1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Контејнерски брод на кинеската компанија КОСКО во Хамбуршкото пристаниште
Контејнерски брод на кинеската компанија КОСКО во терминал во Хамбуршкото пристаништеФотографија: intern + HHLA Presse/Thies Rätzke

Германија сака да ја намали зависноста од Кина

Матијас фон Хајн
1 октомври 2022

Германската влада сака да ја намали зависноста од најважниот трговски партнер. Тоа го најави министерот за економија, Роберт Хабек. Но, германските стопанственици се против.

https://p.dw.com/p/4H6bT

Хамбуршкото пристаниште е вратата на Германија кон светот. А пред сѐ – вратата кон Кина. Економскиот гигант од Далечниот Исток е најголем муштерија на Хамбуршкото пристаниште. Само во првите шест месеци годинава од Кина во овој град на германскиот север стигнале преку 1,3 милиони контејнери. Контејнерскиот терминал „Толерорт“ е одредиште на многу пратки од Кина.

Кинескиот бродски гигант КОСКО затоа сака да преземе 35 проценти од сопственичкиот удел во тој терминал. Хамбуршкото пристаниште и ХХЛА (логистичка компанија) имаат иста желба, зашто тогаш „Толерорт“ би станал клучен терминал за таа најголема светска бродска компанија. Но, во средината на август е објавено дека германското Министерство за економија има одредени двоумења околу „влезот“ на компанијата КОСКО во Хамбург. Германската влада, како што пренесе новинската агенција Ројтерс, нема единствен став околу тоа дали треба да ѝ се дозволи на кинеската фирма да преземе сопственички удел во пристаништето во Хамбург. Владата мора да го одобри тој чекор, а може - и да го блокира.

Спорот околу ангажманот на бродската компанија КОСКО е јасен доказ дека германската влада ги преиспитува своите економски односи со Кина, кои долго беа еден од темелите на германскиот деловен модел.Откако по рускиот напад врз Украина стана јасен размерот на „ранливост“ на Германија поради зависноста од руски гас, Германците сега бараат одговор на прашањето - каков однос сакаат да имаат во иднина со Кина? Како да се однесуваат кон автократија, која со години е најголем германски трговски партнер и земја во која работат околу 5.500 германски компании? Како да се однесуваат кон земја која во документите на Европската унија истовремено е означена за  „партнер“ и „стратешки ривал“?  А притоа, односите сѐ повеќе се вртат во насока на – ривалство.

Владимир Путин и Ши Џинпинг - автократи и системски ривали
Владимир Путин и Ши Џинпинг - автократи и системски ривалиФотографија: Alexei Druzhinin/AP/picture alliance

Доба на наивност

Роберт Хабек, германскиот министер за економија и вицеканцелар од Партијата на зелените, најави „робустна трговска политика“ кон Кина. На крајот на конференцијата на министрите за трговија на земјите-членки на Групата 7, Хабек во средината на септември изјави дека „помина добата на наивност кон Кина.“

Хебк всушност уште на крајот на мај одби давање гаранции на концернот Фолксваген за инвестиции во Кина. Тоа беше шок. Веќе со децении на различни начини се олеснуваше работењето на германски фирми во Кина – преку гаранции за вложувања или преку гаранции за извоз на стоки.

Експертот за Кина, Тим Рилиг од Германското друштво за надворешна политика (ДГАП) за промената на курсот вели: „Тоа наскоро би можела да стане стандардна метода. Германските фирми наскоро би можеле да продолжат да инвестираат во Кина, да тргуваат со Кина, но само на сопствен ризик, а не веќе со помош на државни гаранции и разни обезбедувања.“ Германската држава, додава Рилиг за ДВ, „не сака веќе да продолжи со давање поттикнувања на германските фирми во проширувањето на нивната работа со Кина.“

Но, германските фирми тоа и натаму го прават – без оглед на политичките одлуки. Судејќи според резултатите на студијата на Јирген Матес од Институтот за германска економија (ИВ), германските фирми во првите два квартали од годинава во Кина инвестирале околу десет милијарди евра. Тоа е рекордна сума. Вложувањата притоа се концентрираат на неколку стопански гранки, првенствено тоа се автомобилската и хемиската индустрија. Само на четири германски индустриски гиганти (Фолксваген, БМВ, Мерцедес и БАСФ) отпаѓа третина од директните германски инвестиции во Кина, тврдат авторите на студијата објавена од Групацијата Родијум.

Фолксваген вложува милиони евра во Кина
Фолксваген вложува милиони евра во КинаФотографија: Xing Yun/Costfoto/picture alliance

(Не)зависност од Кина

Јерг Вутке, претседател на Европската трговска комора во Кина, ги потврдува информациите на експертите од Родијум, од кои произлегува и дека за 80 проценти од европските инвестиции во Кина се заслужни само десет големи европски компании. Вутке за ДВ вели: „Тоа е знак дека останатите европски фирми додуша не ја напуштаат Кина, но моментално во поглед на нови вложувања се интересираат за некои други земји, што значи се фокусираат на диверзификација.“ 

Вутке е воедно и втор човек на БАСФ во Кина. Тој признава дека десет големи  европски компании се изразито зависни од Кина.  Тоа се гледа и кога станува збор за  увоз на ретки метали, полусуровини за фармацевтска индустрија или кај соларните системи.  Сепак, Вутке смета дека споредбата со  зависноста на Европејците од Русија,  не е во ред: „Имаме нафтовод и гасовод од Русија, а од Кина стигнуваат играчки, мебел, спортска опрема, облека, обувки. Најголем дел од тие производи, би рекол дури 90 проценти, може лесно да се добијат и на други места.“

Но, што е со извозот во Кина? Експертот од Институтот за германска економија, Матес вели дека од него зависат околу три проценти од германските работни места: „Тоа е повеќе од еден милион работни места. Тоа е голема бројка, но треба да се согледа во контекст на преку 45 милиони работници во Германија“, додава Матес за ДВ. Неговиот заклучок е следниот: „Сѐвкупно гледано, зависноста од Кина како извозен пазар е навистина релевантна, но таа не е толку голема како што често се тврди во медиумите.“

Производство на соларни келии во Кина
Производство на соларни келии во КинаФотографија: dpa/picture alliance

Зелените вршат притисок

Зелените се тие кои пред сѐ вршат притисок внатре во германската влада  во врска со работењето со Кина. На почетокот на септември, министерката за надворешни работи Аналена Бербок ги предупреди претставниците на германското стопанство: „Не можеме себеси и на другите да им дозволиме надеж дека нема да биде толку лошо со автократските режими.“

Бербок најави нова стратегија кон Кина, која ќе биде дел од Националната безбедносна стратегија, која е во изработка: „За германската влада, а и за мене лично, важно е во стратегијата кон Кина да го примениме сето она што го научивме од нашата зависност од Русија.“

Меѓутоа, за многу германски менаџери, промената на курсот најавена од „зелениот“ министер за економија Хабек е – премногу: „Државните поттици и гаранции за работа со Кина мора во принцип да опстанат“, бара генералниот директор на Одборот за Азија и Пацифик (АПА) на германското стопанство, Фридолин Штрак, во изјава за Ројтерс. И кинеските инвестиции во Германија и во Европа би требало да се добредојдени, бара АПА. Штрак сепак не сакаше да изнесе свое мислење во конкретниот случај со влез на фирмата КОСКО во пристаништето во Хамбург.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Се множат случаите кои отвораат сомнежи во јавноста за атмосферата и изборните процеси и постапки во македонското правосудство.

Расчистување или ново прегрупирање во правосудството?

Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница