#dw_BalkanBooster на Преспанското Езеро: Различни земји, исти проблеми | Северна Македонија | DW | 07.11.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

#dw_BalkanBooster на Преспанското Езеро: Различни земји, исти проблеми

Петар Догов, Ефтерпи Музакити и Лорин Кадиу беа #dw_BalkanBooster триото кое една недела работеше на теми во регионот на Преспа. Македонски, грчки и албански новинар истражуваа заедно и дојдоа до вредни сознанија.

Lorin Ladiu, Efterpi Mouzakiti und Petar Dogovr (DW)

Лорин Кадиу, Ефтерпи Музакити и Петар Догов (од л. кон д.)

Петар Догов: Заедно научивме многу

Го баравме чудовиштето од Лох Нес, а најдовме многу поважни прашања на коишто се фокусиравме една недела. Беше задоволство да се соработува со Ефтерпи и Лорин, бидејќи тие се не само амбициозни новинари, туку и опуштени млади луѓе, па ни беше и забавно. Заедно научивме многу.

Да се работи на теми за важни еколошки прашања не е лесно во земји како нашите, а особено кога се’ треба да се направи со сопствени сили - од снимање, преку градење на приказната, се’ до монтажа.

Работата е завршена, но приказните и видеата остануваат објавени и достапни за корисниците. Јас лично уживав во реакциите од публиката. Имаше конструктивни коментари, но и не многу мудри. Она што сепак е важно е луѓето да се натераат да го изразуваат својот став за вакви проблеми. Само ако луѓето почнат да зборуваат за вакви прашања, можна е евентуална промена на состојбите.

Се надевам дека многу млади луѓе на Балканот ќе добијат можност каква што добив јас. Тоа би бил извонреден поттик за нив на патот кон градење успешна новинарска кариера.

Ефтерпи Музакити: Границите не делат, туку обединуваат

Албанија, Северна Македонија и Грција. Три соседни земји на кои вообичаено не им оди лесно. Со Лорин и Петар патувавме во пограничниот регион на трите земји, на Преспанското Езеро, минувајќи 600 километри за шест дена. Работевме на три различни еколошки теми во врска со езерото. Прво, менаџирањето со отпадот во селото Пустец, во Албанија, потоа криволовот на риби во Претор, во Северна Македонија и на крајот, во селото Псарадес (Нивици, н.з.) ги истражувавме мерките коишто се преземаат за заштита на Далматинскиот пеликан, вид пеликани чиј дом е Преспанското Езеро. Три различни приказни кои се одигруваат на истото езеро.

Тоа беше животно искуство. Преку проектот Балкан Бустер на Дојче веле, имав можност да патувам и да продуцирам надгранични извештаи. Беше предизвик да се соработува со двајца млади новинари од соседните земји и секојдневно да се продуцира по едно видео, притоа користејќи само мобилен телефон. На крајот на секој ден се чувствував исполнета, зашто тоа беше искуство коешто ми даваше мноштво работи. Прво, многу ми беа интересни посетите на селата во пограничниот регион, известувањето и запознавањето на нивниот начин на живот, давањето можност на мештаните да зборуваат за проблемите со кои се соочуваат. Имавме можност да разговараме не само за еколошки теми, туку и да научиме повеќе за начинот на којшто функционираат прекуграничните односи кои ги развиле овие луѓе. Луѓето кои ги сретнавме беа пријателски настроени и подготвени да ни помогнат во работата. Карактеристично е тоа што луѓето близу границата не се навикнати на медиумско присуство, па ние, на некој начин, бевме „вест на денот“ за нив. Сметам дека треба да се спомене и тоа дека многумина ми рекоа оти луѓето од соседните села не се разликуваат и дека делат многу заеднички нешта. Границите не ги делат, туку ги обединуваат.

Преку соработката со младите колеги од соседните земји сфатив дека споделуваме не само ист начин на живот, сличности и разлики, туку и иста визија - да се промени негативната перцепција на Балканот. Лично, уште од детството, слушав како луѓето, кога зборуваа за Балканот, му даваа негативна конотација на зборот. Особено во Грција, луѓето го отфрлаат балканскиот идентитет кој нѐ карактеризира и го поддржуваат само европскиот идентитет. Како и да е, моето искуство ми помогна да сфатам дека со луѓето на Балканот имаме многу повеќе работи кои нѐ обединуваат - културата, начинот на живот, музиката, менталитетот, но и проблемите со кои се соочуваме, а кои се многу поинакви од земјите на Западна Европа.

Како беше во текот на снимањето на Преспанското Езеро? Погледнете го видеото:

Гледај видео 03:09

#dw_BalkanBooster: Животната средина треба да ја одржуваш чиста, исто како куќата

Бев импресионирана од приказната на љубезниот риболовец Лазо Киријако. Вџашувачки беше што овој човек потекнува од Албанија, живее во Грција веќе 30 години, во регионот на Преспа, и ги зборува сите три наши мајчини јазици - грчки, албански и македонски. Како да пронајдовме лингвистички линк, тој беше во состојба да комуницира со секого од нас на нашиот мајчин јазик. Додека бевме на неговото бротче, тој ни зборуваше на трите јазици, зашто не зборува англиски. Тоа ни остави впечаток на сите тројца. Еден ист човек, во мало грчко селце на границата, е во состојба да комуницира со нас на три различни јазици!

Луѓето во регионот не беа скептични кон нас додека работевме, но, за жал, како што и можеше да се претпостави, на социјалните медиуми многумина не се концентрираа на темите за кои известувавме, туку се фокусираа на нашите различни националности. Вакви коментари во грчките социјални медиуми доминираат особено по потпишувањето на Преспанскиот договор, но сметам дека програми како Балкан Бустер, кои ја промовираат соработката меѓу соседните земји, се иднината за подобра коегзистенција на балканските држави и за надминување на пречките создадени со хроничните конфликти, односно за фокусирање на решавање на заедничките проблеми.

Лорин Кадиу: Проблемите се исти или слични

Патувањето почна од Корча, каде ги сретнав Ефтерпи и Петар, колеги од Грција и Северна Македонија. Задачата беше едноставна - едно патување, три држави, пет дена и пет видеа од различни страни на Преспанското Езеро.

Само што стигнавме во Пустец, Албанија, на радиото почна да се слуша шушкање. Секогаш кога менувавме радио канали, слушавме различни јазици - албански, грчки и македонски, честопати се емитуваа исти песни. Радио брановите не се и единственото нешто кое слободно патува и се меша преку границите.

Луѓето и нивните култури на различните страни на Преспанското Езеро исто така се претопуваат. Како на пример постарите луѓе во Пустец, на кои можеш да им се обратиш само на македонски, или Лазо, албански капетан на брод кој живее во Псарадес (Нивици, н.з.) веќе 20 години и за неколку дена требаше да ја омажи ќерка си за Грк.

Нашата недела мина многу брзо, иако темпото на живот во селата коишто ги посетивме беше бавно. Извозивме стотици километри и известувавме за менаџариње на отпадот, криволовот на риби и заштитата на загрозени видови птици. На крајот сфативме дека територијата може да се дели на различни делови, но не и проблемите со кои луѓето се соочуваат секојдневно.

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама