1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
НаукаАфрика

Зошто Африка е под постојана закана од ебола?

19 мај 2026

Ебола е многу заразна и смртоносна зараза. Детали за вирусот, симптомите, вакцините и најновата епидемија во Африка.

https://p.dw.com/p/5Dxc3
Погребни лица носат жртва од ебола во Бени, Конго. јули 2019
Еболата е многу заразна и смртоносна болест која најчесто се појавува во АфрикаФотографија: Jerome Delay/AP/picture alliance

Светската здравствена организација (СЗО) на 17 мај 2026 година прогласи вонредна состојба од меѓународно значење за јавното здравје, поради појавата на епидемија на ебола предизвикана од вирусот Бундибугио во Демократска Република Конго и Уганда. Организацијата притоа нагласи дека ситуацијата „не ги исполнува критериумите за прогласување пандемија“.

Ова доаѓа непосредно по појавата на хантавирус на бродот „Хондиус“ и во период кога СЗО ја одржува својата 79-та Генерална асамблеја (18–23 мај 2026 година).

Што е ебола и како се пренесува

Ебола е вирусна болест што ги оштетува крвните садови и предизвикува тешко внатрешно крварење. Се пренесува од животни на луѓе, а меѓу луѓе преку близок контакт со крв, органи, секрети и други телесни течности.

Некои форми на ебола може да се спречат со вакцини и да се третираат со лекови. Болеста првпат е откриена во 1976 година, а најголемата епидемија досега се случи меѓу 2014 и 2016 година, кога се прошири низ повеќе африкански држави и однесе околу 10.000 животи.

Еболата и натаму претставува сериозен здравствен предизвик за погодените региони, а развојот на вакцини се смета за клучен фактор за намалување на нејзиното влијание.

Најчесто, епидемиите се предизвикани од два типа на вирусот – заирскиот (Zaire ebolavirus) и суданскиот (Sudan ebolavirus). Во поновите епидемии, со голем број заразени, научниците ги користеа овие ситуации за да ги тестираат вакцините во развој.

Најтешки епидемии и разлики меѓу вирусите

Најголемата позната епидемија на ебола се случи дури четири децении по нејзиното откривање. Во периодот од 2014 до 2016 година, вирусот се прошири од Демократска Република Конго кон Либерија, Гвинеја и Сиера Леоне, со повеќе од 28.600 заразени и околу 10.000 починати. 

Помеѓу 2018 и 2020 година, еболата повторно се прошири од ДР Конго кон Уганда. Дополнителни избувнувања се регистрирани и во Габон, Јужна Африка, Брегот на Слоновата Коска, Нигерија, Мали и Сенегал, при што загинаа најмалку 2.000 луѓе.

Болеста е именувана по реката Ебола, каде што била откриена во 1976 година за време на две истовремени епидемии – во тогашен Заир (денешна ДР Конго) и Јужен Судан.

Еболавирусната болест (EVD) е најсмртоносната форма, со стапка на преживување од околу 10 проценти. Суданската варијанта (SVD) има стапка на смртност од околу 50 проценти. Третата по зачестеност варијанта во Африка е вирусот Бундибугио, откриен во 2007 година.

Симптомите се слични: висока температура, гадење, слабост, губење апетит и необјаснето крварење. Кај суданската варијанта почесто се јавува болка во градите.

Третман, лекови и вакцинација

При рано откривање, еболата може да се третира во болнички услови со орални и интравенски течности и соодветни медикаменти, со што значително се намалува ризикот од смртоносен исход.

Меѓу најзначајните терапии се:

Ебанга (Ebanga) – лек базиран на антитела кој го спречува навлегувањето на вирусот во клетките.

Инмазеб (Inmazeb) – комбинација од три антитела.

Во двата случаи, пациентите не треба истовремено да примаат живи вакцини. Светската здравствена организација предупредува дека лекување во домашни услови не се препорачува, бидејќи вирусот е исклучително заразен и постои висок ризик од пренос на други лица во домаќинството. 

Во потрага по лек против ебола

Дополнителен третман опфаќа трансфузија на крв, како и лекување на симптомите – болка, повраќање, дијареја – и на придружни болести, како маларија.

Вакцини и нови истражувања

Вакцината Ервебо (Ervebo) е одобрена за употреба во САД и Европската унија. Во Европа е дозволена за лица постари од една година, додека во САД е одобрена за лица над 18 години.

Оваа вакцина е направена од ослабен вирус, доволен за да предизвика имунолошки одговор, но не и целосна инфекција. Така, организмот развива одбрана која може да го препознае и неутрализира вирусот при евентуална изложеност.

Одобрувањето од американската ФДА и Европската агенција за лекови (EMA) се смета за глобален стандард, што овозможува вакцината да се користи и во Африка. За лицата кои патуваат во погодени региони, вакцинацијата е силно препорачлива.

Во февруари 2025 година беше започнато и првото тестирање на вакцина против суданската варијанта на вирусот, во соработка меѓу Меѓународната иницијатива за вакцина против СИДА, Министерството за здравство на Уганда, Универзитетот Макерере во Кампала и СЗО.

Ова беше прво вакцинално тестирање спроведено во услови на активна епидемија – шестата епидемија на суданскиот тип на вирус во Уганда. Новата вакцина е слично дизајнирана како Ервебо и се смета за една од најперспективните против ебола и сродни филовируси, вклучително и вирусот Марбург.