ЕК отвори постапка против Епл, Мета и Алфабет
25 март 2024Поради сомневања дека не се придржуваат доволно до новиот закон за дигитални пазари, Европската комисија отвори постапка против концернот мајка на Гугл - Алфабет, производителот на Ајфон - Епл и концернот мајка на Фејсбук - Мета. Со законот, ЕУ сака да ја ограничи пазарната моќ на дигиталните компании. Доколку го прекршат законот, тие се соочуваат со казни од милијарди евра.
Откако законот стапи на сила на почетокот на март, компаниите веќе најавија промени, нагласи еврокомесарот за дигитална технологија Тјери Бретон. „Сепак, не сме убедени дека решенијата предложени од Алфабет, Епл и Мета се доволни за исполнување на нивните обврски“, објасни тој. Комисијата „со месеци“ води разговори со компаниите за да им помогне да се прилагодат на новите правила.
Заштитниците на конкуренцијата истражуваат, меѓу другото, дали Алфабет им дава на сопствените услуги како Google Maps или Google Shopping нефер конкурентска предност во листата со резултати од пребарувачот Гугл. Во случајот со Епл, Комисијата изрази загриженост бидејќи корисниците на Ајфон понекогаш не можат да ги избришат претходно инсталираните апликации и не можат да променат некои стандардни поставки на своите мобилни телефони.
Алфабет и Епл се обвинети и за индиректно принудување на развивачите на апликации да ги користат нивните продавници за апликации. На мобилните телефони со оперативниот систем на Алфабет - Андроид тоа е Google Play Store, а на Ајфоните е претходно инсталирана App Store на Епл. Според наводите од ЕК, концерните, на пример, ги спречуваат другите провајдери да даваат информации за цените или да склучуваат договори ако не ја користат соодветната продавница за апликации.
Истрагата за концернот Мета се врти околу многу критикуваниот модел на плаќање за платформите Фејсбук и Инстаграм - корисниците можат да плаќаат месечна претплата од најмалку 9,99 евра ако веќе не сакаат да гледаат реклами. Само оние кои прифаќаат персонализирани реклами можат да продолжат да ги користат платформите бесплатно. Комисијата на ЕУ се сомнева дека корисниците на тој начин индиректно се принудени да ги даваат своите податоци.
Со Законот за дигитални пазари, ЕУ сака да ја ограничи пазарната моќ на таканаречените вратари на интернет, односно на оние кои одлучуваат кои информации ќе стигнат до корисниците, а кои не. Од почетокот на март построгите правила важат за концернот мајка на Гугл - Алфабет, за Амазон, Епл, за концернот мајка на ТикТок - Бајтденс, како и за Мета и Мајкрософт. Доколку Европската комисија во своите истраги утврди прекршување на новиот закон, компаниите се соочуваат со казни до десет отсто од нивниот глобален годишен обрт.