1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиГлобално

Азија? Америка? Каде се закануваат природни катастрофи?

Петер Хиле
9 септември 2024

Светскиот извештај за ризик за 2024 година покажува дека е возможна превентивна акција иако природните катастрофи често се непредвидливи и разорни.

https://p.dw.com/p/4kQ4Y
Тајфунот Јаги предизвика поплави на Филипините
Тајфунот Јаги предизвика поплави на ФилипинитеФотографија: Ted Alibe/AFP

Земјотреси, вулкански ерупции, суши. Тајфуни и поплави. На Филипините ваквите природни настани се дел од секојдневниот живот. Тајфунот Јаги неодамна предизвика излевање на реки, големи одрони, 14 лица ги загубија животите во порои и одрони. Тоа беше петти тајфун кој ги погоди Филипините од мај.
Филипините се „земја со висок ризик“, вели Катрин Ратке, професорка по хуманитарна помош и превенција од катастрофи на Рурскиот универзитет во Бохум. Таа научно го разработува Светскиот извештај за ризици за „Сојузот за развојот помага“. Во извештајот се анализирани и рангирани 193 земји.
Зад Филипините, годинава се Индонезија, Индија, Колумбија и Мексико. „Тие земји се многу често и со голем интензитет погодени од екстремни природни настани“, вели Ратке за ДВ. „Тоа го означуваме како висока изложеност.“
Не се одлучувачки само зачестеноста и јачината на бурите, земјотресите и на сушите.

Ранливоста на општествата е важен фактор. „Тоа значи дека овие човечки општества можат малку да направат за да се спротивстават на природните опасности. Затоа што, на пример, тие се сиромашни, имаат широко распространета корупција, лоша здравствена заштита или немаат функционална заштита од катастрофи.“

Индексот на овој извештај покажува дека осум од десетте најранливи земји се наоѓаат во Африка. Слична позиција имаат само Авганистан и Јемен, каде вооружените конфликти траат со децении. Во тие земји нема доволно лекари и болнички кревети, па повеќе луѓе умираат како последица на природни катастрофи.

Ранливоста може да се намали

Ако една земја инвестира во превенција, тогаш некој природен настан не мора да се претвори во катастрофа од големи размери за многу луѓе. Ова ги објаснува солидните места на листата на побогати земји како Австралија или САД - иако е многу веројатно да бидат погодени од екстремни природни настани како што се суша, земјотреси или урагани.
„Кина покажува дека нешто може да се научи од кризи и од катастрофи и дека ризикот од катастрофи може да се намали“, вели Ратке.

Земјата во моментов е рангирана на 22-то место на листата - се поправи за 12 места во однос на претходната година.

„Ова е првенствено затоа што, како реакција на пандемијата на коронавирус, Кина успеа значително да ја намали својата ранливост.“  Според неа, Кина инвестираше многу во својот здравствен систем, на пример, градејќи нови болници и спроведувајќи обемни кампањи за вакцинација. „Она што не го одразува светскиот индекс на ризик е фактот дека сето тоа беше на сметка на правата и на слободите на населението“, додава Ратке.

Катрин Радке, професор на Универзитетот Рур во Бохум
Катрин Радке, професор на Универзитетот Рур во БохумФотографија: IFHV/Ruhr-Universität Bochum

Војната може да ја засили природната катастрофа

На списокот се оценуваат само опасностите од природни катастрофи, но не и од војни и од конфликти. „Сепак, сè повеќе гледаме поврзаност. Сè почесто се случуваат екстремни природни настани, меѓу другото и поради климатските промени. Тие ги погодуваат конфликтните области и нивниот ефект е засилен“, вели Ратке. Во Извештајот ваквит

Се покажа дека бројот на вооружени групи се зголемува по природни катастрофи. Тие регрутираат осиромашени луѓе без корен. Дополнително, се разгорува борбата за ресурси како што се водата, храната, енергијата - па често и за хуманитарна помош. Така, природните катастрофи можат да ги влошат постоечките конфликти.
„Сепак, може да се замисли дека екстремните природни настани отвораат можност за договор меѓу страните во конфликтот.“ Ова се случува кога сите страни ќе сфатат дека мора да се здружат за да организираат помош и обнова. Така, во Ачех, Индонезија, по силното цунами во 2004 година, заврши вооружениот конфликт кој траеше со децении.

Верата во заедништво помага во моменти на неволја

Ако земјите сакаат да ја намалат својата ранливост од природни катастрофи, тогаш тие не градат само насипи, системи за предупредување или формираат спасувачки тимови. „Инвестициите во образованието и во здравството или намалувањето на социјалните нееднаквости имаат многу добар ефект врз намалувањето на ранливоста“, вели Ратке. Таа додава дека со сузбивање на корупцијата, земјата е подобро заштитена од последиците од природните катастрофи.
За среќа, според неа, има многу мерки кои можат да се преземат. Некои не можат да се изразат со бројки или да се претстават во список. На пример, на Филипините, верата и поддршката од семејството и од соседството играат голема улога во надминувањето на последиците од екстремните природни настани.

Ратке нагласува дека човештвото може да влијае на изложеноста, а со тоа и на веројатноста за екстремни настани. „Имено, изложеноста наспроти природните опасности е директно поврзана со климатските промени.“ Таа објаснува дека на човештвото ќе му се закануваат помалку природни катастрофи доколку успее да го ограничи глобалното затоплување.