1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германците сѐ почесто се на боледување

АРД
27 ноември 2025

Вработените во Германија зачестено изостануваат од работа поради болест. Нова анализа покажува кои болести се најчести - и во кои региони особено многу луѓе земаат боледување.

https://p.dw.com/p/54IC6
Болна жена со хартиено марамче преку растечениот лежи под ќебето на кауч, а до неа има разни лекови и филџан
Од 2021 година, бројот на случаи на боледувања пријавени во германското здравствено осигурување БКК значително се зголемилФотографија: blackday/Zoonar/picture alliance

Во хотел за велнес во германскиот регион Харц се вработени 173 лица. Директорот на хотелот, Петер Виндхаген, особено во ова време од годината се соочува со голем проблем: сѐ повеќе вработени се болни. Тој вели дека од 2019 година, бројот на денови за боледување е речиси двојно зголемен. Притоа, некои вработени одат на боледување и поради блага настинка.

„Мислам дека некои луѓе воопшто не се свесни дека предизвикуваат економска штета кога одат на боледување“, истакнува Виндхаген, но и додава: „Секако, важно е лицето да оди на лекар ако се чувствува лошо“.

Зголемената стапка на боледување во Германија не ја забележува само директорот на тој хотел. Од 2021 година, бројот на боледувања пријавени во здравственото осигурување БКК значително се зголеми. Ова го покажува анализата на податоците на пет милиони осигуреници на БКК.

Кои болести се најчести?

Многу голем број денови за боледување се должат на болести на мускулно-коскениот систем, како што се болки во грбот или артритис. Но, тие вредности - и покрај стареењето на работната сила - остануваат стабилни со години. 

Симболична фотографија за болка во грбот
Многу голем број денови за боледување се должат на болести на мускулно-коскениот систем.Фотографија: Fotolia

И психолошките нарушувања играат голема улога. Меѓутоа, тие континуирано растат и одделно предизвикуваат особено долги периоди на отсуство од работа.

Посебен скок е забележан во 2022 година кај болестите на респираторниот систем - ова ги вклучува инфекциите со коронавирус и грип, како и класичната настинка. Тие бројки останаа високи.

Болести на респираторниот систем како придвижувач

Ова зголемување има неколку причини. Во тој период, на пример, во Германија беше воведена задолжителна електронска потврда за неспособност за работа (eAУ). Ова значи дека пациентите повеќе не мора лично да поднесуваат дознаките за боледување во здравственото осигурување, туку тие се испраќаат автоматски. Значи, податоците сега се поцелосни.

И уште нешто: „Постои таканаречен ефект на задоцнување“, вели Лајф Ерик Сандер, директор на инфектологија во болницата Шарите во Берлин. Едноставно кажано - ако некои болести не можеа да се шират неколку години - затоа што луѓето, на пример, остануваа дома или носеа маски - во наредните години доаѓа до поголеми бранови на инфекции.

Покрај тоа, многу вработени станаа почувствителни, вели д-р Сандер и објаснува: „Луѓето сега со респираторни инфекции - ако не можат да работат од дома или се премногу болни за да работат - претпочитаат да одат на боледување затоа што не сакаат да ги заразат своите колеги“.

„Со ковид-19 се појави уште една голема болест на респираторниот систем која не постоеше порано“, објаснува инфектологот. „Таа предизвикува приближно толку многу денови за боледување како и сезонскиот грип, грипот, и секоја година е товар за економијата“.

Истражувањето на Централниот институт за медицинска нега покажува: 58 проценти од дополнителните случаи на боледување во 2022 година и 41 отсто од дополнителните случаи во 2023 година се должат на акутни инфекции на респираторниот тракт и корона-инфекции. Болестите на респираторниот систем учествуваа со околу 20 проценти од сите денови за боледување во Германија во 2024 година.

Човек со настинка седи и кашла со хартиено марамче во едната рака. Пред него во преден план се гледа чаша со топол напиток.
Дури 58 проценти од дополнителните случаи на боледување во 2022 година и 41 процент од дополнителните случаи во 2023 година може да се објаснат со акутни респираторни инфекции.Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Klose

Значајни регионални разлики

Регионално, постојат големи разлики во бројот на денови за боледување на осигурените лица во БКК во 2024 година. Помеѓу германската покраина со најмногу и онаа со најмалку денови отсуство од работа во просек се речиси десет дена. Во Баден-Виртемберг, вработените осигурени лица во БКК биле на боледување во просек 18,5 дена во 2024 година, а во Сарланд и Саксонија-Анхалт дури 28 дена.

Причините за ова се многу слоевити, објаснува Хендрик Берт, психолог на Универзитетската клиника во Дрезден, кој се занимава со врската помеѓу работата и здравјето. Берт гледа можна причина во условите за работа - на економски силниот југ, германските компании полесно можат да си дозволат подобри услови за работа.

Покрај тоа, тие се под притисок да привлечат и задржат добри работници, па затоа мора да им понудат подобри услови. Постојат разлики во платите, а компаниите „дури понекогаш плаќаат и членарина во фитнес клуб“, вели Берт.

Менаџерите најмалку на боледување

Бројот на денови за боледување е особено висок кај оние кои работат во области како што се чистењето, но и сообраќај, логистика и производство. Во просек, чистачите поминуваат дури повеќе и од еден месец годишно на боледување. Ова е делумно затоа што мускулно-коскените заболувања се особено чести кај нив, што доведува до долги отсуства од работа.

Шприц со вакцина против коронавирус (симболична фотографија)
Експертите препорачуваат вакцинација против респираторни заболувања како што е грипотФотографија: Weber/Eibner-Pressefoto/picture alliance

Од друга страна, луѓето на менаџерски позиции, како и во ИТ и природните науки, на пример, ИТ специјалисти, биолози или геолози, земаат боледување многу поретко.

Болестите можат да влијаат една на друга, додава Леиф Ерик Сандер и објаснува: „Ако веќе постои поголем психолошки товар, а на тоа се додаде и респираторна инфекција, тогаш може побрзо да се стане неспособен за работа.“

Ерик Сандер и неговиот тим моментално истражуваат милиони податоци од пациенти. Тие покажуваат дека заразните болести - на пример респираторните заболувања - меѓу другото, можат да предизвикаат проблеми со срцето. Врската, според меѓународните студии, е толку очигледна што европските кардиолошки здруженија за превенција на срцеви заболувања од неодамна препорачуваат вакцинација, на пример против грип или пневмокока.

Авторки: Јулија Бартел, Софи Менер, Кирстен Гиршик