„America first″, што ли значи тоа? | Свет | DW | 21.01.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

„America first", што ли значи тоа?

Новиот американски претседател интересите на САД ги става пред сѐ па и пред долгогодишните сојузништва. За да ја обедини поделената земја тој посега по опасен национализам, смета Инес Пол.

Доналд Трамп е Доналд Трамп е Доналд Трамп е Доналд Трамп. Оние кои се надеваа дека бизнисменот од Њујорк ќе го промени својот агресивен тон откако ќе даде заклетва за претседател, многу се излажаа. Првиот говор на новиот американски претседател не остава простор за шпекулации: на Трамп, како носител на досега највлијателната политичка функција во светот, не му паѓа на памет да ја ублажи својата реторика. Напротив, тој продолжува да ги повторува формулациите на кои се повикуваше во својата изборна кампања.

Ветува дека со изолационистичка економска и одбранбена политика ќе ја направи Америка повторно голема. Најавува дека тој, мултимилионерот, со својот кабинет кој се состои од мултумилионери, ќе ја направи земјата поправедна. Оти ќе се погрижи за квалитетно образование и пред сѐ за сигурни работни места така што ќе го спречи влијанието од странство. И дека САД за време на неговиот мандат само ќе се грижи за сопствените интереси и за сопствениот просперитет.

На Трамп не само што не му е јасно дека таквиот концепт значи напушатње на улогата на САД како „светски редар“ туку тоа за него, кој интересите на сопствената земја ги става пред сите останати, не е никаков проблем.

Ново е тоа што не слушнавме ништо ново

Од овој 70-годишник за време на неговата свечена инагурација не слушнавме ништо ново. А сепак тоа има своја тежина. Бидејќи без оглед на тоа што моќта на американскиот претседател е ограничена, тој во голема мерка влијае на политичкото расположение во земјата. 500.000 симпатизери на Трамп кои допатуваа од сите страни на земјата, френетично му аплаудираа на својот идол. Токму затоа што остана на своите предизборни ветувања. А од друга страна еднакво одлучно настапуваат и неговите противници кои протестираат против оваа нова политичка линија во Вашингтон. Долгиот период на предизбори во САД нужно доведува до тоа новиот претседател, кога конечно ќе положи заклетва и ќе седне во претседателската фотелја, пред себе има ранета, поделена земја. Тоа е секогаш така, иако овој пат предизборните пресметки благодарејќи на провокативната реторика на Доналд Трамп допреа досега невидено ниско ниво. Токму поради тоа веќе со децении новите станари во Белата куќа во своите први гестови се трудат да бидат што помирливи. И во тоа, меѓутоа, Доналд Трамп е исклучок.

Тој не верува во силата на помирување туку во силата на лидер со цврста рака. Со секој свој збор и гест тој на првиот ден на новата позиција сигнализира дека има намера да ги преземе работите во свои раце. Притоа и натаму има намера да биде демагог кој сѐ што е „странско“ го гледа како закана која разгорува стравови кои потоа ги користи за да ги привлече толпите на своја страна и да ги држи под контрола.

Така пак поставува бројни замки за либералните, космополитски ориентираните граѓани на Америка кои сакаат нивната земја да биде сосема поинаква и кои се гледаат себеси како дел од слободниот, отворен свет за кој треба да се борат.

Реалност пред која не смеат да се затвораат очи

Но без разлика на тоа што 54 насто од Американците всушност сакаа во Белата куќа да се всели еден друг претседател, односно претседателка и што благодарејќи на застарениот изборен систем победи кандидатот кој доби 3 милиони гласа помалку, факт е дека стравовите, грижите и проблемите на многу Америкаци се вистински. Би било фатално и арогантно таа вистина да се игнорира. Вистинска срамота е тоа што во една од најбогатите земји во светот толку многу луѓе живеат во крајна сиромаштија, толку деца на свет доаѓаат без никаква перспектива само затоа што се родени во „погрешни“ семејства и ги чека образовен систем кој ги поттикнува пред сѐ привилегираните. Толку многу луѓе да се чуствуваат оставени на цедило. Постојат многу прифатливи причини поради кои симпатизерите на Трамп загубија верба во политичката елита.

Феномен како што е Доналд Трамп може да се случи само во САД. Но дека ароганицијата и игнорирањето на политичкиот естаблишмент отвора врата за опасни националисти е појава која во никој случај не својствена само за САД.

 

DW.COM

Реклама