Еден загинат во тешкото невреме што ја зафати Франција
18 октомври 2024Големи количества дожд предизвикаа поплави, евакуации и затворени автопати и железнички линии во делови од Франција. Во Париз, маж загина од паѓање на дрво, а повредени се две деца на возраст од 3 и 5 години, јавуваат француските медиуми.
Метеоролошката служба Метео Франс издаде највисоко ниво на предупредување - црвено - за шест департмани во јужниот дел на земјата, а портокалово ниво на предупредување е издадено за 34 департмани.
Во регионот Оверн-Рона-Алпи, околу 900 луѓе и неколку училишта мораа да бидат евакуирани, а телевизиски снимки покажаа поплавени автопати, супермаркети и автомобили како пливаат во водата. Голем број училишта и градинки во регионот се затворени до сабота.
Затворени железничките линии и автопатите
Автопатот и железничката линија меѓу јужниот француски град Лион и Сент Етјен на југозапад се прекинати. Државната железница СНЦФ соопшти дека ниту еден воз нема да може да сообраќа меѓу двата града неколку дена.
Според наводи на префектурата, не е јасно и кога автопатот повторно ќе биде отворен. Операторот на автопати Vinci Autoroutes вчеравечер (17.10) предупреди на можни прекини на над 30 француски автопати.
Стотици пожарникари на должност
Според наводи на Министерството за внатрешни работи, во акција се 1.500 пожарникари. Ќе се направи сѐ за да им се помогне на погодените, изјави министерот за внатрешни работи Бруно Ретало во Париз. Властите предупредија да не се влегува во поплавените подрачја пеш или со автомобил.
Екстремни врнежи од дожд имаше и во Париз - според метеоролозите, повеќе дожд паднал за еден час отколшку што вообичаено паѓа за две недели. Некои метро станици се затворени поради поплави.
Повеќе од 600 литри на метар квадратен
„Имаме ситуација која е без преседан во нејзините размери“, рече министерката за еколошки пресврт Ањес Паниер-Рунашер. Локално, во рок од 48 часа наврнаа повеќе од 600 литри дожд на метар квадратен, што е „апсолутно многу“.
Министерката предупреди: „Соочени сме со настани поврзани со климатските промени кои сè почесто ќе ги доживуваме, мора да се подготвиме за нив“. Во министерството е формиран кризен штаб. Како што се вели, ќе бидат мобилизирани сите релевантни служби.
47 заробени лица евакуирани од супермаркет
Откако беше поплавен супермаркет во градот Гиворс на Рона, во кој вечерта привремено беа заробени 47 луѓе, синџирот супермаркети „Карфур“ превентивно затвори други свои продавници во Ница, Кан, Монако и Антиб.
Како што објави директорот на „Карфур“, Александре Бомпард, на горниот кат на поплавениот супермаркет првично имало 39 вработени, како и осум муштерии и вработени во други продавници. Тие вечерта биле извадени од зградата од страна на противпожарната служба.