1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиСирија

Војна во Сирија: Бунтовниците го предизвикуваат Асад

СН/агенции
30 ноември 2024

Војната повторно се распламтува: Џихадистите напредуваат на северозапад на земјата и зазеле делови од Алепо. Сириските власти најавуваат контраофанзива, а руската авијација бомбардира позиции на противниците на режимот.

https://p.dw.com/p/4nbAj
Припадниците на Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС) и сојузничките групи во средата започнаа изненадувачки голема офанзива против сириските владини сили
Припадниците на Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС) и сојузничките групи во средата започнаа изненадувачки голема офанзива против сириските владини силиФотографија: Bakr Al Kassem/AFP

Според активистите за човекови права, џихадистите во Сирија го освоиле поголемиот дел од градот Алепо додека напредувале кон северозападниот дел на земјата. „Половина од градот Алепо сега е под контрола на Хајат Тахрир ал-Шам и сојузничките групи“, изјави за АФП шефот на Сириската опсерваторија за човекови права Рами Абдел Рахман.

Затоа сириските владини сили не пружиле значителен отпор. „Кога режимските сили се повлекоа, немаше борби, ниту еден истрел не беше испукан“, додаде Рахман. Сепак, како што јави репортерот на АФП од местото на настанот, борби избувнале во областа Нов Алепо.

За три дена офанзива џихадистите зазеле големи делови од градот Алепо
За три дена офанзива џихадистите зазеле големи делови од градот АлепоФотографија: Bakr Al Kassem/AFP

Најжестоки борби од 2020 година

Сирискиот огранок на Ал Каеда, Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС) и сојузничките групи во средата започнаа изненадувачки голема офанзива против сириските владини сили - најжестоките борби од 2020 година. Според Рахман, исламистите го нападнале големиот град Алепо во петокот. Регионот е во голема мерка контролиран од силите на сирискиот властодржец, Башар ал-Асад, кои ја повратија контролата над градот во текот на војната во земјата.

Според Рахман, сириската армија не пружила значителен отпор на напредувањето на џихадистите кон Алепо. Сириската влада, меѓутоа, соопшти дека армијата одбила „голема офанзива на вооружени терористички групи“ врз Алепо и вратила неколку позиции. Армијата испратила засилување во градот, во областа околу која, според владини извори, веќе се воделе „жестоки борби и судири“.

Се очекува воена помош од Русија

Сириските трупи се поддржани од нивниот сојузник Русија. Руските воздухопловни сили бомбардираат „опрема и персонал на нелегални вооружени групи“, ги пренесоа руските новински агенции зборовите на портпаролот на Министерството за одбрана во Москва одговорен за Сирија. Портпаролот на министерството изјави дека 200 борци биле убиени во руските напади во изминатите 24 часа. Според двајца воени претставници, се очекува дополнителна помош од Русија за да се спречи преземањето на провинцијата Алепо. Дамаск очекува руската воена технологија да пристигне во воената база во следните 72 часа.