1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоИндонезија

Индонезија забрани вонбрачни сексуални односи

СН/агенции
6 декември 2022

Парламентот на Индонезија усвои нов кривичен законик. Една нова регулатива е особено контроверзна: вонбрачниот полов однос во иднина е забранет. За прекршоци е предвидена затворска казна до една година.

https://p.dw.com/p/4KWSe
Сексуални односи само по склучување брак? Свадбена церемонија во Сива, Индонезија
Сексуални односи само по склучување брак? Свадбена церемонија во Сива, ИндонезијаФотографија: Hariandi Hafid/Zuma/IMAGO

Индонезискиот парламент денеска го усвои новиот кривичен законик со кој се криминализираат сексуални односи надвор од брак. Пратеничкиот дом го одобри законот со акламација на пленарната седница и покрај критиките дека ќе ги загрози граѓанските слободи во државата со најголема муслиманска популација во светот.

Законот ќе стапи на сила во 2025 година, три години по донесувањето.

„Го чекавме ова 79 години“, рече Едвард Омар Шариф, заменик на министерот за правосудство и човекови права, додавајќи оти стариоткривичен закон останал од холандското колонијално владеење.

Во понеделникот стотици Индонезијци се собраа во неколку градови, барајќи од парламентот да го отфрли предлог законот. Се очекуваат повеќе протести по неговото усвојување.

„Индонезија предлага да се тргне по пат на катастрофално кршење на правата со криминализирање на сексот надвор од брак“, напиша порано на Твитер Фил Робертсон, заменик началник на Хјуман Рајтс Воч за Азија.

Активисти за човекови права протестираат против новиот кривилен законик пред зградата на индонезискиот парламент
Активисти за човекови права протестираат против новиот кривилен законик пред зградата на индонезискиот парламентФотографија: Eko Siswono Toyudho/AA/picture alliance

Законот предвидува полните односи надвор од бракот да се казнуваат со затвор од една година, а паровите кои живеат заедно, а не се во брачна заедница би можеле да добијат 6 месеци затвор. Но, за да може полицијата да започне кривична истрага за тие дела, пријавата би требало да ја поднесе член на семејството, што е одредба која се смета за компромис за да се смират и конзервативците и либералите.

Сексуалните односи надвор од брак, вклучувајќи и хомосексуалност, во моментов не се кривични дела, но во конзервативна Индонезија се сметаат за табу тема. Тоа е забрането само во шеријатската покраина Аче, а престапниците би можеле да добијат до 100 удари со стап.

Предлог законот, исто така, предвидува казна од најмногу 3 години затвор за секој кој „ќе го нападне достоинството“ на претседателот или на потпретседателот.

Оние кои ја навредуваат владата би можеле да добијат до 18 месеци затвор или 3 години ако делото предизвика социјални немири.

Во меѓувреме, ширењето на лажни вести е казниво до 6 години затвор.