1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаГлобално

Цената на какаото на рекордно ниво – кој профитира?

Андреас Бекер
28 март 2024

Какаото за само неколку месеци стана трипати поскапо. Човек ќе си помисли дека тоа ќе ја намали сиромаштијата меѓу одгледувачите на какао, но нештата не се толку едноставни.

https://p.dw.com/p/4eDzA
чоколадни зајаци велигден
Чоколадни велигденски зајачиња - и Велигден е повод за консумирање чоколадо во ГерманијаФотографија: Patrick Pleul/dpa/picture alliance

Цената на какаото од почетокот на годината го достигна плафонот и секојдневно бележи нови рекорди. Во вторникот (26.3.2024) беше пречекорена и границата од 10 илјади долари за тон. За споредба, пред една година цената изнесуваше под 3 илјади долари за истата количина.

Светскиот пазар за какао има неколку специфики по кои се гледа дека распределбата на силите на пазарот не е во корист на на сите учесници.

Најважната е дека за одгледувачите на какао работата не носи доволно приходи за да може да живеат од неа. Со децении се зборува за нивната сиромаштија, за тоа дека се неухранети и дека работат и деца. Нивната ситуација би се подобрила, така се тврдеше, доколку се зголеми цената на какаото.

Брег на Слоновата Коска сушење зрна какао
Земјоделец во Агбовил во Брегот на Слоновата Коска ги става зрната какао да се сушатФотографија: Godong/picture alliance

Друга специфика е што само на две земји, Брегот на Слоновата Коска и Гана, отпаѓаат речиси две третини од светското производство на какао. И покрај ваквата водечка позиција, тие не беа во состојба да издејствуваат повисока цена на какаото.

Причина за овогодинешниот раст е значителното намалување на собраните количини. „Во моментов се проценува дека жетвата во двете земји ќе биде барем за една третина помала од вообичаено“, вели Фридел Хиц Адамс, експерт за какао при Институтот Зидвинд во Бон, кој се занимава со светска трговија и политики за развој. „Со оглед на тоа дека овие две земји сочинуваат 60 проценти од светското производство на какао, јасно е дека на пазарот има значителен дефицит", вели Хиц Адамс.

Причина за лошата жетва е метеоролошкиот феномен Ел Нињо кој беше засилен со локални фактори, вели Хиц Адамс. Во тропските предели, поради Ел Нињо, во нередовни интервали во зависност од регионот има или премалку, или премногу врнежи на дожд, или пак поместени фази на дождови. Сето тоа е на штета на жетвата. Хиц Адамс посочува дека на Брегот на Слоновата Коска и во Гана феноменот е засилен поради сечата на локални шуми. 

Многу од селаните се толку сиромашни што не може да си дозволат ѓубриво или пестициди, па се најдоа беспомошно изложени на ваквата ситуација. „Во Гана минатата година во многу региони прво воопшто не врнеше, а потоа толку долго што дрвјата долго време беа во вода и се проширија болести на плодовите“, објаснува експертот и додава дека „тоа е катастрофална комбинација“.

Како од зрна какао настанува чоколадо?

ЕУ е најголемиот пазар за продажба на какаото, бидејќи тука се консумира околу половината од светската продукција. Веднаш по неа се САД. Во Европа имаат седиште најголемите концерни кои од какаото прават чоколада или какао-прашок и ги продаваат на крајниот корисник. Тука се и најголемите добивки. 

Од секое евро за табла чоколадо само седум центи одат за одгледувачите, а производителот и трговецот си делат околу 80 центи.

За да може таквиот бизнис, кој достигнува милијарди евра, да се планира подобро, производителите на чоколадо го купуваат какаото уште многу пред жетвата. На берзата ваквите бизниси кои се однесуваат на идни испораки се нарекуваат „фјучрс“. И актуелните рекордни цени се однесуваат на таквите бизниси.

Во двете африкански држави националните власти ја организираат продажбата на жетвата. Уште месеци пред да започне сезоната на жетва, од октомври се продаваат до 80 проценти од производството. „Трагичното е што земјоделците во актуелнава сезона одвај профитираат од цените, затоа што жетвата се продаде пред да пораснат цените“, вели Хиц Адамс. Повеќето од нив минатата година продавале тон за околу 1800 долари, а страдале и од големи загуби во произведените количества.

Трговците во помалите земји актуелно се трудат да најдат што е можно повеќе какао. Во зависност од инфраструктурата и квалитетот, веќе сега цените скокаат.

Цените на „фјучрс“ на берзите укажуваат на тоа дека ќе останат високи и во следните една и пол до две години, што е добра вест за одгледувачите во земјите производители на какао, вели Хиц Адамс.

„На берзата дури и испораките за крајот на 2025 година се по двојно повисока цена отколку пред една година. Ако успееме голем дел од овие пари да дојдат до одгледувачите, експлозијата на цените може да биде шанса“, оценува експертот.

Имаат најмногу какао, а не јадат чоколадо

Дали на тој начин ќе биде решен проблемот со потхранетоста, сиромаштијата и детската работа во какао-секторот, за кои се зборува веќе 25 години, треба допрва да се покаже. Актуелниот пораст на цените е поврзан со намалената понуда, а не со зголемена побарувачка, како што се бележи во Азија.

„Да, Кина и Индија бележат зголемување на консумирањето на чоколадо. Но, двете земји заедно увезуваат двојно помалку количини отколку една Германија, на пример“, вели Хиц Адамс и додава: „Веќе 15 години слушам оти Кинезите наскоро ќе јадат многу повеќе чоколадо, но тоа досега не се случи.“

Нов пораст на цените за чоколадото во Европа се само прашање на време. „Уште пред Божик 2023-тата, во Германија цените беа зголемени со образложение дека е зголемена цената на суровините. А, тогаш уште се преработуваше какаото од претходната сезона или количини кои производителите си ги обезбедиле по пониски цени“, посочува експертот за какао од Зидвинд.