1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Неизвесна иднина на германската автомобилска индустрија

Тим Дикман | АРД
29 јули 2023

Германската автомобилска индустрија се соочува со најголемата промена во својата историја. Критичарите велат дека многу компании би можеле да задоцнат на патот кон електромобилноста. Но, има и такви кои навреме реагираа.

https://p.dw.com/p/4StHh
автомобили
Неизвесна иднина на германската автомобилска индустријаФотографија: picture-alliance/dpa

Кај снабдувачот во автоиндустријата Виценман во Ремхинген, во близина на Карлсруе, старото и новото се рамо до рамо: модерно производство на автоделови во лабораториски услови, но и гласно шкрипење и шушкање при производството на компонентите на издувните гасови.

Оваа компанија со средна големина од северен Шварцвалд е навикната на промени. Основана во 1854 година за производство на накит, таа се префрлила на метални црева за туширање во 1885 година. Потоа следува производство на компоненти за моторот со внатрешно согорување во 1990-тите. Со децении, компанијата добро живееше од индустријата за фосилни автомобили. Во 2015 година, менаџментот се одлучи на сеопфатна трансформација - многу порано од многу други во индустријата.

„Големиот процес на трансформација“

„Нашата компанија е во средина на голем процес на трансформација“, вели управниот директор Филип Пашен. „Рано сфативме дека технологијата на мотори со внатрешно согорување нема иднина. Нашите производи мора да најдат место во нови намени. На пример, во електричните возила или во водородната економија“, вели Пашен.

Целта е да се „постои во постфосилниот свет". Меѓутоа, трансформацијата не значи само производство на други делови. Мора да се промовира и дигитализацијата во компанијата, а и вработените исто така треба да се прилагодат.

автомобили
Германија беше пионер во технологијата на моторите со внатрешно согорувањеФотографија: Oliver Berg/dpa/picture alliance

Водечката германска индустрија во опасност

„Автомобилската индустрија е водечка германска индустрија“, вели Ина Шефер од Технолошкиот институт во Карлсруе, копретседателка на експертската група за трансформација на автомобилската индустрија што ја започна Министерството за економија. „Автомобилската индустрија е важна за Германија бидејќи има многу работни места кај малите и средни добавувачи“, објаснува таа.

Тоа се работни места кои можат да исчезнат доколку компанијата не биде во чекор со времето. „Го гледам фактот дека доцниме во однос на трансформацијата како реална опасност“, вели Шефер. Ова е поврзано со фактот дека Германија беше пионер во технологијата на моторите со внатрешно согорување.

„Бизнисот со мотори со внатрешно согорување оди многу, многу добро во последниве години. И кога се оди толку добро, тогаш, се разбира, компаниите не трпат никаков надворешен притисок да се трансформираат“.

Тесла пред Фолксваген

Сепак, од 2016 година, производството на автомобили во Германија брзо опаѓа: од 5,75 милиони произведени автомобили, на 3,4 милиони. Една од причините за ова беше пандемијата на корона.

Кога станува збор за електромобилноста, на Германците им се заканува дури и опасност целосно да заостанат. Бидејќи, во 2022 година, најпродаван електричен автомобил во земјата беше Тесла Model Y. Моделот ID.4 на Фолксваген е само на четвртото место.

Шефер наведува и други проблеми: „Особено кога ќе ја погледнеме областа на софтверот, гледаме дека многу големи германски производители на возила склучуваат договори со големи американски ИТ-компании бидејќи немаат софтверска компетентност во одредени области“.

автомобили
Од 2016 година, производството на автомобили во Германија брзо опаѓа: од 5,75 милиони произведени автомобили, на 3,4 милиони. Една од причините за ова беше пандемијата на коронаФотографија: Jochen Tack/picture alliance

Заедно преку промени

Компаниите од автомобилската индустрија во Баден-Виртемберг ги здружија силите за заедно да ги обликуваат промените. Бернхард Колмел од Универзитетот во Пфорцхајм го поддржува проектот како експерт за дигитална трансформација. „Индустријата на добавувачи е доминантен сектор во регионот. Повеќе од десет проценти од сите работни места се директно поврзани со автомобилите“, потсетува Келмел.

Во „Мрежата за трансформација северен Шварцвалд“, целта е да им се помогне на компаниите „да дизајнираат визии за иднината, да креираат стратегии и потоа, во следниот чекор, да иницираат идни проекти“.

Виценман во Ремхинген е веќе тргнат на тој пат и е задоволен од поддршката на мрежата: „Можеме да научиме многу еден од друг“, вели извршниот директор Пашен, „или да се охрабруваме да ја издржиме оваа голема промена“.

 

Малите електромобили во офанзива

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи