1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Слобода на медиумитеСеверна Македонија

Делевска: Слободата на медиумите сѐ уште е на тест

3 мај 2023

За тоа колку институциите ја разбираат важноста од слободата на медиумите, не мора да се „копа“ по статистики. Доволно илустративен е еден случај кој до денес остана заметен под тепих.

https://p.dw.com/p/4Qp8c
 Соња Колевска Делевска Северна Македонија
Македонската новинарка Соња Колевска Делевска, која е добитник на бројни наградиФотографија: Privat

Трети мај, светски Ден на слободата на медиумите: убаво звучи, секоја година се одбележува, но во македонската медиумска заедница битката за слобода сѐ уште не е добиена во суштинска смисла. За да се оцени колку институциите ја разбираат важноста од слободата на медиумите, не мора да се „копа“ по статистики. Доволно илустративен е минатогодишниот случај кој до денес остана заметен под тепих. Но, не беше заборавен во Извештајот на Стејт департментот.

Само неколку дена по ланското одбележување на светскиот Ден на слободата на медиумите, на 14-ти мај (сабота) на домашната адреса на новинарката Соња Колевска Делевска заѕвонија униформирани лица.

„’Вие сте Соња Делевска? Дајте ми лична карта. Повелете покана за службен разговор, да се јавите во понеделник во 12 часот во ‘Беко’, ми рекоа службените лица. Ми ја врачија поканата, ми дадоа лист да се потпишам. Моето семејство се вознемири. На поканата пишуваше дека имам право да повикам бранител“, се потсетува новинарката на порталот „Сакам да кажам“, на денот кога за првпат во нејзината 27-годишна новинарска кариера, била повикана во полициска станица на службен разговор.

Набрзо ќе стане јасно дека поплака до полициската станица поднела раководителка во Министерството за правда, заради текст на Делевска кој говори за индиции за корупција, и е напишан по сите медиумски стандарди: „Адвокатка тврди дека ѝ бил побаран поткуп од раководителка во Министерството за правда, а откако одбила - била уценувана да се откаже од парите што ѝ следуваат“.

Пријавата била за кривично дело „вознемирување“.

„Во земја која се декларира како демократска, функционери и државни службеници се вознемируваат ако вие како новинар почнете да истражувате нивно сомнително и незаконско работење, а особено ако тоа го поткрепите со изјава во текстот, со име, презиме и звање на изворот/соговорникот и со мејлови кои ги докажуваат сомневањата. Има Совет на честа во ЗНМ, има Совет за етика во медиумите, има Граѓански суд, ако прозваниот службеник смета дека е наклеветен. Но полицијата место да ги отфрла таквите пријави од функционери и од службени лица и да ги пренасочува кон наведените инстанци, таа ви ѕвони на врата“, вели Делевска.

Со бранител од ЗНМ и со колега од редакцијата, на 16-ти мај се јавила на службениот разговор.

„Инспекторот ни прочита што напишала пријавителката околу вознемиреноста од моите текстови за можна корупција во Министерството за правда околу (не)исплатата на младите адвокати, ангажирани за пружање бесплатна правна помош на најранливите категории. Адвокатот Иван Брешковски попусто се обидуваше да му објасни на инспекторот дека полицијата крши Устав, закони, меѓународни конвенции, што повикува новинар на службен разговор за напишан текст. Во разговорот, службеното лице објасни дека на пријавителката ѝ било укажано оти она што таа го бара од полицијата е надлежност на граѓанска постапка. Но, таа инсистирала да бидам повикана во полиција, а во станицата ‘Беко’ прифатиле, оти како што ни беше кажано - морале да постапат по секоја пријава од граѓанин“, се потсетува Колевска.

Она што посебно ја изненадило е брзината на целиот процес, имајќи го предвид кусото време од денот на објавувањето на текстот, до врачувањето на поканата за службен разговор, практично, еден експресен рок каков што не е виден ни за случаи од висок јавен интерес.

Протест на македонските новинари за повеќе права, 17.2.2023
Протест на македонските новинари за повеќе права, 17.2.2023Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Нотирано во Извештајот на Стејт департментот

По жестоките реакции на ЗНМ и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, на неколку амбасади, на „Репортери без граници“ и на медиумската фела во Македонија, и МВР, и Министерството за правда, истиот ден најавија итни дисциплински постапки: во МВР - за пишувачот на поканата, а во ресорот правда - против раководителката што пријавила.

„По една година молк, дознав дека државниот секретар во Министерството за правда Мухамед Точи воопшто не ја ни повел постапката заради немање основа, а и во МВР немало основ за кој би се фатиле, бидејќи регулативата била таква - полицијата да мора да постапува по поднесените пријави од граѓаните. И покрај овој силен удар врз слободното новинарство, јас и мојот медиум продолживме со истражувачка работа, со уште поголемо темпо. Остана тоа горко чувство дека никој не беше казнет за безобзирниот упад во нашата професија, со заплашување и малтретирање новинар од страна на засегнат државен службеник. И тоа, со помош на многу брзата и ефикасна полиција од станицата ‘Беко’, која ме посети дома за викенд, кога има дефицит од нив бидејќи работат само дежурните“, вели проминентната новинарка која досега е добитник на голем број новинарски награди.

Овој случај беше нотиран и во Извештајот на американскиот Стејт Департмент за состојбата со човековите права во РСМ за 2022 година.

„На 16 мај, полицијата повика новинар на ‘информативен разговор’, наводно постапувајќи по пријава поднесена од функционер во Министерството за правда, кој бил имплициран во текст. ЗНМ, ССНМ и Хелсиншкиот комитет за човекови права го осудија случајот и побараа соодветна акција од властите. Министерството за внатрешни работи и Министерството за правда отворија интерни истраги за однесувањето на вклучените полицајци и функционерот кој ја поднесе жалбата. На крајот на јули, сепак, Министерството за правда ја отфрли дисциплинската постапка, со образложение дека нема основа“, се вели во извештајот на Стејт Департментот.

Нови трендови

Отсуствотo на институционална постапка против службеници или носители на функции кои ја злоупотребуваат нивната позиција и ја загрозуваат медиумската слобода, нѐ само што не придонесува за јакнење на улогата на медиумите во општеството, туку медиумските работници ги претвора во дозволена мета на притисоци, закани, напади...

„Остана за жал таа можност - секој носител на функција, бизнисмен, државен службеник, кому нема да му се допадне тоа што сте го напишале како новинар за него, да може да ве пријави во полиција.

Случајно или не, токму од пред една година институциите почнаа да се затвораат за јавноста. Не само од извршната власт, туку и од судската и обвинителската. Најубавата одлика на актуелната власт беше транспарентноста и ослободувањето на медиумите, згрчени и секојдневно застрашувани од режимот на претходните. Впечаток е дека таа одлика нагло избледе и полека се враќаме на претходната состојба. Секако, чест на исклучоците“, вели Делевска.

Како истакнатата новинарка со долгогодишно искуство и успех во темите од областа на на правосудството и антикорупцијата, денес ја оценува слободата на медиумите?

„Кога тука би се споменале секојдневните закани кон новинарите на социјалните мрежи, на Вибер преку говор, а не преку напишана порака за да не се остави трага, физичките закани и особено суптилните предупредувања преку ваши заеднички познаници за она што го истражувате, пишувате, може да се каже дека слободата на медиумите денеска сѐ уште е на тест. Најновиот тренд е заплашување на претпоставени ваши извори на информации од страна на моќни засегнати функционери, поради што довчерашни соговорници, свиркачи, професионални и храбри луѓе, еден по еден одбиваат натамошна соработка“, укажува Делевска.

протест на македонските новинари
Против напади врз новинарите и за повеќе права - протест на македонските новинари, 17.2.2023Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Мета на напади

Таа не е единствена која се соочилa со „дострелите“ на медиумската слобода. Во периодот од 2019 до 2022 година, во регистарот на ЗНМ биле забележани вкупно 30 напади на новинари и медиумски работници, од кои во 2019 година 4, вo 2020 година 14, во 2021 година 5 напади, а во 2022 година 7 напади кон новинари и медиумски работници, од кои 4 се физички напади и незаконито задржување против своја волја, а 3 се вербални напади и закани.

Анализата „Показатели за степенот на слобода на медиумите и безбедноста на новинарите во 2022 година“, во издание на ЗНМ, од авторите Милан Спировски и Верче Тодоровска-Костовска, открива и каква била социо-економската положба на новинарите минатата година.

„Општа оценка е дека во 2022 година, социо-економската положба на новинарите не беше значително подобрена, споредбено со изминатите години, кога големо влијание имаше пандемијата и здравствената криза, односно поради намалувањето на приходите од огласување во целиот медиумски сектор, иако во одредени медиуми има минимално покачување на месечните примања на медиумските работници“, оценуваат авторите.

„Работниот статус на многу новинари, особено во приватните медиуми е несигурен, бидејќи новинарите главно имаат договори на определено време или хонорарни договори, на дел од нив не им се исплаќа надоместокот за пензиско и социјално осигурување, примањата им се ниски, а не им се почитуваат и другите работни права. Поради тоа, новинарите се многу поранливи на притисоци, како од менаџерските структури, така и од сопствениците и од политичарите. Притисоците најчесто се скриени и малку видливи, новинарите се воздржуваат од отворено говорење за овие појави и ретко пријавуваат кога им се прекршуваат основните права. Најлоша е позицијата на новинарите во локалните и во регионалните медиуми, поради тоа што овие медиуми се во лоша финансиска состојба, а освен тоа во малите средини, локалните моќници можат полесно да вршат притисок“, се вели во анализата.

Во исто време, Северна Македонија е рангирана на 38. место од вкупно 180 земји во светот според Глобалниот индекс за слободата на медиумите на „Репортери без граници“. Земјата бележи скок од 19 места во однос на 2022 година и е најдобро позиционирана во регионот на Западен Балкан, пред Црна Гора (39), Хрватска (42), Косово (56), Босна и Херцеговина (64) и Србија (91) и Албанија (96).

„Репортери без граници“ во извештајот за РСМ наведуваат дека иако новинарите не работат во непријателско опкружување, раширените дезинформации и недостигот на професионализам придонесуваат за опаѓање на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади. Продолжува и тенденцијата, владините функционери да имаат лоши и понижувачки ставови кон новинарите.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи