1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Борис Џонсон - барон Минхаузен се сели на Даунинг стрит

Барбара Везел/ агенции
23 јули 2019

Членовите на владејачката Конзервативна партија на Велика Британија со големо мнозинство за свој лидер, а со тоа автоматски и за премиер, го избраа Борис Џонсон, без оглед на лошиот имиџ и лагите кои ги шири.

https://p.dw.com/p/3Mb8e
Großbritannien London | Boris Johnson wird neuer Premierminister
Фотографија: Getty Images/AFP/T. Akmen

Последниот настап на Борис Џонсон во источен Лондон пред гласањето на Ториевците за свој иден партиски шеф и со тоа иден премиер, наликуваше на театарска сцена по негов вкус. Џонсон мавташе со риба харинга завиткана во пластична фолија. Рибата била од рибарница од источниот дел на Островот Ман. „По децении во кои харингите едноставно биле испраќани по пошта, сега трошоците, поради бриселската бирократија, масовно се пораснати. Зашто, таа инсистира секоја риба да мора да биде во замрзнато пластично пакување.“ Тоа, според Џонсон, е бесмислено, скапо и штетно за околината. По Брегзит, Велика Британија може да се ослободи од такви прописи, порача Џонсон.

Всушност, оваа приказна е сосема погрешна. Од една страна, Островот Ман, кој се наоѓа помеѓу Ирска и Велика Британија, не припаѓа кон ЕУ и, ако воопшто, нејзините прописи ги следи само доброволно. Од друга страна, ЕУ не е надлежна за правилата во врска со хигиената и сигурноста кај националниот транспорт на животни производи, таа е надлежна за транснационалните прописи. Портпаролот на ЕУ во Брисел тоа веднаш го разјасни. Проклетата амбалажа за риби, чадени харинги, потекнува значи од лондонската бирократија.

Џонсоновите фантастични приказни

Поради овој и други инциденти, Мартин Волф, главниот уредник на „Фајненшл тајмс“, го нарекува Борис Џонсон и  „сериски фантазер“,  кој не е способен за највисоката државна функција. Но не само за харингите, Џонсон својата бујна фантазија ја докажа и во врска со велосипедите.

Минатиот понеделник тој одговараше на прашање - кога плачел последен пат. Одговорот: кога неговиот омилен велосипед, Бајки, бил украден пред Парламентот. „Тој велосипед го имав цело време, и додека бев градоначалник. Никогаш не беше украден, а го оставав насекаде низ градот. Садик Кан (градоначалник на Лондон, н.з.), не ни стапи како што треба на должноста, а велосипедот е украден“, изјави Џонсон. 

Тој раскажува анегдоти за да го пецне својот политички противник. За жал, самиот докажа дека приказната не е точна. Во 2014 година во една колумна напиша дека неговиот Бајки пропаднал во дупка на патот и морал да го фрли во старо железо. Во тоа време тој самиот уште беше градоначалник.

На последните локални избори во мај, Џонсон на Твитер напиша дека тој веќе гласал за Конзервативната партија и неговите сонародници треба да го следат неговиот пример. Глупаво е единствено што во неговото место на живеење во Лондон, локални избори не беа одржани. Твитот потоа прилично брзо беше избришан. 

Ова се само неколку примери кои зборуваат за – внимателно речено, опуштениот однос кон вистината. „Борис секако е понекогаш тежок карактер, на него често не може да се потпрете“, вели Ен МекЕлвој од „Економист“ за германското радио „Дојчландфунк".

Сомнеж во компетентноста на Џонсон

„Му бев шеф на Борис Џонсон –  тој е целосно неспособен за да биде премиер“,  напиша неговиот бивш претпоставен во весникот „Дејли телеграф“, Макс Хастингс. „Тој не би препознал вистина ако би му била презентирана во соочување со аргументи“, напиша Хастингс.

На крајот, Џонсон неодамна почна да дебатира за тоа колку деца има тој всушност. Имено, нему му се припишуваат повеќе деца од вонбрачни афери. Неговите советници веројатно морале јасно да му кажат дека погрешни наводи би предизвикале вистински скандал. Но, кај Џонсон секаква полемика е бескорисна, вели неговиот бивш шеф Хастингс. Без оглед колку и да се зборува за недостатоците на Џонсон,  кај членовите на неговата партија тоа не остава трага.

Großbritannien London | Jeremy Hunt gratuliert Boris Johnson
Џереми Хант му честита на Борис Џонсон по изборот за лидер на КонзервативцитеФотографија: picture-alliance/empics/S. Rousseau

Незапирливо кон премиерската фотелја

Иако никогаш во поновата британска историја еден премиерски кандидат не бил оценуван толку лошо, иако никогаш немало толку бројни собрани докази за неговиот „креативен“ однос кон вистината и за неговата неспособност да ги владее поединостите на премиерската должност, неговиот пат на функцијата британски премиер се чини незапирлив.

Одлуката ја донесоа околу 160.000 членови на Конзервативната партија. Тие претставуваат нешто повеќе од 0,3 % од британското гласачко тело и како група не се репрезентативни: мнозинство во партијата се постари, добростоечки, мажи-белци, повеќе од 40 проценти од нив се на возраст од преку 66 години.

Кога во 2007 година Гордон Браун, без одржување нови избори, ја презеде должноста од Тони Блер, Борис Џонсон напиша дека постапката е „недемократска“. 12 години подоцна, се чини дека таа оценка не важи за него самиот. 

Поранешни познати имиња на Ториевците, како Мајкл Хезелтајн и бившиот премиер Џон Мејџор, проплукаа отров и жолч против амбициите на Борис Џонсон да стане премиер. Но, неговиот подем ништо не можеше да го запре. 

Брегзит или нерегулиран Брегзит, прашање е сега!

Мејџор ќе направи сѐ за да спречи под водство на Борис Џонсон да биде извршен нерегулиран  Брегзит.

Ем МекЕлвој од „Економист“ меѓутоа верува: „Борис Џонсон понекогаш е многу паметен и флексибилен, пофлексибилен отколку што навестува во своите слогани. Тој ќе се обиде уште еднаш да преговара, во секој случај нема веднаш да инсистира на нерегулиран Брегзит.“

Конзервативниот политички магазин „Нешнл ривју“ сепак верува во следново: „Ако е дојдено време за Борис Џонсон, тогаш часовникот веќе не функционира.“ Тоа би можело да важи за Велика Британија, но во ЕУ и натаму важи: 31 октомври е повторно Ден на Брегзит. Дотогаш новиот премиер Борис Џонсон мора да реши дали ќе го исполни своето последно ветување – дека на тој клучен ден „на живот или смрт“, ќе ја изведе земјата од ЕУ.