1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Низ Западниот Балкан ќе се патува со лични карти

БГ /дпа
21 октомври 2022

На состанокот во рамките на Берлинскиот процес е договорено формирање на заеднички регионален пазар, патување на граѓаните од регионот со лични карти и взаемно признавање на дипломите.

https://p.dw.com/p/4IWko
Аналена Бербок Берлински процес
Состанок на министрите за надворешни работи во рамки на Берлинскиот процес Фотографија: Christoph Soeder/dpa/picture alliance

Земјите од Западниот Балкан сакаат да формираат заеднички регионален пазар и со тоа да направат важен исчекор кон членство во ЕУ, порача шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок по состанокот со министрите за надворешни работи од земјите во регионот во Берлин, кој се одржа во рамките на ткн. Берлински процес. 

Според договорот, граѓаните во регионот ќе можат да ги минуваат границите со лични карти наместо со пасоши, а договорено е и взаемно признавање на универзитетските дипломи и професионалните квалификации. Според германската министерка, ова не се само технички детали, туку „историски чекори кои ќе го сменат животот на луѓето“ 

„Го правите животот полесен за вашите граѓани и му помагате на стопанството да се засилат трговијата и економскиот раст во регионот. Ви честитам на овој напредок“, порача Бербок. 

Брза имплементација  

Договорот треба да биде потпишан на самитот на лидерите на земјите од Западниот Балкан и германската влада на 3 ноември. 

Аналена Бербок
Бербок очекува брза имплементација на договореното во БерлинФотографија: Markus Schreiber/AP/picture alliance

Бербок ги повика владите на земјите од регионот „брзо да ги имплементираат сите неопходни чекори за да се обезбеди потпишување на сите договори согласно планот“. 

Состанокот на министрите за надворешни работи во рамките на ткн. Берлински процес опфати и разговори за енергетската сигурност, руската агресија врз Украина, сајбер-безбедноста и зелената агенда. 

Берлинскиот процес го започна поранешната германска канцеларка Ангела Меркел во 2014 година. Форматот беше замислен како чекор кон приближување на шесте земји од регионот кон ЕУ. 

Голем дел од договореното на состанокот во Берлин се заговара уште од почетоците на процесот, но недоразбирањата меѓу земјите во регионот, пред сѐ меѓу Србија и Косово, ја блокираа подлабоката соработка. Три земји од регионот, Северна Македонија, Србија и Албанија во меѓувреме започнаа паралелна иницијатива за регионална поврзување наречена Отворен Балкан. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема