1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ДС добил известување - да се исели од државните простории

13 април 2023

Демократскиот сојуз бил известен дека треба се подготви за селење, бидејќи тој простор бил потребен за работата на АД за стопанисување со деловен простор во државна сопственост.

https://p.dw.com/p/4PzCo
Symbolbild Umzugskartons
Фотографија: Fotolia

Демократскиот сојуз, партија кој неодамна ја напушти владејачката коалиција, добила известување дека ќе треба да се исели од просторот во кој е сместено седиштето на партијата. Просторот што оваа партијата го користи речиси 16 години, бил во државна сопственост и таа за него уредно плаќала надоместок за закуп на Акционерското друштво за стопанисување со деловен простор во државна сопственост. Опозициската партија вчера добила известување во кое било наведено дека поради зголемен обем на работа, кој налага и поголем број на работно ангажирани лица во АД за стопанисување со деловен простор во државна сопственост - Скопје, било потребно ДС да ги започне подготовките за враќање на деловниот простор во владение на Акционерското друштво.

„Сметајте го за приоритетно“

Во добиеното известување било наведено дека деловниот простор што го користи Демократскиот сојуз со Договор за закуп од 27.9. 2007 година, отсега ќе се користи за потребите на вработените во АД за стопанисување со деловен простор во државна сопственост - Скопје, бидејќи моменталниот простор што се користел од нивна страна, бил премал во однос на реалните потреби.

„Известувањето сметајте го за приоритетно“, било потенцирано во дописот потпишан од директорот, од редовите на ДУИ. Во известувањето не бил наведен конкретен рок.

Лидерот на Демократски сојуз, Павле Трајанов
Лидерот на Демократски сојуз, Павле ТрајановФотографија: Petr Stojanovski/DW

Според последниот извештај за работата за 2021 година објавен на веб страницата на оваа институција, таа имала 82 вработени, но поради пензионирање на 7 лица до крајот на таа година имала 75 вработени. Нема податок дали и колку тој број се зголемил до денес. Институцијата е надлежна за инвестициско и тековно одржување на деловниот простор во државна сопственост, подобрување на условите за нивно користење, утврдување на висината на закуп, склучување на договори за закуп, продажба на деловен простор во државна сопственост и водење на единствена евиденција на деловниот простор во државна сопственост, со кој стопанисува ова АД.

„Покрај толкава квадратура...“

Бидејќи институцијата стопанисува со огромен број единици слободен деловен простор во повеќе градови во земјата, особено во Скопје, лидерот на ДС, Павле Трајанов, се сомнева во аргументацијата што Акционерското друштво ја навело во известувањето.

„Не сум убеден дека на ова Акционерско друштво, кое стопанисува со деловен простор со огромна квадратура, му е неопходен токму овој простор што го користи Демократскиот сојуз“, вели Трајанов.

„Не сакам да верувам дека има политичка позадина барањето да се исели Демократскиот сојуз од простории кои ги користи од 2007 година, и согласно со договорот редовно ги плаќа финансиските обврски. Инаку, пред да се смести партијата во овие простории, тие беа руинирани, поради што за нивно уредување се потрошени огромни средства, при што ветувањата за компензација никогаш не се ефектуираа. За користење на просторот аплициравме на јавен оглас и висината на надоместокот за закуп е дефиниран согласно со ценовникот одреден од Акционерското друштво за стопанисување со деловен простор во државна сопственост“, објаснува Трајанов.

Тој најавува дека партијата ќе ги искористи сите законски можности за да може непречено го користи деловниот простор.

Претседателството и Централниот совет на Демократскиот сојуз, во средината на февруари донесоа одлука партијата да не ја поддржи реконструкцијата на Владата и да го напушти парламентарното мнозинство. Одлуката за таквиот чекор, како што наведе Трајанов, е неисполнување на програмските цели утврдени и усогласени со СДСМ пред изборите во 2020 година. Партијата деновиве информираше и

дека решила да не номинира свој претставник во работната група за уставни измени.