Исламабад: Преговорите на САД и Иран полни со пречки
11 април 2026
Не звучи како добар старт кога пред почетокот на разговорите една страна вели: „Имаме добра волја, но немаме доверба во другите“ – како што изјави шефот на иранската делегација, претседателот на парламентот Багер Галибаф. Неговиот соговорник, американскиот потпретседател Џеј Ди Венс, пред поаѓањето за Исламабад предупреди дека нема да дозволат да бидат измамени.
Пакистанскиот премиер Шахбаз Шариф, посредник и домаќин на преговорите меѓу САД и Иран, е свесен за предизвикот: „Траен прекин на огнот е следната тешка фаза во која треба преку преговори да се решат сложените проблеми. Оваа фаза ќе одлучи за успехот или неуспехот“, рече Шариф.
„Make or break" – така тоа го сумираше Шариф доцна вчеравечер (10.04). До последен момент Техеран оставаше отворено дали неговата делегација ќе допатува на мировните разговори, затоа што, од иранска перспектива, примирјето што е на сила од средата мора да важи и за Либан. Но САД го оспоруваат тоа, а Израел ги продолжува нападите таму.
Иран има потреба од преговори
Но, барем сите учесници веќе пристигнаа во Исламабад. Иранската делегација брои 70 луѓе. Главниот град, зелен и сместен под планини, се дотеруваше за приликата – свежо обоени тротоари и засилени безбедносни мерки.
И покрај непријателските тонови и закани кои го придружуваа стартот, Иран сега има потреба од преговори, објаснува Камран Бохари, експерт за Блискиот Исток од САД: „За Иранците ова е јасно егзистенцијално прашање, тоа самите го нагласија. Не можат да си дозволат да продолжат со борбите, па затоа имаат голем интерес овие разговори да успеат.“
Но, и американската страна има потреба од договор и затоа е под временски притисок, додава Бохари: „Претседателот – ова е година на среднорочни избори – не ја започна оваа воена мисија за да ја ослаби својата позиција во внатрешната политика. Напротив, сакаше да ја зајакне.“
Набљудувачите пооптимистични од претходно
Но, плановите и реалноста понекогаш многу се разликуваат. Има многу спорни точки во врска со преговорите. Документот од 10 точки, што треба да служи како основа, постои во две различни верзии. Персиската звучи како листа на желби на Иран – со репарации за воени штети, укинување санкции, дозвола за нуклеарната програма – а токму оваа точка за американскиот претседател Трамп и понатаму е неприфатлива.
Сепак, набљудувачите на преговорите гледаат со повеќе оптимизам отколку пред неколку недели: фактот што потпретседателот Џеј Ди Венс допатувал е добар знак. Според набљудувачите, Венс е поотворен од специјалниот пратеник Стив Виткоф. Делегацијата слета утрово (по локално време) во Исламабад.
Пакистан има и свои интереси
Преговорите ќе ги води пакистанскиот министер за надворешни работи Ишак Дар, кој со недели дипломатски работи на решение на конфликтот. Претпладнево премиерот Шахбаз Шариф треба да разговара со иранската страна. „Пакистанското раководство ќе се потруди со сите сили овие разговори да успеат“, рече тој.
Тука игра улога и сопствениот интерес, објаснува Кристијан Вагнер, експерт за Јужна Азија од германската Фондација за наука и политика: „Пакистан, секако, не сака да биде вклучен во конфликтот. Ако дојде до ескалација, автоматски би станале страна во конфликтот на страната на САД и Саудиска Арабија.“
Пакистан тогаш би морал да стравува дека Иран би можел да мобилизира шиитски групи во земјата, што би ја влошило внатрешнополитичката состојба, вели Вагнер. Тоа е едната страна. Другата е добивањето на престиж. Ако преговорите навистина успеат, Пакистан може да се претстави како носител на мир и градител на мостови.
Авторка: Лена Бодевајн, АРД