1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хајнрих XIII: Германскиот принц кој планираше државен удар

Елизабет Шумахер
10 декември 2022

Германскиот принц и ко-водач на десничарска терористичка ќелија подготвувал заговор да ја собори германската влада. Како член на благородничко семејство се најде во центарот на екстремистичка завера?

https://p.dw.com/p/4KgUI
Хајнрих XIII
Како член на благородничко семејство се најде во центарот на екстремистичка завера?Фотографија: Boris Roessler/dpa/picture alliance

Пред повеќе од еден век, предците на Хајнрих XIII, принцот Ројс, владееле со градот Гера и неговата околина во област која што сега е источна германска покраина Тирингија. Ако благородникот Хајнрих ја оствареше својата замисла, сето тоа и многу повеќе ќе беше негово, по планираниотдржавен удар против владата во Берлин.Во средата наутро (7.12), германската полиција го уапси принцот и 24 наводни соучесници во акција спроведена на повеќе локации низ Германија. 

„Запознајте го човекот кој сакаше да стане крал на Германија“, е твитот којшто радосно го сподели на социјалните мрежи лидерот на Левата партија Дитмар Барч. 

Осомничените кои беа уапсени, како што соопштија властите, припаѓаат на мрежата на таканаречените „Рајхсбиргер “ (суверени граѓани на Рајхот) теоретичари на заговор.

Некогаш маргинална група која се проценува дека има 21.000 поддржувчи, Рајхсбиргер тврди дека германската влада е нелегитимна од крајот на Втората светска војна. Тие веруваат дека германскиот устав, канцеларот Олаф Шолц и Бундестагот се дел од системот создаден од сојузниците на крајот на Втората светска војна за да ја направат Германија вазална држава на нивните интереси.  

Голф, недвижнини и глобални заговори 

Принцот (71) дел од времето го поминува во Франкфурт, каде што се наоѓа неговата компанија за развој на имот, а останатото време во неговата ловечка куќа во Тирингија. Токму во оваа ложа тој беше домаќин на симпатизерите на Рајхсбиргер, како и на „Клубот за голф на принцот Ројс“.

Помеѓу организирање клубови за голф за локалните елити и продажба на недвижен имот, Хајнрих XIII најде време да одржи говор на овие теми на Светскиот веб-форум во Цирих, Швајцарија во 2019 година.  

„Граѓани на рајхот“ Полиција Германија
Германската полиција приведува член на групата „Граѓани на рајхот“Фотографија: Uli Deck/dpa/picture alliance

Хајнрих го повтори верувањето дека бидејќи немало мировен договор на крајот на Втората свгоетска војна, сегашната демократска Федерална Република нема валидна основа. Тој потоа исфрли неколку добро истрошени антисемитски пораки пред да заклучи дека единствениот логичен следен чекор е да се врати Германија во времето на Кајзерот, кој беше отстранет од власт пред повеќе од 100 години против желбите на народот, тврди тој.

Ужаснетите присутни или го исвиркаа или го напуштија говорот, кој принцот беше поканет да го одржи на глобалната конференција за бизнис, технолошки и политички лидери во момент кога се откажа друг говорник.  

Ја тужи германската влада 

Хајнрих XIII, кој беше оженет со манекенка и е вљубеник во автомобилските трки, со години водеше кампања за реконструкција на мавзолејот на неговото семејство во центарот на Гера.

Како и другите членови на семејството - принцот има пет браќа и сестри - Хајнрих XIII побара компензација од германската држава за експроприраните уметнички и културни добра. Во 2017 година, како резултат на тоа, групата наследници доби 3,1 милиони евра.

Но, пропаднаа повеќекратните обиди на Хајнрих да ја тужи германската влада за да ги врати земјиштето и имотите за кои тврди дека се негови. Тој потроши големи суми пари за таа цел и почна да тврди дека имало заговор против него во правосудниот систем.

Во исто време, тој ја координираше „групата за одбрана на татковината“, која според безбедносните служби имала неколку десетици членови кои планирале вооружено соборување на владата. Меѓу осомничените има поранешни и сегашни припадници на војската и полицијата.

Според локалните медиуми, луѓето кои го познавале принцот рекле дека немаат поим дека тој е водач на екстремно десничарска терористичка група. Сепак, неговото семејство се дистанцирало од него во летото 2022 година. Портпаролот на Куќата Ројс, чија историја датира најмалку 700 години, рече дека Хајнрих бил збунет старец кој верувал во „погрешни теории на заговор“.

По Првата светска војна (1914-1918) првиот демократски Устав на Германија официјално ги укина кралското семејство и благородништвото, како и соодветните правни привилегии и имунитет што им припаѓаат на поединецот, семејството или кој било наследник. Денес, германското благородништво повеќе не се доделува и Уставот пропишува дека потомците на германските благороднички семејства не уживаат законски привилегии.

Русија негира вмешаност

Меѓу осомничените колеги на принцот има и мажи и жени и главно се Германци, соопштија властите. Тие веќе создале „контури“ за организацијата на германската влада по државниот удар, на чие чело требало да застане Хајнрих XIII како шеф на државата.

За време на рацијата е уапсен и наводниот партнер на Ројс, Русинката Виталиа Б. Според државниот обвинител, таа е  осомничена дека „го поддржувала здружението, особено помагајќи му на обвинетиот Хајнрих XIII во воспоставувањето контакти со претставници на Руската Федерација“.

Руската амбасада во Берлин ги отфрли обвинувањата дека се поврзани со Русинката обвинета за помагање во заговорот.