1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Имиграциските бракови „паѓаат“ на тестот по германски јазик

Андреа Грунау
15 април 2023

Линда Венд се бори за заеднички живот со сопругот од Сенегал. Но, без полагање на тестот по германски јазик, нема престој во Германија.

https://p.dw.com/p/4PKVe
Senegal Binationale Ehe
Фотографија: privat

Во секојдневниот живот, 4.755 километри ги делат Линда Венд и Моро Диоп (имињата се сменети). Тоа е растојанието меѓу Германија и Сенегал. „Љубовта на далечина е многу тешка. Ми недостига жена ми секоја секунда - утро, пладне, вечер", вели Моро Диоп.

Во 2020 година, Линда Венд беше на одмор во западен Сенегал, каде што живее Моро Диоп. „Се видовме, лудо се заљубивме“, вели таа во заедничкото интервју на Зум. Тие се гледаат и се смешкаат.

Професионална пракса во Сенегал, летови за време на паузата за семестар - студентката Линда се враќа онолку често колку што може. Сакаат да се венчаат и да живеат заедно. Но, тука почнуваат проблемите.

Свадба без среќен крај

Од 2007 година, предуслов за добивање виза за доаѓање на брачниот другар во Германија е „едноставно познавање на германскиот јазик“, јазичен тест на ниво А1: разбирање, зборување, читање и пишување. Моро Диоп зборува француски и локален јазик волоф, а со години работи како занаетчија. На почетокот на 2022 година, тој ја напушта работата и се сели во главниот град Дакар, каде со месеци посетува курсеви по германски јазик во Гете-институтот.

За тоа време, Линда Венд работи покрај студиите, ги финансира неговите курсеви, сместувањето, материјалите за учење, приватните часови и трошоци за интернет. Ги набројува сите трошоци само за учење германски: околу 6.000 евра досега.

Во 2022 година тие го кажаа судбоносното „да“ во Мбур и ја прославија свадбата со своите семејства и бројните гости. Тој носеше лента со боите на германското знаме, а таа во боите на знамето на Сенегал. Среќен крај? Не може да се каже. Своето секојдневие сè уште го споделуваат преку пораки и видео разговори. „Како зад стакло“, вели Моро Диоп.

Германско-сенегалски брак без виза
Германско-сенегалски брак без визаФотографија: privat

Исклучително стресна ситуација

Моро Диоп го изучува германскиот вокабулар и граматика веќе 14 месеци. Моментално посетува онлајн курс по германски јазик во Гете-институтот. Тој, исто така, патува двапати неделно за да посети приватен професор на Универзитетот во Дакар: четири пати по 90 километри со заедничко такси, секое патување трае два до три часа, а уште подолго кога има сообраќаен метеж. Со недели учеше по два до три часа секоја вечер со сопругата преку видео разговор.

Но: „Испитите се понапорни од часовите“, вели тој. Паѓаше три пати. 27, 37, 40 - секој пат добива сè повеќе поени, но не и потребните 60. „Германскиот тест е исклучително стресна ситуација за него“, вели загрижената сопруга.

Висока стапка на неуспех во јазичните тестови

Гете-институтот за тестот А1 пишува: „На писмениот испит слушате кратки секојдневни разговори, приватни телефонски пораки или соопштенија за јавни обраќања и работите на нив... Пополнувате едноставни формулари и пишувате краток личен текст за секојдневните ситуации“.

Но, ако не живеете во Германија, не го познавате секојдневието и тогаш е тешко да одговорите на прашања за тоа. Многумина не успеваат. Во 2021 година, три четвртини од учесниците во Сенегал паднаа на јазичниот тест А1 на ниво на Гете-институт, што е најлош резултат меѓу 30-те најважни имиграциски земји. Во 2022 година, повеќе од 50 проценти од апликантите не успеаја. Само во Етиопија, Мексико и Гана резултатите се уште полоши.

Коалициски договор: јазичен тест по пристигнувањето во Германија

„Повеќе од 10.000 сопружници секоја година паѓаат на потребните јазични тестови во странство и затоа не можат да се преселат кај своите партнери во Германија. Со тие податоци во 2022 година опозициската партија Левица го образложи предлог-законот со кој се предвидува сертификат за познавање јазик да може да се добие по пристигнувањето во Германија. „Најдоброто место за учење германски е во Германија“, вели Љевица.

Во 2022 година, повеќе од 12.000 студенти во странство од 30-те најважни земји на потекло, односно повеќе од секој трет, не го положиле испитот А1. Нема виза без полагање на јазичен тест. Според германското Министерство за надворешни работи, во изминатите неколку години биле одбиени или повлечени 8.000 до 10.000 барања за виза за сопружници.

Законодавниот предлог на партијата Левица не помина во парламентот. Меѓутоа, во коалицискиот договор на актуелната коалициска влада на социјалдемократите (СПД), Алијансата 90/Зелените и либералната ФДП, стои: „Лицата кои доаѓаат во Германија заради обединување на семејството, т.е. живеат заедно со нивните брачните другари, можат да го обезбедат потребниот сертификат за познавање јазик веднаш по пристигнувањето“.

Во декември, владата одлучи да го олесни обединувањето на семејството, но само за професионалната работна сила. Нивните сопружници можат да влезат во земјата без претходно да го положат јазичниот тест.

Ѓулистан Јуксел од репрезентативниот клуб на СПД најавува законски измени со кои ќе се овозможи имиграција и за сопружниците.

Свења Герхард, адвокатка и советничка во Здружението на бинационални семејства и партнерства, го потврдува проблемот на многу парови: „Некои врски пропаѓаат поради овие проблеми, а исто така и некои луѓе“. Во еден апел ова здружение побара да се укине јазичниот тест пред да се пристигне во земјава.

Засегнатите од ова здружение ги опишуваат своите искуства со скапи, неуспешни курсеви по германски јазик и бирократски пречки во амбасадите. „Зошто семејствата се толку угнетени, јас плачам секој ден“, пишува човек чија сопруга живее во Кувајт. Еден психолог, чиј сопруг од Египет не смее да влезе, размислува да ја напушти Германија.

тест
Тест од непозната земја на непознат јазикФотографија: privat

Нема докази за ефективноста на оваа мерка во борбата против принудните бракови

Линда Венд ја опиша својата ситуација пред повеќе од 20 пратеници во Бундестагот од партиите на владејачката коалиција: „И мојот сопруг и јас сме под огромен психолошки стрес поради тоа“. Неколку пратеници на СПД и Зелените ја ветуваат промената, која првично требаше да се случи на крајот на 2022 година, но оттогаш е одложена за почетокот на 2023 година.

„Но, ништо од тоа не се случи“, разочарано вели Венд. Неодамна претставник и напиша дека т.н втор миграциски пакет, во кој на ново се регулира обединувањето на семејствата, беше одложен за втората половина од годинава.

Од ФДП се огласи Мартин Гаснер-Херц од парламентарната семејна комисија. Како причина за воведувањето на јазичниот тест тој го посочува спречувањето на „принудни, лажни или договорени бракови“. Ова го тврдеа конзервативниот синдикат на ЦДУ и ЦСУ во 2007 година. Сопружниците кои се преселуваат во Германија треба да можат да комуницираат со властите без помош од партнерот, се вели во образложението.

Бундесратот, претставничкото тело на сојузните држави, веќе објави во 2015 година: „Со оглед на тоа што не може да се најдат докази дека јазичната потврда пред влезот придонесува за спречување на принудни бракови, оваа регулатива треба да се укине“. Јазикот може да се учи и во Германија.

Германските сопружници во неповолна положба

Во исто време, едно правило е апсурдно: ако Линда Венд беше Гркинка или Романка, ако дојде од Бразил, Ел Салвадор или Кореја, нејзиниот сопруг можеше да дојде во Германија без А1 тест.

Без доказ за познавање на јазикот, сопружниците на државјаните на сите земји-членки на ЕУ и некои други земји можат да влезат во земјата без виза. Истото важи и за сопружниците на имигрантите кои добиле статус на бегалци, како и за научниците, независните претприемачи или висококвалификуваните и квалификувани работници. Познавањето на германскиот јазик не е важно за ниту еден од сопружниците. 

Дискриминацијата на Германците е „национална дискриминација“, вели адвокатката Свења Герхард. Имајќи предвид дека управното право се занимава само со поединечни случаи, секој пар мора поединечно да се бори за правото на обединување на семејството.

„Јас сум лута на државата“, вели Линда Венд, „институцијата брак е високо ценета во Германија, а потоа ви се ускратува можноста да ја живеете“. Членот 6 од Уставот вели: „Бракот и семејството се под посебна заштита на државниот поредок“. Германците не треба да бидат доведени во ситуација да живеат во странство.

имиграција
Новиот закон за имиграција е спас за бинационалните семејстваФотографија: Christoph Hardt/Geisler-Fotopress/picture alliance

Заеднички брачен живот: „Мојот сон“

Моро Диоб интензивно се подготвува за четвртиот јазичен испит. И да не помине, сака да аплицира за виза и да се повика на клаузулата за тешки случаи. Во соработка со имиграциските власти во Германија, визната канцеларија на германската амбасада во Дакар ќе одлучува за иднината на парот.

„Ќе продолжиме да се бориме“, вели Линда Венд. Своите заеднички искуства ги запишала во книгата „Помеѓу два света“ за подобро да се запознае со темата и да не се чувствува толку беспомошно. Двојката сонува за нормален живот, семејство , деца.

И двајцата сакаат да работат, Моро Диоб сака да ја издржува сопругата: „Би сакал конечно да живеам со жена ми. Тоа е мојот сон“.