1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

234 лица уапсени во рекордна антидопинг операција

СН/агенции
9 јули 2019

Станува збор за најголема антидопинг операција досега: Иследници од 33 земји, меѓу нив и македонски, дејствуваа истовремено. Само во Европа биле растурени 9 тајни лаборатории и запленети речиси 24 тони стероиди.

https://p.dw.com/p/3LmQa
Europol Internationale Razzia Doping Medikamentenfälschungen
Фотографија: Europol

33 земји, меѓу кои и Северна Македонија, учествуваа во меѓународната полициска акција со кодно име Вирибус, координирана од страна на Европол, за спречување на трговијата со допинг материјали и фалсификувани лекови.

Операцијата која беше предводена од италијанските НАС карабинери и финансиската единица на грчката полиција, е најголема акција од ваков вид досега. Притоа се запленети 3,8 милиони незаконски допинг супстанции и фалсификувани лекови, разбиени се 17 организирани криминални групи и затворени девет илегални лаборатории, уапсени 234 осомничени лица и покренати 839 судски постапки.

Повеќе:

-Допинг-земјотрес во светската атлетика

Како што се наведува во соопштението на Европол, затворањето на илегалните лаборатории била една од главните цели на операцијата, а откриени се дури девет во европски земји и притоа запленети се речиси 24 тони стероиден прав.

„Трговците на големо увезуваат огромни количества стероиди за да го задоволат нелегалниот пазар кој го чинат непрофесионалните спортисти, велосипедистите и боди-билдерите“, наведено е во соопштението.  Стероидите, според Европол, главно се купуваат во Азија или источна Европа, а мали организирани криминални групи вложуваат во илегални лаборатории и во продажба на допинг супстанциите, а континуираниот раст на неовластени и нерегулирани аптеки на интернет придонесува за ширење на бизнисот.

Europol Internationale Razzia Doping Medikamentenfälschungen
Фотографија: Europol

Вистински резултати

Нелегално произведените допинг средства и лекови биле продавани онлајн токму преку ваквите аптеки, но и во локални теретани, спортски студија, но и на нелегални улични продавници и пазари. Фармацевтската индустрија соработувала во обезбедувањето на разузнавачки податоци преку Институтот за фармацевтска безбедност. Акцијата била спроведена во 10 земји членки на ЕУ и десет земји надвор од Европската унија, меѓу нив и Северна Македонија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Украина, но и Колумбија. 

Во операцијата Вирибус, меѓу другите беше вклучена и Светската антидопинг агенција - ВАДА. Главниот иследник на ВАДА, Гинтер Јангер ја пофали соработката со властите, бидејќи, како што истакна, таа донесла „вистински резултати“ и значително ја намалила достапноста на фалсификуваните и нелегални стероиди, анаболици и лекови.