Четворица загинати во престрелка пред брегот на Куба
26 февруари 2026
Кубанските граничари, според наводи на кубанската влада, по смртоносна престрелка на отворено море, запреле глисер регистриран во САД со осомничени лица за тероризам. Четири од десетте лица на глисерот биле убиени, а другите ранети. Во размената на оган пред северниот брег на карипската држава бил ранет и командантот на кубанскиот патролен чамец.
Американската влада го нарече инцидентот „многу необичен“ и најави сопствена истрага.
Според Министерството за внатрешни работи во Хавана, десетчлениот екипаж на глисерот имал терористички намери и сакал нелегално да влезе во Куба. На бродот биле пронајдени оружје, експлозивни направи и маскирни униформи. Не се соопштени повеќе детали за наводните мотиви на групата. Истрагата продолжува.
Освен тоа, еден осомничен, според информациите, бил уапсен и на кубанско тло. Тој признал дека бил „испратен“ од САД за да учествува во терористичката операција. „Сите вмешани се Кубанци што живеат во САД“, соопшти владата на Куба. Повеќето од нив веќе биле познати по криминални и насилни активности.
Според наводи од Хавана, граничарите го забележале глисерот во средата наутро (по локално време) во кубанските територијални води близу Кајо Фалконес. Тој се приближил до околу една наутичка милја од брегот на провинцијата Вила Клара. Кога единица од граничните трупи се приближила за идентификација, екипажот отворил оган.
„На кубанската влада не може да ѝ се верува“
Американскиот министер за надворешни работи Марко Рубио се огласи за време на посетата на карипската држава Свети Кристофер и Невис. Различни делови на американската влада работат на собирање и проверка на информации, изјави тој пред новинарите. Додека не се утврдат повеќе детали, Рубио не сака да шпекулира за случувањата.
„Доволно е да се каже дека е многу необично да се видат вакви престрелки на отворено море“, рече американскиот министер. Нешто вакво со Куба не се случило многу долго време. Според Рубио, не се вклучени американски службеници.
Американската амбасада во Хавана сè уште се обидува да утврди дали жртвите биле американски државјани или лица со постојан престој во САД, рече министерот. Моментално, поголемиот дел од информациите што ги имаат САД доаѓаат од кубанските власти. Според нив, чамецот бил регистриран во американската сојузна држава Флорида. САД го испитуваат тоа.
Претходно, министерот за правда на Флорида, Џејмс Утмајер, најави заедничка истрага со федералните власти за смртоносниот инцидент. „На кубанската влада не може да ѝ се верува, и ќе направиме сè што е во наша моќ за да ги изведеме овие комунисти пред лицето на правдата“, изјави републиканецот.
Кубанското раководство, очекувано, има поинаква изјава. „Куба ја потврдува својата волја да ги заштити територијалните води, при што националната одбрана е основен столб на кубанската држава за заштита на суверенитетот и стабилноста во регионот“, соопшти претседателството преку платформата X.
Какви се односите меѓу САД и Куба
Долготрајните тензии меѓу САД и Куба последните недели уште повеќе се влошија. Во мандатот на американскиот претседател Доналд Трамп, САД повторно вршат засилен притисок врз комунистичката влада на Куба. Така, од декември земјата нема добиено нафта од Венецуела, бидејќи Трамп нареди целосна блокада за санкционирани танкери со испораки од јужноамериканската држава. Исто така се закани со царини против држави што ќе ѝ испорачуваат нафта на Куба – по што, на пример, Мексико, последниот најголем снабдувач со нафта, ги прекина испораките.
Американската блокада на нафта кон Куба ја влоши тешката енергетска и економска криза во карипската држава – и доведе до акутен недостиг на снабдување. Владата на Трамп неодамна најави дека повторно ќе дозволи продажба на венецуелска нафта за кубанскиот народ и приватниот сектор. Според американското Министерство за финансии, извозот за комерцијални и хуманитарни цели во Куба ќе биде дозволен. Дел од постојните санкции, сепак, ќе останат.