1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Екстрадицијата заврши, почнува истрагата за Палевски

16 мај 2024

Со оглед на сложената и обемна постапка за екстрадиција, во која се вклучени повеќе институции во Турција, таа сепак заврши во краток рок.

https://p.dw.com/p/4fuCC
Љупчо Палевски Палчо - првосомничен за убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и на 74- годишниот Панче Жежовски
Љупчо Палевски Палчо - првосомничен за убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и на 74- годишниот Панче ЖежовскиФотографија: DW

По пет месеци заврши процесот на екстрадиција на Љупчо Палевски Палчо - првосомничен за убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и на 74- годишниот Панче Жежовски од Велес. Тие беа пријавени за исчезнати на 24-ти и 27-ми ноември минатата година, а нивните мртви тела беа пронајдени на 3-ти декември, на различни локации во близина на Скопје и Велес. Предистрагата утврди дека и двајцата биле грабнати, врзани и потоа застрелани.

Палевски во Скопје вчеравечер беше транспортиран со редовна авионска линија Истанбул-Скопје. Во синоќешната дождлива ноќ, тв-камерите го снимија на задното седиште меѓу две лица во едно од цивилните возила со кои беше донесен од Меѓународниот аеродром Скопје до затворот Скопје, а во придружба на уште три возила, исто така без полициски ознаки.

Убиство кое ја шокираше и потресе македонската јавност: соученици и граѓани на Скопје и оддаваат почит на 14-годишната Вања Ѓорчевска
Убиство кое ја шокираше и потресе македонската јавност: соученици и граѓани на Скопје и оддаваат почит на 14-годишната Вања ЃорчевскаФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Правдата ќе ве стигне, каде и да сте!"

„Полициски службеници од Секторот за меѓународна полициска соработка на МВР во соработка со турската полиција на 15.5.2024 година го завршија процесот на екстрадиција од Република Турција на Љупчо Палевски (59) од Скопје, за кого беше распишана меѓународна потерница за истрага за кривични дела „грабнување" и „убиство“ по издадена наредба 3 од Основното јавно обвинителство Скопје. Лицето е пренесено во КПУ Затвор – Скопје“, соопшти синоќа МВР.

Министерството за правда и министерот Кренар Лога преку соопштение изразија голема благодарност до турските власти, особено до министерот за правда на Република Турција, Јилмаз Тунч, за нивната брза реакција и преземањето на сите мерки за екстрадиција на Љупчо Палевски.

„Целата постапка се спроведе во релативно краток период за неполни пет месеци. Ова е добар знак за општеството и порака дека правдата ќе ве стигне, каде и да сте!“, се наведува во соопштението од Министерство за правда.  

Министерот за правда Кренар Лога изрази голема благодарност до турските власти, за нивната брза реакција и преземањето на сите мерки за екстрадиција на Љупчо Палевски.
Министерот за правда Кренар Лога изрази голема благодарност до турските власти, за нивната брза реакција и преземањето на сите мерки за екстрадиција на Љупчо Палевски.Фотографија: Ministry of Justice North Macedonia

На 7-ми декември 2023 година, министерот за правда, Кренар Лога го потпиша барањето за екстрадиција на Палевски од Турција, a на 30-ти април турското Министерството за правда соопшти дека Турција ја одобрила екстрадиција на Палевски. Со оглед на сложената и обемна постапка за екстрадиција, во која се вклучени повеќе институции во Турција, таа сепак заврши во краток рок.

Од Србија кон Турција

По убиствата на Ѓорчевска и Жежовски, и по меѓународната потерница што ја распишаа македонските власти, првоосомничениот Палевски на 5-ти декември беше лоциран и приведен во градот Беликесир во Турција, каде што беше задржан во екстрадициски притвор. На престојот во Беликесир му претходело патување и престој на Палевски во Белград, по што од Србија преку Бугарија заминал во Турција. Бидејќи го возел првоосомничениот Палевски од Србија до Турција, мерки за претпазливост му беа одредени и на Стефан Димовски од Струмица, кој по враќањето од Турција беше уапсен од македонската полиција на граничниот премин Дојрани.

Македонската полиција на крајот на ноември 2023 трагаше по исчезнатата Бања Ѓорчевска пред да се востанови нејзиното убиство
Македонската полиција на крајот на ноември 2023 трагаше по исчезнатата Бања Ѓорчевска пред да се востанови нејзиното убиствоФотографија: Nordmazedonien Innenministerium

Според првите информации кои на прес-конференција ги изнесоа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и шефот на скопското Основно јавно обвинителство, Гаврил Бубевски, Вања била грабната во влезот од зградата во која живеела, а за нејзиното грабнување бил користен автомобилот на претходно грабнатиот и убиен велешанец.

Зајакнато обезбедување

Освен Палевски како првоосомничен, за случајот со двојното убиство се осомничени и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски, кои се се товарат за две кривични дела - убиство и грабнување. Меѓу осомничените е и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, заради искази на другите осомничени, дека наводно споделил информации со Палевски за тоа кога неговата ќерка Вања би била сама, односно за времето во кое ќе се упати кон училиштето.

Спроведување на осомничените за убиството на Вања Ѓорчевска на 6 декември 2023 година
Спроведување на осомничените за убиството на Вања Ѓорчевска на 6 декември 2023 годинаФотографија: Arbnora Memeti/DW

На сите четворица судот им определи притвор, но на крајот од минатиот месец Врховниот суд ја уважи жалбата на Александар Ѓорчевски и му определи мерка куќен притвор и мерка на претпазливост.

За разлика од другите притворени, за кои според неофицијални извори истрагата е во завршна фаза, таа за Палевски допрва ќе почне. Дотогаш во притвор тој ќе биде сместен во посебна ќелија до која се доаѓа преку посебен ходник. Ќе има зајакнато затворско обезбедување поддржано и со видео надзор, и можност во одредено време да шета во отворен дел, но не заедно со други притвореници.

Кој е Љупчо Палевски, осомничениот убиец на Вања Ѓорчевска