1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ТехникаГрција

Грција: Забрана за социјални мрежи за лица под 15 години

СН/агенции
8 април 2026

Грција планира да го ограничи пристапот до социјалните мрежи за деца и млади: мерката се однесува на лица под 15 години и треба да стапи во сила од 2027 година, најави премиерот Мицотакис.

https://p.dw.com/p/5Brke
Девојче во рака држи смартфон на чиј екран има голем црвен катанец како симболичен знак за забрана за пристапот до социјалните мрежи чии икони се наоѓаат под катанецот.
Целта на мерката на грчката влада е подобро да се заштитат децата и младите луѓе од негативните последици на дигиталните платформи. Фотографија: Wolfgang Maria Weber/picture alliance

Грција во иднина сака да им забрани пристап до социјалните мрежи на голем број малолетници. Премиерот Киријакос Мицотакис најави дека од 1 јануари 2027 година ќе им биде забранет пристапот до платформи како Инстаграм, Фејсбук или ТикТок на лицата помлади од 15 години. Тогаш треба да стапи во сила соодветен закон. „Одлучивме да придвижиме нешто тешко, но неопходно“, изјави Мицотакис.

Целта на мерката е подобро да се заштитат децата и младите луѓе од негативните последици на дигиталните платформи. Како причини тој ги наведе сѐ почестите анксиозни состојби, проблемите со спиењето и зависничкиот дизајн на социјалните мрежи. Во видео‑порака упатена до младите, Мицотакис изјави дека децата поминуваат многу часови пред екраните. Нивниот ум не може да се одмори, а тие се изложени на сѐ поголем притисок поради постојаните споредби и коментари на интернет.

Забрана за социјални мрежи - да или не?

Повик за заедничка европска рамка

Мицотакис во писмо до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, побара координиран пристап на ниво на ЕУ. Тој предложи да се утврди европска „дигитална возраст на полнолетство“ од 15 години.

Австралија во декември минатата година воведе забрана за користење на социјалните мрежи за деца под 16 години. И други земји, како Велика Британија, Франција, Австрија или Данска, размислуваат за слични чекори.