1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
НаукаЕвропа

До каде може да оди Големиот брат?

28 јануари 2023

Унијата е на пат да биде прва во светот која постави ограничувања за користење на вештачката интелигенција, за да не ги повредува правата на граѓаните. Сепак, и заштитниците на податоците и бизнисот се незадоволни

https://p.dw.com/p/4KcGk
вештачка интелигенција
Европската Унија за прв пат одлучи да ја регулира вештачката интелигенција.Фотографија: imago images/Imaginechina-Tuchong

Роботите ја преземаат контролата, водат војна против човештвото, а некој очаен научник беспомошно гледа какво чудовиште создал... тоа е темата на многу дистописки филмови. Иако реалноста е сè уште далеку, поради слични стравови, Европската Унија за прв пат одлучи да ја регулира вештачката интелигенција.

На почетокот на декември ланската година (6 декември) беше објавено дека членките на ЕУ се договорија за сеопфатни правила за употреба на вештачка интелигенција (ВИ). Одлуката го поттикнува нејзиниот развој, но треба да осигури дека употребата на технологијата е во согласност со основните човекови и други права.

„Така, ЕУ е на добар пат да биде прва во светот што ќе создаде обврзувачка рамка за веродостојна употреба на вештачката интелигенција“, рече германскиот министер за правда Марко Бушман од Либералите. Сепак, тој смета дека допрва треба да се направат подобрувања, пред се во гарантирањето на анонимноста на јавниот простор и транспарентноста во користењето на вештачка интелигенција. 

Пофалби стигнаа и од министерот за економија, Роберт Хабек (Зелените), кој смета дека вештачката интелигенција е „одлучувачка за конкурентноста на ЕУ“.

Пред правилата - во моментов напишани на 125 страници - да станат обврзувачки, членките на ЕУ треба да добијат согласност од Европскиот парламент.

Дали наскоро роботи ќе ни готват храна?

Забрането „бодување“ на луѓе

Европската комисија го предложи законот минатата година, со идеја да се постават глобални стандарди и да се воспостави доверба меѓу корисниците и вештачката интелигенција. Колку се поголеми потенцијалните опасности од нејзината употреба, толку повисоки се потребните стандарди – и казните за прекршоци.

Така, министрите-членки на ЕУ задолжени за телекомуникациите се согласија дека вештачката интелигенција не треба да се користи за (пред)оценување на луѓето врз основа на нивното социјално однесување или карактер, доколку тоа може да доведе до негативни последици.

Токму таков систем за бодување граѓани е широко користен во Кина, каде луѓето се под постојан надзор и евалуација на алгоритми.

ЕУ, исто така, сака да ги регулира стандардите за особено чувствителните ВИ системи, како што се оние кои се занимаваат со биометриско препознавање или снабдување со електрична енергија и вода. Додуша, употребата на вештачка интелигенција за воени и чисто истражувачки цели е изземена од сите овие правила.

Робот диригент

Системите способни за независно учење се сметаат за вештачка интелигенција. Софтверите обично работат со големи количини на податоци од кои извлекуваат заклучоци.

Технологијата веќе широко се користи, од тестирање на самоуправувачки автомобили - каде што човек возач може да седи и да не прави речиси ништо - до платформи како Јутјуб или Спотифај кои користат вештачка интелигенција за да му го предложат следното видео или песна на корисникот. Или чет-ботови со кои клиентите разговараат во обид да решат проблем.

Критики од двете страни

Критичарите се многу незадоволни од патот по кој оди ЕУ, тврдејќи дека има премногу отворени прашања. На пример, здружението на потрошувачи на ЕУ Беук објави дека не е јасно дали на приватните компании им е дозволено да користат софтвер за препознавање лица на јавни места.

И холандската европратеничка на Зелените, Ким ван Спарентак, на Твитер напиша дека новите правила се „полни со дупки“.

Активистите за приватност и заштита на податоците се особено скептични за тенденцијата на се повеќе држави да ги држат граѓаните под постојан надзор со безброј камери и софтвер за препознавање лица. Ова, велат критичарите, ги претвора општествата во Голем брат.

робот Бремен
Германскиот робот Шерпа во истражувачкиот центар во БременФотографија: Sina Schuldt/dpa/picture alliance

Во 2019 година, американскиот тинк-тенк Карнеги заклучи дека најмалку 75 од 176 испитани земји користат вештачка интелигенција на овој начин.

Од друга страна, како што пишува весникот „Ханделсблат“, технолошките компании и нивните здруженија ја критикуваат ЕУ затоа што има намера премногу да ја регулира областа и со тоа, како што велат, да го задуши претприемачкиот дух. Дигиталното здружение Битком критикуваше дека премногу се фокусира на ризиците, а премалку на профитот.

Европската економија стравува дека ќе бидат збришани од американската и кинеската конкуренција, кои нема да имаат толку строги правила за следење.