Annus horribilis MMXVI | Северна Македонија | DW | 17.10.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Annus horribilis MMXVI

се чини дека батериите на часовникот на Заев се веќе речиси празни. Неисполнетите ветувања од ноември 2016 се поклопуваат со очајната желба за враќање кон истите теми на тогашната предизборна кампања. Пишува Арсим Зеколи

Што, по ѓаволите, се случи во 2016 година? Се обидувам да се потсетам дали токму таа година имало некаква масивна соларна експлозија на Сонцето кое предизвикало електро-магнетен бран со емотивни, психолошки последици ширум планетата. Има ли астролог и читач на звезди кој ќе одговори дали во тој календарски период Јупитер се движел ретроградно, Венера била во асцендирачка позиција кон Нептун, додека пак авторитарниот Сатурн повторно тргнал напред во уште една мисија на строго казнување како отрезнување на човештвото? Дали во утробата на универзумот се одвивала колосална космичка совршена бура, налик на претскажувањата на Маите? Да не испадне на крај дека планетата Нибиру сепак постои, скриена зад месечината, емитирајќи кон нас некакви чудни фреквенции на залудување.

Или пак навистина се се сведува дека сме лапале и вдишувале енормни количини на алуминиум. Или некаква си слична легура фрлена врз нас од тие, хм, вечно сомнителни авиони и уште посомнителни опашки зад нив.

Низ историјата ретко ќе наидете на година слична на 2016, оптоварена со драматични настани кои ќе имаат долгорочни последици. Можеби единствено 1914 како година кога почна Првата светска, 1939 како почеток на Втората светска војна, или пак 1981, позната како "најнасилна година”. Всушност, речиси е неверојатно да се даде било каков коментар за безмалку секој битен настан од денешницата, а притоа да не бидеме принудени да се навратиме на случувањата кои ја имаат одбележано таа ужасна 16 по ред година од дваесет и првиот век.

Кажано во манирот на Бане Бумбар, таа година пролетта започна со дождливи солзи, како што би се надополнила Ксенија Еркер. Во пролетта таа година се случи судењето на Луиз Игнацио Лула да Силва и рушење на претседателката Дилма Русеф. Како прв чин на драмата која ќе заврши со востоличување на Жаир Болсонаро како претседател на Бразил. Дури годинава дознавме дека судскиот процес на Лула бил наместен, а Русеф срушена низ сомнителен импичмент.

Неколку месеци подоцна, бевме сведоци на трагедијата на Алепо во Сирија. На другата страна на светот, Северна Кореја стана нов член на ексклузивниот клуб земји со нуклеарно вооружување.

Во таа година се случи и востоличувањето на Родриго Дуерте како нов претседател на Филипините. Избран на бранот на неговиот сочен вокабулар, имиџ на убиствен истребувач на нарко зависници, без влакно на јазик и без товар на од национален лидер очекувана префинетост во однесување. Тоа што добар дел од неговата предизборна кампања се базираше врз вулгарни навреди кон Обама и жесток анти-американизам нема да биде пречка за подоцнежно менување на курсот кон Америка.

Во една топла вечер на седмиот месец од таа година, спокојот и безгрижниот жагор на Истанбул и Анкара беше нарушен од звукот на тенкови врз мостови и борбени хеликоптери во полн напад врз полициски станици. Небаре како да беше вчера, паметам како го следевме face-palm обраќањето на Реџеп Таип Ердоган до граѓаните, со повик да не отстапат пред обидот за државен удар. Часот замислен како судбинска последна минута на владеењето на Ердоган, на крај ќе биде запаметен како прв акт на неговиот залет во целосно освојување на земјата. А отскора, со слични амбиции и во соседството.

Во јуни таа година, мнозинството граѓани на Велика Британија решија да кажат "фала друштво, доволно беше” и изгласаа излез на нивната земја од Европската Унија. Светот беше во шок. Европа се соочи со помислата дека сепак не е незаменлива. Оттаде барата, Стивен Колбер низ шега тврдеше дека токму Брегзит е добредојден феномен кој ќе ги отрезни американците во ноември.

Но во ноември, Доналд Трамп беше тој кој последен се смееше како победник на изборите. Додека во позадината на екраните во црвено-бело-сини бои блескаше неверојатниот напис под неговото име: 45-иот Претседател на Соединетите Американски Држави.

Неколку недели подоцна, на декемвриските предвремени избори кај нас триумфираше Груевски, победи Заев, тепаше Али.

Се што следеше подоцна беше пост-фестум редослед на главоболка по мамурните одлуки. Некаде низ 2017 полека се соочувавме и помирувавме со направените избори, иако сеуште благонадежни дека нештата и не се така лоши како што вечните паничари и алармисти не предупредуваа. Во годината потоа, срамежливо си признававме дека сепак сме биле малку, ама сосема малку наивни за тоа што верувавме во прелесно дадени ветувања. Притоа кревајќи раменици и со оправдување дека всушност намерите ни биле искрени, ама ете, сме фрлиле бисери пред прасиња.

Ѓаволот ја однесе и шегата и самозалажувањето во 2019 година. Брутално соочувајќи не со тешките последици на лесните одлуки донесени три години порано. 

Доколку 2016 година беше година на заплетот, чинам дека 2019 веќе почнува да наликува на година на соочување со неминовноста од промените во 2020 како година на расплетот, како што би кажал Слобо Милошевиќ. Популарноста на Болсонаро и Дуерте е во сериозна криза, бурата над Алепо се има придвижено кон некои други несреќни градови и села, светот научи да го сака и живее со севернокорејскиот Стрејнџлоу и неговата бомба, Султан Ердоган го изгуби Стамбол, Брисел и Лондон постигнаа договор околу Брегзит, Доналд Трамп е соочен со импичмент. Надежта гине последна за нашите желби да 2020 ја пречекаме и славиме како долго очекувана, насушно потребна Аnnus Mirabilis на спокој и разум..

Дома, при нас, се чини дека батериите на часовникот на Зоран Заев се веќе речиси празни, со сказалки кои се помрзеливо и побавно тераат напред кон "цагер моментот” во кој неисполнетите ветувања од ноември 2016 се поклопуваат со очајната желба за враќање кон истите теми на тогашната предизборна му кампања. Добиени со ветувања за високи плати, апсење на криминалци, ставање крај на корупцијата, шкартирање на ДУИ, започнување преговори со ЕУ. Од сите дадени ветувања, исполнети се само оние кои не се спомнуваа – Договорите со Атина и Софија. Па дури и тие, да почекаме малку пред да ни се исполни желбата за започнување на преговорите со ЕУ. Но, по можност да не биде исполнета според еврејската поговорка.

 

Реклама