Фотографии на денот
Актуелни, занимливи, необични, прекрасни или застрашувачки. Поглед на секојдневието преку редовната #ФотографијаНаДенот на Дојче Веле на македонски јазик.
Дронови наместо огномет
Еден месец во пресрет на Нова година, Германската организација за заштита на животната средина претставува алтернатива за огнометот и петардите кои можат да бидат опасни и ја загадуваат околината. Околу 150 дронови кои светат во различни бои на ноќното небо над Берлин формираа форми како цвеќиња, чаши за шампањ или оваа спирала.
Балкан и делови од Источна Европа под снег
Поради интензивни врнежи од снег и снежни намети, во четири региони во Бугарија е прогласена вонредна состојба, без струја се околу 1000 населби. Студот и снегот однесле и три жртви – еден бездомник замрзнал, а две лица загинале во сообраќајка. Снежни бури го зафатија и брегот на Црното Море во Украина, во пристанишниот град Одеса е блокиран сообраќајот, а училиштата работат онлајн.
Инсталација за заложниците кои се во рацете на Хамас
Оваа инсталација е поставена во Тел Авив за луѓето кои беа земени како заложници од страна на милитантите на Хамас за време на терористичкиот напад на 7 ноември 2023. Дел од нив се веќе ослободени, но уште поголем број киднаперите од терористичкиот Хамас ги држат во свои раце.
Прекумерно загадување
Овој човек се обидува да не се намокри од загадената вода во заливот Хан, Сенегал, кој некогаш важеше за еден од најубавите заливи во западна Африка. Долж заливот долг околу 14 километри се нанижани традиционални рибарски села и вили, како и туристички атракции. Заливот Хан во последните 20 години стана центар на индустријализацијата на Дакар. Денес тој е еден од најзагадените делови на Дакар.
На пат кон зимските живеалишта
Зимата се ближи: „Лебедовиот татко“ од Хамбург, Олаф Нис, ги собра првите лебеди за да ги однесе во нивните зимски живеалишта во заштитени води. „Лебедови татковци“ постојат во Хамбург од 1674 година. Дотогаш, чувањето лебеди било резервирано за кнезовите и кралевите. Според легендата, Хамбург ќе задржи статусот на слободен и ханзеатски град само сѐ додека има лебеди на реката Алстер.
Бајден помилува мисирки за Денот на благодарноста
Церемонијата на помилување на мисирките се одржа во Белата куќа. Мисирките Либерти (на фотографијата) и Бел се одгледани на фарма во Минесота. Тие патувале со воза 20 часа за да стигнат во Вашингтон и биле сместени во луксузниот хотел Вилард ИнтерКонтинентал. Мисирките го поминат остатокот од животот во Колеџот за храна, земјоделство и природни ресурси на Универзитетот Минесота.
Почит за Розалин Картер
Ројс Собл од Атланта седи покрај базенот во центарот „Картер“ по смртта на поранешната прва дама на САД, Розалин Картер. „Сакав само да седам овде и да споделам момент на мир и да изразам почит кон семејството“, вели тој. Розалин Картер, почина на 96-годишна возраст. Нејзиниот сопруг Џими Картер ја опишува како „рамноправен партнер“ - таа веќе беше политички активна за време на неговиот мандат.
Топлотен бран во Бразил
Овој човек во Рио де Жанеиро се обидува да се разлади под вода од фонтана во паркот Мадуреира. Делови од Бразил се зафатени од огромни горештини уште пред официјалниот почеток на летото на јужната полутопка. Во милионската метропола Рио де Жанеиро неделава измерената температура се искачи на над 40 степени, а луѓето ја чувствуваат како 58,5 степени, јави агенцијата Бразил.
Густ смог во Индија и Пакистан
Изгледа речиси романтично: силуета на работник опкружен од прашина, во заднината изгрева сонцето. Во доцна есен бројни градови во Индија и во Пакистан се обвиени од смог, како што е пакистанската милионска метропола Лахоре на оваа фотографија. Силуетата на работник пред изгревот на сонцето можеби на прв поглед изгледа привлечно, но за луѓето кои живеат таму, смогот е огромен здравствен проблем.
Подготовка на џиновски божиќен колач
Пекарите во Дрезден во недела (13 ноември, 2023) земаа в раце 500 килограми брашно за печење на од 250 пандишпани од по седум килограми за традиционалниот џиновски штолен. Во текот на првата недела од Адвентот, треба да се состави џиновскиот штолен, да се посипе со шеќер во прав и да се претстави на 9 декември на традиционалниот штолен-фестивал во Дрезден.
Прошетка не се препорачува
Пешачење по брегот на Балтичкото Море во Германија деновиве на само што не се препорачува, туку е и навистина опасно и властите предупредуваат од такви прошетки. Имено силната бура која го погоди првенствено северот на Германија во изминатите неколку дена предизвика лизгање на земјиштето на огромни делови од карпите на брегот на островот Риген во Балтичкото Море.
По 86 години: во БиХ повторно видена ретка пеперутка
Истражувачи од БиХ, Австрија и Германија на Влашиќ откриле редок вид пеперутка, последен пат видена во 1937 година. Балканскиот планински мразовец (Lignyoptera thaumastari), порано е виден на неколку планини во БиХ и Црна Гора, а се појавува дури откако ќе падне првиот снег. Крилата на мажјакот се розови, додека женките, кои не летаат, речиси и немаат крила.
Џиновски водопад
Малиот мост е како создаден за фотографирање пред браната и вештачкото акумулационо езеро Вет Слејдел во северна Англија. Водата од вештачкото езеро се слева преку ѕидот на браната на резервоарот Вет Слејдел, висок преку 20 метри и долг околу 600 метри. Пред ѕидот е техничар во редовна инспекција. Акумулационото езеро се наоѓа во северна Англија и го снабдува Манчестер со вода.
Повторно поларна светлина на небото над Германија
Поларната светлина е фасцинантен природен спектакл што ретко се гледа во Германија, а често – во Скандинавија. Но, на викендот некои ранобудници во покраините Хесен, Северна Рајна Вестфалија и Баварија имаа доволно среќа да ги откријат светлечките превези на темното небо. Поларната светлина настанува кога т.н. соларни ветрови наидуваат на кислородот во горните слоеви на атмосферата на Земјата.
За жал, седиштата се празни
Оваа инсталација во Меѓународниот конгресен центар во Ерусалим уште еднаш го насочува вниманието кон повеќе од 240 заложници киднапирани од терористичката организација Хамас во Појасот Газа за време на нејзиниот напад врз Израел на 7 октомври. Плакатите со фотографии од заложниците на седиштата во салата на конгресниот центар покажуваат кој е киднапиран - и затоа не може да седи таму.
Ударот на бурата Киран
Силниот ветер и дожд што ги донесе бурата Киран предизвикаа големи проблеми во јужна Англија. Бродскиот сообраќај во пристаништето Довер беше запрен повеќе часови, а беа затворени и стотици училишта. Бурата Киран беснееше и во северозападна Франција, а со помал интензитет и во други земји. Бурата однесе седум жртви - во Франција и Белгија по две и во Германија, Холандија и Шпанија по една жртва.
Пирамида од луѓе
Оваа пирамида од луѓе беше подигната во Барселона на денот на Сите Свети, 1 ноември. Пирамидите од луѓе во регионот Каталонија се подигнуваат на различни празници. Учесниците притоа се качуваат на рамена на оние кои се под нив сѐ додека не биде постигната определена висина. Луѓето кои прават вакви пирамиди се нарекуваат кастелерс и се организирани во различни групи, кои се натпреваруваат меѓусебно
Училиште за Дедомразовци
Овие посетители на наставата за Дедомразовци во Бразил стигнаа до свидетелство дека може да ја извршуваат оваа тешка задача во Рио де Жанеиро. Нивниот израз на лицата додека прославуваат во вовче сведочи за среќата поради успешно завршената обука. Основано во 1993 година, училиштето ги подготвува своите ученици за работа како Дедо Мраз во трговски центри или на приватни настани.
Првата дама на САД како мачка за Хеловин
Првата дама на САД, Џил Бајден, костимирана како мачката Вилоу, им чита книги на деца на прославата за Хеловин во јужната градина на Белата куќа. Мачката Вилоу живее со Џо и Џил Бајден по едно предизборно ветување дека во семејството на Претседателот ќе биде прифатена и мачка. Таа порано живеела на фарма, а наречена е Вилоу по родниот град на првата дама на САД - Вилоу Гроув, Пенсилванија.