1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕЦБ: Највисока каматна стапка во последните 15 години

ЖА / агенции
15 јуни 2023

ЕЦБ опстојува на својот каматен курс со оглед на постојано растечките цени. Основната каматна стапка е подигната осми пат последователно и моментално е висока речиси колку на почетокот на финансиската криза – 4 проценти.

https://p.dw.com/p/4ScGs
Кристин Лагард ЕЦБ
Кристин Лагард, шефицата на Европската централна банка опстојува на борбата против високата инфлацијаФотографија: Boris Roessler/dpa/picture alliance

Европската централна банка го продолжува својот курс на зголемување на каматата во рамките на борбата против високата инфлација. На денешната седница во Франкфурт, ЕЦБ денеска ја зголеми референтната каматна стапка за 0,25 процентни поени, исто како и во мај. Основната каматна стапка, по која деловните банки добиваат свежи пари од ЕЦБ, сега изнесува 4 проценти. Малку повисоко ниво каматата последен пат имаше на почетокот на светската финансиска криза на почетокот на октомври 2008 година со тогашните 4,25 проценти.

Сегашното покачување е осмо по ред. Ако банките во иднина ги „паркираат“ парите кај ЕЦБ, ќе добиваат 3,5 проценти камата. Од јули 2022 година, ЕЦБ во досега невидена серија цврсто опстојува на покачување на каматите, иако по почетното зголемување од 0,5, темпото е нешто побавно.

Високите камати ги поскапуваат кредитите, што може да ја закочи побарувачката и да претставува брана против големите поскапувања. Во еврозоната потрошувачките цени во мај, според првичните проценки на статистичката служба Евростат, се за 6,1 проценти повисоки од нивото во истиот месец минатата година. Во април стапката на поскапување изнесуваше 7 проценти. Ова е се`уште значително повисоко од декларираната цел на ЕЦБ од два проценти.

Шефицата на Европската централна банка, Кристин Лагард неодамна најави натамошно покачување на каматната стапка: „Притисокот на цените останува силен. Нашите идни одлуки ќе се ориентираат колку што е можно повеќе кон тоа референтната камата да биде доведена на доволно рестриктивно ниво“, изјави Лагард.

Наспроти ЕЦБ, Американската централна банка, Федералните резерви (ФЕД), по десет последователни зголемувања на каматната стапка, направи пауза, во средата ја остави нејзината основна камата во распон од 5 и 5,25 проценти.

Високиот пораст на цените ја „топи“ куповната моќ на луѓето, потрошувачите можат да си дозволат многу помалку за своите пари. Тоа претставува притисок врз економскиот развој, за когошто приватното консумирање е вистинска потпора. На друга страна, растечките камати ги поскапуваат и кредитите за претпријатијата, поради што отпаѓаат дел од инвестициите, а тоа пак ја кочи конјунктурата.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема