1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаФранција

Бесплатен јавен превоз во Монпелје

Луис Лиза
29 февруари 2024

Монпелје е најголемиот регион во Европа во кој граѓаните бесплатно може да се возат во средствата за јавен превоз. Многумина од локалното население се одушевени.

https://p.dw.com/p/4d0dV
Бесплатен јавен превоз во Монпелје
Бесплатен јавен превоз во МонпелјеФотографија: Lisa Louis/DW

Од 21. декември 2023 околу половина милион граѓани кои живеат во Монпелје и околината веќе не мора да плаќаат за  јавниот превоз.  Многу од нив се задоволни со мерката, како 31- годишната Рајен Чаби која сега веќе бесплатно може да го користи автобусот и трамвајот со кои стасува до работа. Во минатото често го земала автомобилот на родителите за патот од 7 километри до канцеларијата.
„Бесплатен јавен превоз е навистина добра идеја - посебно за луѓе како мене кои мора да размислат два пати дали ќе потрошат 50 евра за месечен билет, бидејќи заработувам само 1950 евра бруто," вели таа за ДВ додека чека на автобусот.

Помалку стрес, подобро за околината
 

Половина час подоцна Чаби се симнува од трамвај на североистокот од градот. „Со автомобил ќе ми требаа најмалку десет минути повеќе и секако ќе заглавев во метеж. Ми се допаѓа што вака патуваш без стрес, а дополнително ја заштитувам и околината," вели таа одејќи пеш до компанијата „Симакс" каде што работи како секретарка на директорот.

Рајен Чаби  Монпеље Франција
31- годишната Рајен Чаби се радува што бесплатно може да го користи автобусот и трамвајотФотографија: Lisa Louis/DW


 Фирмата од средна големина која нуди софтвер за менаџирање на бизниси, го кофинансира проектот за  бесплатен јавен превоз  преку 2 проценти данок на платите, исто како и останатите 2.500 фирми во градот со 11 или повеќе вработени. Мерката чини 30 милиони евра, додека буџетот на градот изнесува една милијарда.
„Симакс" има 60 вработени и годишен обрт од 1,5 милиони евра. Компанијата планира да вработи уште 10 лица годинава - на одржлив начин, што го вклучува и јавниот превоз како клучен елемент во нивните планови за експанзија.

Дел од поголем план за адаптација на климата
 

Жули Фреш, заменик градоначалник на Монпелје и задолжена за прашања околу јавниот превоз, е задоволна што се вложуваат такви напори. „Целиме да воведеме еколошки политики. Бесплатниот јавен превоз ја зголемува куповната моќ на граѓаните," вели таа за ДВ и додава дека “мерката дополнително го подобрува и квалитетот на воздухот".

Жули Фреш, заменик градоначалник на Монпелје
Жули Фреш, заменик градоначалник на Монпелје: Бесплатниот јавен превоз е од корист и за заштита на климата Фотографија: Lisa Louis/DW


Монпелје презема и други мерки за адаптација на климата, особено затоа што температурите во градот знаат да достигнат речиси 50 степени на лето.
Градот сади зеленило и до 2026 година планирани се 50 илјади нови садници.
„Ние градиме и 235 километри нова велосипедска патека како дополнување на постоечките 41 километар и петта трамвајска линија," истакнува Фреш.

Не е исто насекаде

Новата трамвајска линија ќе го поврзува Монпелје и со соседното гратче Сен Жан де Веда, со околу 12 илјади жители. Таму брзо никнуваат нови станбени блокови и бројот на жителите ќе расте. Заради тоа Иго Даилан смета дека ќе бидат потребни повеќе линии на јавниот превоз. 28-годишниот живее во центарот на Монпелје и работи во цвеќарница во соседното гратче каде што има само една трамвајска станица, а трамвајот доаѓа еднаш на секои 15 минути, иако по крајот на работното време има луѓе кои треба да си одат дома. Затоа многумина користат автомобили.

бесплатен јавен превоз Монпеље
Проектот за бесплатен јавен превоз е овозможен со плаќање 2 проценти данок на платитеФотографија: Lisa Louis/DW

„Сообраќајните врски се толку лоши што локалните власти воведоа шателбус во една област, но за него се плаќа," вели Далион за ДВ покажувајќи на таблата со дестинации.
Тој истакнува дека  „бесплатниот” јавен превоз  фактички и не е бесплатен. „Цената што ја плаќаме е дека тие средства не може да бидат инвестирани во проширување на веќе постоечката транспортна мрежа”, вели тој.
„Кога воведувате  бесплатен превоз,  треба да осигурате дека сите делови од градот имаат пристап до транспортната мрежа, особено во растечки град како нашиот. Инаку задоволни се само луѓето од добро поврзаниот центар и забораваш на оние што живеат на маргините," вели Далиан.
Александре Брун, професор по географија на Универзитетот во Монпелје, страхува дека данокот на плати би можел да одврати компании кои би сакале да отворат претставништва во Монпелје.
„А, потребни ни се компании за да ја намалиме невработеноста”, додава Брун. Стапката на невработеност во градот изнесува 9.6% во 2023 година, односно околу два процента над националниот просек.