Претседателот на Владата Христијан Мицкоски рекол дека нема веќе да прават идентитетски отстапки за влез во ЕУ, и дека Владата е подготвена да ја плати цената за тоа.
Но која цена, каква цена?
Владата може да плати политичка цена во случај да почне со исполнување на преговарачката рамка внесувајќи ги Бугарите во Уставот, затоа што ја убеди јавноста дека е тоа погрешен чекор и е на штета на националните интереси на Македонија.
За да не ја плати таа цена, ја отфрли преговарачката рамка и сега ја вози во лер државата.
Цената за тоа, се разбира ќе ја плати народот. Меѓу другото и со уште неколку мачни и економски неизвесни години додека земјата повторно да се врати на европскиот пат. А ќе мора да се врати, не затоа што сегашната власт вели дека ЕУ е стратешка ориентација на државата, туку затоа што нема каде на друго место откако ќе се исцрпи финансиски, економски, политички и на социјален план. Бидејќи, да се движиш на периферијата на модерниот свет, чини многу. Кога си таму не си господар туку слуга.
Но сто стапа по туѓ грб не болат. Премиерот и неговите соработници си имаат дипломатски пасоши и нив не ги малтретираат на граничните премини за влез во ЕУ. Имаат и профитабилни бизниси од кои можат богато да живеат тие, нивните деца и внуци. И затоа можат неограничено да чекаат ЕУ да се премисли и да ја пушти Македонија без да ја исполни преговарачката рамка.
Многу пратеници, министри, а за градоначалници и да не правиме муабет, имаат и бугарски пасош. Тие се веќе европски граѓани, имаат силен џокер во џебот и можат да го извадат кога ќе посакаат. На пример да влезат во земја од ЕУ без да ги прегледуваат од глава до петици како што им прават на граѓаните со македонски пасош. И тие можат неограничено да чекаат.
Јуначење на власта
Така што, обичните граѓани се тие што ќе ја плаќаат цената за јуначењето на власта. Еве да ги земеме за пример камионџиите. Кој плаќа цена за тоа што на граница им пресметуваат колку дена поминале во земја од ЕУ и уште колку пати смеат да влезат. Без оглед дали имаат аранжмани или товар што треба да го пренесат за да однесат дома плата да го хранат семејството. Власта ја плаќа цената или тие самите и нивните семејства кои се приморани да бараат друг извор на заработка за гол живот.
Со политиката на чекање ние само назадуваме наместо да напредуваме, а цехот го плаќаат оние што живеат по балкански а не по европски правила.
Погледнете ги зелените пазари каде се изнесуваат земјоделски продукти чие ниво на пестициди никој не го контролира, погледнете каков (не)квалитет добиваме за астрономските цени на храна во големите супер маркети, сетете се дека и вие имате право на луксузни производи за јадење и здрава храна по разумни цени. Сетете се и на палењето на депониите и воздухот што го дишеме. На Трубарево каде лани изгоре магацин со електронски отпад, ја загади почвата и воздухот за децении однапред и никому ништо.
Кој ја плати цената за Кочани?
Кој ја плаќа цената за сето тоа? Владата или ние? Кој ја плати цената за беззаконието во Кочани кое однесе 64 животи и нанесе трауми на стотици семејства од кои никогаш нема да закрепнат? Владата или народот? И за беззаконието кое продолжува со несмалено темпо како да не бевме сведоци на смртоносните последици кои ги предизвика. Погледнете го свлечиштето кое направи кратер во центарот на Скопје поради неконтролирано издавање дозволи за градби кои носат профит на газдите и градоначалници кои немаат слух за обичниот народ. Кој плаќа, Владата или ние?
За оние што велат дека ЕУ не нѐ сака и никогаш нема да нѐ прими, важно е да потсетиме дека држава со ниво на развој како Северна Македонија може многу да се офајди и од самиот процес на преговори. Преговорите значат пристап до побогати финансиски фондови од тие што ги добиваме сега. Земји како нашата се зависни од големите сојузи како ЕУ. Да не беа важни таквите сојузи и други држави ќе претпочитаа да останат надвор од европското семејство.
Цела поранешна југословенска архитектура побрза да се приклучи кон Европа, само ние плачеме дека сме жртва на bullying (заплашување, закани, присила). Како дете во училиште кое го малтретираат други деца и затоа решило да не оди повеќе во школо.
Затоа, никој па ни премиерот да не зборува дека Владата ќе ја плати цената за летот во место кој и се случува на Северна Македонија. Народот и граѓаните, како и секогаш ќе ја платат цената. Исто како што платија и со Преспанскиот договор кој беше склучен предоцна, откако Македонија се најде на опашката на модерниот свет од каде сѐ уште не може да се помрдне. И затоа, она што го чувме од премиерот беа само големи зборови на туѓа сметка.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.