење на правото често се прескокнуваат. Според официјалните податоци, јавното обвинителство покренало истраги за 500.000 лица, 28.000 лица се во затвор, а 120.000 државни службеници беа отпуштени од јавна служба со забрана за вршење таква дејност.

Според турските судови, движењето Ѓулен регрутирало млади луѓе во своите образовни институции и ги обучувало како шпиони за да ги позиционира во војската и другите институции во Турција. За такво нешто зборуваат и упатени лица со кои разговараше СВР. Покрај тоа, движењето Ѓулен целно добива и користи информации за свои следбеници и ги става под притисок, меѓу другото и во Германија. Полат вели дека одговорните од „Хусуси Хизмет“ рано заминале во странство и сега живеат во Европа, вклучувајќи ја и Германија. Организацијата ги користи слободите и слободниот простор на демократските општества.

Türkei Razzia gegen Gülen-Unterstützer
Рација против приврзаници на Ѓулен во Турција (26.04.2017)Фотографија: picture-alliance/abaca/Depo Photos

Активни во Германија

Политикологот и правник Ондер Ајтач е истакнат претставник на движењето Ѓулен. Тој живее во Германија од 2019 година. Тој претходно беше заменик-шеф на полициската академија во Анкара и советник за антитероризам во турското Министерство за внатрешни работи.

Ајтач лично го познава Ѓулен уште од детството. Ајтач е првиот истакнат поддржувач на движењето кој зборува за своите стравувања дека тајни единици на движењето би можеле да бидат активни и во Германија. Тој е убеден: „Не само во Германија, туку и во Европа и во другите делови на светот, поддржувачите изградија вакви структури и се обидуваат да продолжат да работат со нив“. Ајтач предупредува дека не треба да се има генерален сомнеж. Тој проценува дека тајните единици Хусуси сочинуваат пет отсто од целата организациска структура на движењето Ѓулен.

Движењето Ѓулен ја прошири својата мрежа во Германија кон крајот на 1980-тите. Се вели дека денес дел од движењето се 150.000 германски Турци. Според нивните изјави, тие имаат околу 300 здруженија, фондации, 22 училишта, околу 3.000 компании и неколку новински портали, издавачки куќи и други медиуми. На важни манифестации може да се сретнат високи претставници на движењето.

Türkei Präsident  Recep Tayyip Erdogan
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган не беше отсекогаш противник на движењето Ѓулен - до прекин дојде во 2013 годинаФотографија: picture-alliance/dpa/Pool Presidential Press Service/Y. Bulbul

Така беше и на изборот на сојузен претседател во февруари годинава: Ерџан Каракојун е претседател на фондацијата Дијалог и образование во Берлин, која себеси се смета за главен амбасадор на Ѓулен во Берлин. Тој објави фотографија на Твитер на која е заедно со претседателот Франк-Валтер Штајнмајер. Нивните ставови за транспарентност и демократија наидуваат на добар одек во Германија, вели Фридман Ајслер, ополномоштеник за ислам во Евангелистичката покраинска црква Баден Виртемберг. Ајслер над 20 години се занимава со движењето Ѓулен и е во контакт со носители на функции во фондацијата. „Она што однадвор го гледаме кај движењето Ѓулен се паметни, млади луѓе, кои сега овде учествуваат во општеството, кои се залагаат за дијалог и образование. А, тоа е она што си го посакуваме од луѓето со т.н. миграциско потекло.“

- повеќе: Зошто САД ги заоструваат односите со Турција поради еден свештеник?

„Авторитарни структури“

Исламологот Флоријан Волм во текот на своите истражувања имал пристап до функционери на движењето Ѓулен во Германија и зборува за „авторитарни структури“. Според неговото искуство, внатрешно нема вклучување на базата на движењето во процесите на одлучување или прифаќање идеи и предложени решенија. „Се работи за тоа во базата да има луѓе, деца, млади луѓе, мажи, жени, кои едноставно го спроведуваат она што го одлучува кадарот на високи позиции.“ Соговорниците во Германија се жалат на ригидна поделба на половите, култ на личности и контрола во домовите и другите институции на движењето.

СВР ја соочи фондацијата Дијалог и Образование со ова и во рок од шест недели испрати двапати прашања околу овие теми. Но, 18-те прашања остануваат неодговорени. Сите кои разговараа со СВР посакуваат германското општество да биде помалку наивно и повнимателно во односот кон движењето Ѓулен. Германските безбедносни власти за СВР велат дека во моментов не гледаат причина за загриженост во врска со движењето Ѓулен.