1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Протести против проект на Кушнер во Албанија

ЖА /АРД
3 јуни 2026

Во Албанија избувнаа протести против изградба на луксузен ресорт на островот Сазан, поврзан со зетот на Доналд Трамп, Џаред Кушнер, поради сомнежи за корупција и еколошки штети.

https://p.dw.com/p/5ElY5
Граѓани во Тирана протестираат против градежен луксузен проект на островот Сезан
Илјадници граѓани излегоа на улиците на главниот град Тирана, носејќи транспаренти со пораки како „Албанија не е на продажба“ и „Иванка, оди си дома“Фотографија: Brunilda Kazani/DW

Во Албанија расте незадоволството поради планираната изградба на луксузен ресорт на островот Сазан, проект во кој е вклучен и Џаред Кушнер – зет на американскиот претседател Доналд Трамп. Проектот предизвика масовни протести, додека специјалното обвинителство покрена истрага за неговата реализација.

Илјадници граѓани излегоа на улиците на главниот град Тирана, носејќи транспаренти со пораки како „Албанија не е на продажба“ и „Иванка, оди си дома“. Со овие пароли демонстрантите алудираа на сопругата на Кушнер, Иванка Трамп, ќерка на Доналд Трамп.

Главното барање на демонстрантите е стопирање на изградбата на ресортот на островот Сазан. Тие изразуваат загриженост дека проектот може да предизвика сериозни еколошки последици, како и дека постои ризик од корупција во процесот.

Почната истрага и контроверзии околу инвестицијата

Претходно, Специјалното обвинителство за борба против корупција и организиран криминал во  Албанија соопшти дека започнало истрага за целиот градежен проект.

Компанијата на Џаред Кушнер, „Atlantic Incubation Partners LLC“, планира да инвестира околу 1,4 милијарди евра во Албанија. Критичарите, меѓу кои и дел од јавноста и аналитичари, обвинуваат дека Кушнер и неговата сопруга ја користат политичката позиција и влијанието на семејството Трамп за лични деловни интереси. Познато е дека семејството Трамп има инвестирано во бројни луксузни проекти ширум светот.

Албанските власти во изминатата година првично го поддржаа проектот, дури и го забрзаа процесот на одобрување со тоа што му доделија на Кушнер статус на „стратегиски инвеститор“. Владата на Албанија под водство на премиерот  Еди Рама подолг период се обидува  да го поттикне економскиот развојпреку туризмот.

Островот Сазан, каде што е предвидена изградбата, во минатото бил користен исклучиво како воена база, што дополнително го прави проектот чувствителен од аспект на безбедноста, животната средина и јавниот интерес.