1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Десетици илјади протестираат против младинското крило на АфД

ЖА / агенции
29 ноември 2025

Во Гисен, десетици илјади луѓе протестираат против планираното основање на нова младинска организација на десничарската АфД. Полицијата употреби водени топови за да ги расчисти блокираните улици.

https://p.dw.com/p/54U8r
Десетици илјади луѓе во Гисен протестираат против планираното основање на нова младинска организација на АфД
Во центарот на Гисен и околу салата во која се одржува конгресот се формираше масовен отпор од политичари и граѓаниФотографија: Boris Roessler/dpa/picture alliance

Поради масовните протести, основачкиот  собир на новата младинска организација на АфД во Гисен започна со задоцнување од над два часа. Голем дел од 1.000 регистрирани членови пристигнаа доцна во саботата утрото за дводневниот настан во саемските простории во градот во сојузната покраина Хесен. Агендата за викендот вклучува разгледување на статутот на организацијата и избор на нејзино раководство. Претходната  младинска организација -  Млада алтернатива - се распушти пролетта откако партијата се оддели од неа.

Како што се очекуваше, во центарот на Гисен и околу салата во која се одржува собирот се формираше масовен отпор од политичари и граѓани. Протестниот сојуз „Widersetzen“ (Отпор) се обиде да го блокира пристапот до настанот со блокади на патиштата. Според нивните бројки, утрото на улиците биле повеќе од 20.000 активисти против десничарскиот екстремизам.

Според полицијата, имало изолирани насилни судири, во кои полицајците биле гаѓани со камења и шишиња. Службата за итни повици јави дека на една локација биле оштетени неколку возила и улични столбови. Полицијата користела водни топови и спреј со бибер на две блокади на федерален автопат.

Десетици илјади луѓе во Гисен протестираат против планираното основање на нова младинска организација на АфД
Полицијата употреби водени топови за да ги расчисти блокираните улици. Фотографија: Lando Hass/dpa/picture alliance

Настанот, првично закажан да започне во 10 часот утрото, поради блокадите на патот доцнеше околу два часа.

Новата младинска организација на АфД треба да биде потесно интегрирана со партијата отколку што беше  Младата алтернатива пред  нејзиното распуштање.  „Очекуваме ова да ја стави целата младинска организација на стабилна основа и да обезбеди дека таа работи рака под рака со матичната партија, односно со нас“, изјави неодамна лидерката на партијата,  Алис Вајдел.  Во саботата утрото, на платформата X таа објави порака за поддршка: „Силни заедно, Гисен, доаѓаме".Новата младинска организација ќе се вика „Генерација  Германија“.  Жан-Паскал Хом, член на покраинскиот парламент на Бранденбург, се смета дека ќе биде  нејзин претседател. Тој е поврзан со крајната десница на  АфД и припаѓа на покраинскиот огранок на Бранденбург, кој е класифициран како докажана  десничарска екстремистичка организација.